ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Љубовен избор

1141

Прашањето за присуството на љубовта во животот на луѓето е актуелна тема за која постојат најразлични одговори. Индивидуалниот став е основен за важноста на љубовта, бракот и семејството, бидејќи не постојат општи правила за приоритетите во љубовните односи.

Луѓето се суштества кои сакаат да бидат во сооднос со другите, така што копнежот и потребата да се доживее љубов и да се пронајде сродната душа се исклучително значајни. Зашто копнеж, бидејќи воопшто не е лесно да се оствари љубовна врска со партнер со кој идеално ќе се сложуваме. Ако ја оствариме, тогаш сé е полесно, зашто покрај себе имаме лице со кое заемно ја чувствуваме убавината и топлината на љубовта. Доколку ја пронајдеме сродната душа, тогаш припадноста го зазема местото на илузијата и површноста.

Најтешкиот предизвик на љубовта е да ја воспоставиме припадноста. Тоа подразбира да оствариме спој на две срца во едно тело, но не како страст, туку како духовна, емоционална и ментална поврзаност. Илузорно е да сметаме дека со доживување на телесната (интимна) припадност, понатаму сé ќе биде совршено. Кога не постои соодветна емоционална поврзаност, неизбежно ќе опадне и интензитетот на страста, зашто без емоции, страста не може константно и квалитетно да го одржува односот.

На почетокот од врската, најчесто не поставуваме доволно прашања, ниту се интересираме за нивото на ментална поврзаност со партнерот. За да дојдеме до емоционална поврзаност потребна е ментална поврзаност, а за да го постигнеме тоа, неопходен е разговор, комуникација и сродност на духовен план. Треба да знаеме дека ако оствариме врска со ментално и духовно некомпатибилен партнер, тогаш неминовно ќе се соочиме со љубовни кризи во односот.

Затоа, клучно е да се поставуваат доволно прашања, да се согледаат афинитетите на партнерот, да се испита неговото семејно потекло, какви вредносни начела негува, дали има капацитет за личен развој и за етичко воздигнување на личноста или е склон на стагнација, егоизам и негативна перцепција.

Корисно е уште од самиот почеток да испитаме со кого си имаме работа, а не откога сме длабоко навлезени во врската. Може да согледаме дека сме во врска со лице кое физички нî привлекува, но на духовен план сме максимално поразлични. А кога духовно сме оддалечени, не може да постои среќа, хармонија и задоволство во односот.

На почетокот од врската, освен што е битно да поставуваме доволно прашања, треба да согледаме дали партнерот е зависен од одредени нешта. Некој може да биде зависен од родителите, друг од пријателите, трет од алкохолот, четврти од пренагласената потреба за успех во кариерата итн. За да се заштитиме од многу стресови, неопходно е да преиспитаме и дали партнерот е „луд” за контролирање. Има луѓе кои се крајно посесивни и љубоморни и тие мошне негативно влијаат врз психофизичката состојба на нашата личност. Кога сме во однос со партнер кој е опседнат со потребата за контрола, ние немаме личен развој, туку имаме страв, несигурност и психофизичка блокада.

Треба да согледаме и дали партнерот е со ореол на жртва, односно дали има високи критериуми, поради кои со ништо не се задоволува. Може целосно да се вложиме и дадеме во љубовта, но тој со ништо да не биде задоволен, зашто смета дека е жртва во односот. Причината поради која овие поединци го негуваат ореолот на жртва, можеби произлегува од емоционалната оштетеност во детството, недостигот на самопочит и личната несигурност, кои длабоко се всадиле во карактерниот профил на нивната личност. Исто така, корисно е да преиспитаме дали партнерот е емоционално затворен, алчен и премногу оддаден на материјалното, зашто тие лица знаат и другите да ги третираат како предмет. За градење хармоничен однос, значајно е и дали партнерот сексуално ни одговара, односно дали е заинтересиран да ја споделува страста.

