Заврши протестот во Атина – најмалку 40 повредени и седуммина уапсени

52

Во инцидентите во делот околу грчкиот Парламент за време на протестот против Договорот од Преспа, повредени се најмалку 40 лица од кои 25 полицајци, еден фоторепортер и еден снимател, а приведени се 12 лица, од кои седуммина се уапсени, јави дописничката на МИА од Атина.

По судирите меѓу маскираните лица и полицијата, што траеја околу три часа, ситуацијата пред грчкиот Парламент се смири, протестот заврши, граѓаните си заминаа, а во центарот на Атина дојдоа возила на општинската комунална служба за да ги исчистат улиците од мермерот, камењата, предметите, шишињата, но и остатоците од солзавецот и шок бомбите.

Она што остана да сведочи за денешниот протест беа и слоганите кои кусо пред да започнат инцидентите, ги испишаа со спреови дел од маскираните лица – Демократијата ја продаде Македонија“, но и пцовки упатени кон Ципрас, а го ставија и нивниот потпис – Златна зора.