Жителите на Лешани летата ги минуваат без вода

148

Жителите од селото Лешани, кое се наоѓа на територијата на општината Дебрца, се жалат дека во текот на цело лето немаат вода. Тие телефонски се обратија со редакцијата на весникот „Вечер“ и раскажаа за нивниот проблем.

– На овие температури од +40 степени Целзиусови воопшто не се пушта водата, или ако се пушти се пушта еден час во текот на денот и тоа без претходно известување за тоа во кога и во кој период ќе биде пуштена водата – вели жител од селото кој сакаше да остане анонимен.

Тој додаде дека вода понекогаш им се пушта и два часа во текот на вечерта, но и за тоа претходно не се известувани. Од селото истакнуваат дека со овој проблем се запознаени и во општината Дебрца, но до сега ништо не е преземено.

– Проблем е тоа што ова ни се случува секое лето, а до сега никој не го решил проблемот – реагираат жителите на селото Лешани.

Градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески вели дека не е точно оти жителите на селото Лешани немаат цело лето вода.

– Системот за водоснабдување на селото Лешани и уште неколку села од овој крај на општината е од изворите од планината Караорман и во сушниот период има намален притисок поради нерационалното трошење на водата, а поради сушата е намалена издашноста на изворите од каде жителите на ова село и на уште неколку се снабдуваат со вода – изјави Ногачески.

(А.П.)