Апсолутен победник е песната „Ема убава“, која маестрално, на свој начин ја испеа добро расположениот Мишко Крстевски. Песната е весела, певлива со рефрен кој брзо се лепи за уши. Комплетен автор на победничката песна е познатиот скопски хитмејкер Љупчо Трајковски-Фис. Инаку, авторот изјави за ВЕЧЕР дека името Ема во насловот не е случајно, тоа е затоа што така се вика убавата внука на Фис

Дуле Миќиќ

По три дена и три ноќи, секако незаборавни и распеани, заврши годинашното издание на „Фолк-фест Валандово“, и тоа на најдобар можен начин со финалната вечер на која беа исполнети 20 нови македонски новосоздадени песни. Фестивал со традиција, фестивал по кој надалеку се препознава македонската фолк-сцена. Но, и фестивал кој секоја година со задоволство е следен и од весникот ВЕЧЕР.

И оваа пролет слушнавме валандовски песни, која од која поубава, потенцијални хитови. Публиката ја исполни салата на Домот на културата до последното место и, исто така, гласаше за најдобрите. Кога се собраа гласовите од жирито и од публиката, фестивалот си ги доби победниците. Заслужено.

Апсолутен победник е песната „Ема убава“, која маестрално, на свој начин ја испеа добро расположениот Мишко Крстевски. Песната е весела, певлива со рефрен кој брзо се лепи за уши. Комплетен автор на победничката песна е познатиот скопски хитмејкер Љупчо Трајковски-Фис. Инаку, авторот изјави за ВЕЧЕР дека името Ема во насловот не е случајно, тоа е затоа што така се вика убавата внука на Фис.

Втората награда е за Елена Андоновска, која ја испеа песната „Ни седум неба ни седум гори“ од авторите Горан Стојановски и Борче Нечовски.

Третата награда замина кај Анета Мицевска и групата „Молика“ за убавата емотивна песна „Букети од сомнежи“.

Фестивалот им оддаде почит на легендарните Ѓоко Дончев и Милан Завков. Организирањето на фестивалот од Општина Валандово и оваа година заслужува само пофалби, искрено чиста десетка! И со цврсто убедување, а зошто да не, дека и следната година во Градот на калинките повторно ќе има песна, убава, емотивна, певлива и повторно ќе има фестивал, ваков каков што сите го сакаме.