„Зад хоризонтот“ е македонско–швајцарската копродукција која скопската публика може да ја види премиерно во киното Милениум вечерва (15 ноември), од 20 часот, а во рамки на Гала програмата на 18. Меѓународен фестивал на европски филм Синедејс. Филмот каде малцински продуцент е Кино Око, а главната улога ја толкува познатата француска актерка Летиција Каста го затвора годинешното издание на Синедејс.

Ова остварување, што е во режија на Delphine Lehericey, ја раскажува приказна за летото, 1976 кога Европа поминува низ една од најлошите суши во историјата. На фармата, Гас (13) го поминува летниот распуст во читање стрипови, помагање на татко му, кој сета своја заштеда ја има вложено во современ кокошарник, и во игра со Мадо, детето од селото. Но полека неговиот познат универзум почнува да попушта… Мајка му, секогаш грижлива, почнува да поминува сѐ повеќе време со убавата Сесил, додека татко му е принуден сам да се справува со разорните последици на сушата. Гледајќи го уништувањето на неговото семејство, Гас е принуден да порасне побрзо и да ја остави невиноста на детството зад себе…

Годинешното издание на „Синедејс“ со прикажување ни култните филмови на британската трупа Монти Пајтон „And now for something completely different“, „The Meaning of Life“, „Live at the Hollywood Bowl“, „Тhe Holy Grail“ и „Life of Brian“ и со мастерклас на продуцентот Стив Абот се приклучи кон прославата на 50 годинината од првото емитување на комичната серија “Monty Python’s Flying Circus” на BBC1 во далечната 1969.

Притоа, на специјалниот гостин, продуцентот Абот му беше врачена наградата за животно дело за неговата работа со Монти Пајтон. Меѓународен фестивал на европски филм „Синедејс“, по 18 пат се отвори на 7 ноември со македонскиот филм „Ефектот на среќа“ на Борјан Зафировски, а во негови рамки беа прикажани најактуелните остварувања од европските фестивали и македонската кинематографија, музички и дебитански филмови и концерти.