Најважно од сé е да не дозволиме лицето кое поседува свест за жртва и нас да не направи жртва, но уште поважно е да ја согладеме менталната состојба на партнерот и дали е склон на психички растројства и емоционални фрустрации. За да го осознаеме сето ова потребно е време, но добро е да знаеме што сакаме и на што треба да внимаваме, зашто „ѓаволот ни ора, ни копа” така што ништо не смееме да оставиме на случајот.

За перспективата на љубовниот однос е најопасно ако емоционално, ментално и сексуално се отуѓуваме од партнерот и избегнуваме да бараме решение за проблемите. Во таква ситуација, некои излезот го наоѓаат во неверства и љубовни излети надвор од бракот или врската. Сметајќи дека ќе се спасат себеси, тие пропаѓаат уште подлабоко во „живиот песок” на љубовната нефункционалност. Таквата определба може да ги направи агресивни, критички ориентирани, нервозни и неспособни за градење хармонична семејна заедница.

Клуч за излез од љубовните проблеми е да ги преиспитаме причините за појава на конфликтите и недоразбирањата. Решение може да се пронајде ако имаме заеднички интереси; разговараме еден со друг; со позитивен пристап се обидеме да ги разрешиме несогласувањата; сфатиме дека и кризите се составен дел од животот. Кога афирмативно дејствуваме шансите за стабилизирање на врската максимално се зголемуваат.

Кога кај другиот ги восприемаме позитивните нешта, тогаш многу повеќе ќе придонесеме за надополнување на тие вредности, но полесно ќе се справиме и со неговите/нејзините слабости. Само кога искрено и посветено работиме на проблемот, може да најдеме решение за проблемот.

Во љубовта, како и во животот, е битно да умееме да ги перцепираме позитивните вредности, а не само да ги гледаме и преувеличуваме негативните околности. Ако одлучиме критички да пристапуваме и исклучиво да ги забележуваме неубавите нешта, тогаш ќе создадеме причина за негативно да се чувствуваме. Друга ситуација е ако се чувствуваме потиснати, несреќни и неисполнети и ако партнерот со своето однесување нé води кон егзистенцијалното дно. Тогаш мора да се заштитиме и да го спречиме падот во животот.

Денес мошне брзо и лесно се распаѓаат браковите, но и потешко се склучуваат, па многумина на подоцнежни години започнуваат живот во брачна заедница. Можеби причината се крие и во желбата да се пронајде вистинскиот партнер.

Сакаме да бидеме во љубовен однос со совршен партнер, без да се запрашаме, дали ние сме совршени.

Денес е мошне битно партнерот да биде материјално ситуиран, да има висок статус во општеството или капацитет да напредува. Проблемот е што секој не може да има висок статус, да биде ситуиран или да има успешна кариера. Наместо да се фокусираме кон надворешните аспекти, многу подобро е да ги препознаеме внатрешните квалитети на личноста, какви што се морална воздигнатост, одговорност, посветеност и чувство за градење хармонична семејна заедница. Клучот е да избереме партнер со етички вредности и капацитет за себеразвој и духовно себеусовршување.

Високите стандарди може да создадат големи проблеми во остварувањето на зацртаниот идеал. Да подразмислиме малку! Колку луѓе на Земјата истовремено поседуваат физичка привлечност, статус во општеството, материјална реализираност, успех во кариерата, духовна изграденост, интелектуална и морална воздигнатост, емоционална посветеност и моќна еротска енергија? Дали е возможно сите овие вредности да се пронајдат кај една личност и токму таа личност да стане наш љубовен партнер, со кој ќе го поминеме остатокот од животот?

Значи, нема среќа, успех и хармонија доколку се претерува со идеалите и желбите – секогаш и во сé да бидеме исполнети, задоволени и реализирани. Тоа, ниту било, ниту некогаш ќе биде, зашто животот е полн со подеми, падови и со многу несовршености и потешкотии.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)