Жителите се жалат на неподнослива смрдеа

266

Жителите од населбата Даме Груев што живеат во близина на пругите, се жалат на неподнослива смрдеа, која доаѓа од депонијата во која има сè и сешто, од кабаст отпад, стари лавабоа, пластични легени до картони. Тоа го аргументирале со фотографии, кои ги постирале на фејсбук-групата „Наше Ѓорче“.

Вината за ваквата состојба ја префрлаат на Општината. Според нив, ѓубрето го истовараат општинските камиони и се револтирани бидејќи не само што се шири неподнослива миризба туку и депонијата може да биде потенцијална причина за ширење заразни болести.

Велат дека градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, им ветил дека ќе ги исчисти сите депонии, а сега создава нова.

– Срамота, на што личи ова, сите зборови пред избори излегоа само празни зборови – се само дел од коментарите на граѓаните на Општина Ѓорче Петров напишани на социјалните мрежи.

Од комуналниот пункт на Општина Ѓорче Петров признаваат дека фрлале смет на посочената локација, но одамна не го прават тоа.

– Одамна не истовараме ѓубре овде, бидејќи кога видоа, и граѓаните почнаа да фрлаат смет. Во најбрзо време депонијата ќе биде исчистена во соработка со јавното претпријатие „Комунална хигиена“, бидејќи на оваа локација треба да се формира претоварна станица – нагласи Даниел Петковски, раководител на Комуналниот пункт на Општина Ѓорче Петров.

Тој смета дека миризбата не доаѓа од депонијата, туку дека станува збор за друг проблем. Имено, дел од просторот каде што некогаш имаше депонија, а сега никнува мегапарк, во Ново Село, е на приватно лице, па има ископано дупка во која секој викенд се пали ѓубре, и непријатната миризба се шири оттаму.

– Секој викенд доаѓаме да го гасиме запаленото ѓубре во оваа дупка – се жали Петковски.

Ова не е прв пат жителите на оваа Општина да се жалат на депонии. Депонии имаше и во Волково, а на депонија претходно се жалеа и жителите на Ново Село, каде што сега се гради мегапарк.

(А.П.)