Жителка на Волково ги подбра градоначалникот и премиерот 

321

– Чекаме веќе 18 години, ништо не направивте, само кал, до кога ќе чекаме. Вака револтирана жителка на Волково им се обрати на градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски, кој заедно со премиерот Зоран Заев и заменик-министерката за образование, Елизабета Наумовска беа на увид на изградбата на новата спортска сала во ОУ „Јоаким Крчовски“.

За време на давањето на изјавите, револтирана жителка на Волково рече дека не е направена фекалната канализација и асфалтирање на улицата, за која чекаат веќе долго време.

Заев и Наумоски и одговорија дека за две години колку што е на функција градоначалникот на Ѓорче Петров не може да се направи сè во општината.

– Претходниот проект беше погрешен. Ќе мора да почекате уште малку. Прво мора да се направи фекалната канализација, потоа да биде асфалтирана улицата – одговори Наумоски.

Одговорот не ја задоволи жителката која инсистираше да добие конечен одговор и прецизен датум кога ќе им биде направена канализацијата.

– Во тек се правни постапки, но спроведувањето на проектот продолжува – дополни Заев и додаде дека се дојдени за убав настан и дека реакцијата на жителката е исценирана претстава.

Наумовски објасни дека во последните две години откако е на чело на општината, спроведени се многу проекти за подобрување на инфраструктурата во општината, ама дека тој при доаѓањето на функцијата затекнал многу неповолни состојби.

– За прв пат по 60 години ОУ„Јоаким Крчовски“ добива спортска сала. Во руралниот дел на општината, вклучувајќи ги Волково, Стопански Двор, Кисела Јабука, Ново Село, Орман и Никиштани се вложени многу средства. Само за изградба на улици во руралните средини од општината се инвестирани 500.000 евра, дополнително исто толку пари се инвестирани преку ЈП „Македонија пат“ и Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта. Потпишани се договори и воведени во изградба за кружен тек кон село Волково и пат кон Кучково реализација преку платежната агенција во висина од околу 400.000 евра. За три години завршивме фекална канализација во висина од 300.000 евра – рече Наумоски.

(С.Бл.)