Забраната за движење низ парк-шумата Водно важи или не важи?!

924

Иако во вторникот е издадена забрана за движење во парк-шумата „Водно“ и на Скопска Црна Гора, истата вечер на Водно беше полно со луѓе. Забраната не се почитуваше, а надлежните топката ја префрлуваат од еден на друг

На барање на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, Владата во вторникот воведе целосна забрана за движење на Водно и на Скопска Црна Гора. Оттаму апелираа до сите граѓани да ја почитуваат забраната и да не се движат низ шумските подрачја во земјата заради заштита на личната безбедност и заради спречување натамошно ширење на пожарите. На терен, почитување нема!

Граѓанин до редакцијата на весникот ВЕЧЕР реагираше дека вечерта во вторникот забележал движење на луѓе на Водно, кои сакајќи да ги избегнат горештините, спас побарале во ладовината на шумата. Со тоа, ја прекршиле забраната на Владата, но од МВР велат дека до нив не стигнале никакви пријави дека не се почитува одлуката.

– Оваа одлука ја донесе Владата на предлог на јавното претпријатие „Национални шуми“ и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. За контрола дали се почитува или не одлуката на Владата за забрана на движење низ шумите е одговорна Шумската полиција при Министерството за земјоделство. Таа е на прво место по контроли од ваков вид. Затоа најубаво е да се обратите до нив – вели портпаролката во МВР, Сузана Прањиќ-Талевска. 

Од Град Скопје потенцираат дека забраната за движење низ шумите е исто како кога се воведува полициски час, а за тоа кој го почитува, а кој не, треба да се грижи МВР.

– Нашите инспектори можат да казнат само за комунални прекршоци, а не и за непочитување на Владина одлука – велат градските власти.

Од Шумската полиција објаснуваат дека и покрај тоа што примарна дејност им е контрола на сеча на дрвна маса, сепак имаат редовни патроли по шумите и во случај да забележат движење на луѓе, кога е на сила забрана, како овој пат, имаат право да казнуваат и да напишат пријава.

– Нашата надлежност е за контрола на сеча на дрвна маса исто како и сообраќајната контрола, само што ние контролираме дали оние што имаат товарено дрва, имаат дозвола за тоа, дали е исечена дрвна маса колку што е наведено во документот. Но, сепак со донесувањето на Владината одлука за забрана на движење низ шумите, ние настојуваме да ја спроведеме и притоа вршиме контроли. И ние имаме редовни патроли и во случај да забележиме движење, имаме право да казниме и пишуваме пријава – образложуваат од Шумската полиција и додаваат дека постојат шумо-чувари при ЈП „Национални шуми“, чија надлежност е да контролираат во шумите.

Директорката на ЈП „Национални шуми“, Јулиана Николова вели дека парк-шумата „Водно“ е изземен  од нивна ингеренција и дека надлежноста е на Градот Скопје.

– Ќе се консултираме со останатите надлежни институции и органи и ќе утврдиме дали и каде не била почитувана одлуката за забрана на движење низ шуми. Во секој случај, кој орган да има утврдено прекршувања треба да поведе постапка – децидна е Николова.    

Градските власти потенцираа, доколку некој забележи пожар, тоа веднаш да го пријави во Противпожарната бригада на телефонскиот број 193 или во Центарот за управување со кризи, на телефонскиот број 195.

 (А.П.)