Жижек: Влеговме во војна со „Пандемија“ и идеите дека ќе заврши набрзо се утопистички

176

„Правилата дека треба да се мијат раце, да се избегнуваат блиски контакти, сето ова помага. Но, основно е тоа дека ни требаат мерки. Јас ги нарекувам ‘комунистички мерки’, а овие мерки не треба да се однесуваат само на здравјето. Ќе имаме проблеми, од снабдувањето со храна до менталното здравје. Мораме, конечно, да го сфатиме ова сериозно“, истакна познатиот словенечки филозоф Славој Жижек на вчерашната онлајн промоција на неговата нова книга „Пандемија“.

Во неговото дело, кое е во издание на „Арс Ламина“, а со поднаслов „Ковид – 19 го тресе светот“, познатиот филозоф се осврнува кон тоа како пандемија ќе го трансформира светот во кој живееме. „Она на што бев сведок овде е дека ние знаеме само за две екстремности, или луѓето се во паника или велат ‘готово е, да се вратиме на нормалниот живот’. Она што ни треба не е паника туку, конечно, да го сфатиме ова сериозно. И навистина да се мобилизираме. Инаку, ова само ќе продолжи“, вели Жижек.

Во разговорот на промоцијата тој ги анализира мерките кои ги преземаат светските лидери и недостатоците во начинот на справување со пандемијата. „Едното решение е тоа, варварското решение на Доналд Трамп и Жаир Болсонаро и ‘де факто’ многу земји кои немаат добра здравствена инфраструктура ќе бидат принудени да го направат тоа. Другото е она на американската технократска дигитална елита: Бил Гејтс, Ендру Куомо… А, тоа е да се преместат, се разбира, оние што се избрани, а тоа може да биде голем број, во она што се нарекува изолирано општество. Дури и медицинските испити, испораката на храна… Без физички контакт или да се ограничи колку што е можно повеќе. Ова ќе доведе до нови класни тензии, ќе воведе разлика меѓу оние што се внатре и оние што се надвор, невидени проблеми. Па, мислам дека единственото вистинско решение е, повторно, не велам дека сè треба да биде национализирано, но многу посилна улога на владата“, вели Жижек.

Смета дека се потребни добро организирани локални заедници. „Во Бразил, во Сао Паоло и Рио де Жанеиро, бандите, ганстерите кои се борат во фавелите го направија она што нашите политичари не можат да го направат. Веднаш склучија мир и почнаа да соработуваат за да им помогнат на луѓето во нивните заедници“, посочува Жижек.

На крајот од разговорот, се осврнува и на Македонија, истакнувајќи дека сочувствува со нашата земја. „Ја сакам вашата земја. Кога бев со мојата жена, се изненадив од тоа што имате сериозен интелектуален живот. Има круг на луѓе кои читаат, дебатираат. И сите ние сме загрижени дека во една ваква ситуација, во која популизмот експлодира, културата ќе страда. Се разбира, многу обични луѓе сметаат дека ова е вонредна ситуација, дека нема потреба од култура, дека е време за обезбедување на основните работи. И можат да се скратат средствата за културата. Тоа е она што навистина ме загрижува. Но, навистина ви посакувам сè најдобро. И знам дека оваа епидемија нема да заврши. Ќе продолжи. Сега само можеме да се надеваме на тоа да ја држиме под контрола. Немојте да се губите во утопиите дека за два месеца ќе има вакцина и сите ќе бидеме безбедни. Не, ќе има којзнае какви други проблеми. Но, заедно ќе се справиме со сè“, завршува Жижек.