Жителите од Ново Маало го поздравија почетокот на изградбата на станбено-деловниот комплекс спроти „Холидеј Ин“

82

Жителите од Ново Маало денеска го поздравија отпочнувањето со градба на станбено – деловниот комплекс „Гранд Скопје“, на градежната парцела 1.1 спроти „Холидеј Ин“.

-Среќни сме што се гледа почетокот на крајот на нашиот повеќедецениски проблем и што конечно и ние ќе добиеме достојни услови за живот, како што доликува на едно централно градско подрачје- наведуваат жителите во денешното соопштение.

Тие уште еднаш повторија  дека повеќе од 50 години живеат во услови како во 19 век, без фекална и атмосферска канализација, со септички јами, нерешено греење и без основни услови за движење  низ улиците, при тоа без никаква можност самите да го решат овој проблем и самостојно да приспат кон легална реконструкција на своите домови.

-На овој простор нема никакво зеленило, ниту инфраструктура, единствено кал, распукан бетон и депонија за отпад- потенцираат жителите од Ново маало.

При тоа, потсетуваат дека доколку дојде до било какви обиди за повторни опструкции од било кои поединци, институции или организации за стопирање на проектот, најостро ќе реагираат и се подготвени да ги преземат сите правни механизами и ќе поднесат тужби до институциите за претрпена штета.

-Веруваме дека инвеститорот ќе го заврши овој објект во предвидениот рок и согласно претходно презентираниот проект, кој ветува урбано домување со многу зеленило, уреден јавен простор и што е најважно, достојни домови за живот – велат жителите на Ново Маало.