Со протест под мотото „Стоп за бетонизацијата на Расадник и Кисела Вода“ жителите на скопската населба Расадник побараа да престане бетонизацијата на населбата и да се почитуваат уставните норми и закони за здрава животна средина.

„Бараме нов ДУП кој ќе биде донесен на меѓународен конкурс, а граѓаните да избираат меѓу трите најдобри решенија на референдум. Бараме ДУП кој ќе овозможи цивилизиран и културен развој и живот за идните генерации. Бараме парк, зеленило, спортски и забавни содржини, велосипедски патеки, градинки и училишта и се друго што ќе придонесе за унапредување на животот во кисела Вода““ – велат од Иницијативата „За Расадник на можности за хуман живот во Кисела Вода“.

На местото каде што жителите го организираа протестот се појавија и сопствениците на земјиштето на парцелите кај Расадник кои рекоа дека претходно се било усогласено и затоа нема никакви пречки да бидат изградени околу стотина згради.

Сегашниот ДУП предвидува изградба на околу 100 нови згради на местото на поранешниот расадник во Кисела Вода со што, според жителите на населбата,  дополнително ќе се загрозат и онака лошите и нехумани услови за живеење во овој дел од општината. Жителите велат дека овој план треба комплетно да се поништи, бараат донесување на план што ќе предвиди минимум 40 отсто зеленило, но и изградба на паркови, детски грaдинки, училишта како и поправка на улиците.

„Ние не сме против урбанизација, меѓутоа сме против ваков урбан терор којшто наметнува одредени решенија, порачаа тие и информираа дека ДУП-от ја надминува предвидената станбена површина на ГУП-от за над 300.000 квадратни метри, а улиците се пренатрупани со возила, нема паркинг места и детски игралишта.“