Заврши битката за откупната цена на грозјето, лозарите задоволни од помошта

Лозарите се задоволни од помошта и поддршката на Владата, но не и од односот на некои од винариите кои не ги почитуваа договорените откупни цени. Лозарите ќе добијат два денара за килограм произведено и предадено винско грозје од Програмата за поддршка од ковид-19 и дополнителни два денари за одржување на постоечки лозови насади од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2020 годин

93

Регистрираните лозари до крајот на годината ќе добијат по два денара за килограм произведено и предадено винско грозје од Програмата за поддршка од ковид-19. Дополнителни два денари по килограм за произведено и предадено винско грозје лозарите ќе добијат и за одржување на постоечки лозови насади. За оваа мерка лозарите треба да аплицираат до крајот на годината, а парите ќе ги добијат наредната година според рокот за исплати во Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2020 година. Мерката е наменета за сортите на винско грозје смедеревка, вранец, бургундец црн, станушина, кратошија, жилавка, кавадарка.
Лозарите се задоволни од мерките за поддршка од Владата, но не и односот на некои од винарските визби кои не ги почитуваа договорените откупни цени.
-Грозјето требаше да се откупува по цена која беше договорена на состанокот меѓу Владата, лозарите и винарските визби по 9 денари за „смедеревка„ и 11 денари за „вранец„. Меѓутоа една винарница направи збрка во откупот на грозјето и поради тоа Владата мораше повторно да реагира и да ни помогне со дополнителна мерка од два денари, изјави за весникот ВЕЧЕР, Трајче Кулев претседател на здружението „Напредни лозари“.
Со субвенциите од четири денари за килограм лозарите ќе ги постигнат ланските откупни цени 15 денари за „вранец„ и 13 денари за „смедеревка„.
Кулев смета дека со понудената можност за стимулации за сите откупувачи за извоз – од два, три и четири денари по килограм ќе се направи конкуренција за самите винарии да размислат што прават со откупните цени. Според него, тоа е добра идеја што треба да се практикува и во иднина.
Од Програмата за поддршка од ковид-19 по 4 денари за килограм откупено и предадено винско грозје во винарски визби ќе добијат и регистрираните производители на вино. Поддршката ќе биде наменета за откупено винско грозје до 18 шеќерни единици со минимална цена од 7 денари по килограм. Намената на оваа мерка е за интервентен откуп на грозје кое ќе биде преработено во производи од винско грозје, а корисници се регистрираните винарски визби. Од оваа Програма ќе бидат покриени и 30 отсто од транспортни трошоци за извезено вино во шишиња која ќе ја користат регистрираните винарски визби и други правни субјекти кои вршат извоз на вино и 20 отсто од транспортни трошоци за извезено наливно вино.
Државата исто така ќе го поддржи и извозот на винско грозје. За извоз до 12 милиони килограми поддршката ќе изнесува 2 денари по килограм, од 12 до 25 милиони килограми 3 денари по килограм и за количини над 25 милиони килограми 4 денари по килограм. Корисници на оваа мерка се регистрирани откупувачи кои ги исполнуваат условите за извоз на земјоделски производи.

(А.С.)