ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Љубовен привид

463

Потребна е голема мудрост за да се воспостави баланс помеѓу разумот и емоциите, што воопшто не е лесно да се постигне. Секој човек е посебен сам за себе, така што не постои општа дефиниција како треба да се пристапува во љубовта. Некој оди повеќе со емоции, друг пристапува рационално, трет предност им дава на нагонот и страстите. На почетокот од љубовната врска најчесто владее хормоналната привлечност, односно „хемијата помеѓу двајца”, така што разумот и емоциите се под силно влијание на страстите.

Физичката привлечност предизвикува хормоните да создадат чувство на вљубеност, иницирајќи силен набој на страст, нежност и поврзаност. Таа состојба неретко создава привид дека се работи за врвна љубов, дека сме ја пронашле сродната душа и дека сè ќе се одвива најидеално. Значи, се пројавуваат високи очекувања кои најчесто не кореспондираат со стварноста или кои многу тешко се остваруваат.

Доколку нештата ги анализираме од психолошка гледна точка, добро е на почетокот од врската да преовладува рационалната согледба. Современиот начин на живеење во преден план го постави умот, зашто тој создава пари, а во 21 век сè е поврзано со стекнување капитал и материјални средства. Асоцијацијата е дека човекот многу поретко пристапува со срцето. Затоа, алтруизмот, емпатијата и сочувството целосно им се подредија на его тенденциите, себичноста и строгиот индивидуализам. Тоа предизвика нагласено емотивните поединци да страдаат и да не можат лесно да се снајдат во овој суров свет. Околности што делумно произлегуваат и од генетската детерминираност, бидејќи секој има различно ниво на емоционална структурираност. Некој е покрут, посебичен, затворен во себе, промислен, за разлика од друг, кој е исклучително чувствителен, ранлив и емпатичен.

Бидејќи живееме во ерата на материјализмот, неопходно е да ги користиме потенцијалите што ги поседуваме и рационално да пристапуваме. Од друга страна, научно е потврдено дека човекот првично емоционално реагира, па потоа го вклучува разумот. Погрешно е уверувањето дека прво се мисли, а потоа се чувствува. Напротив, прво доживуваме емоции, а врз основа на нивното влијание иницираме и мисли. Кога сме вознемирени, анксиозни и чувствуваме страв, неретко манифестираме постапки соодветни на доживеаните емоции. Затоа, не треба само да внимаваме што замислуваме, туку пред сè, да преиспитаме што чувствуваме. Тоа го проучиле и истражувачите од Универзитетот во Абердин, кои докажаа дека синдромот скршено срце (предизвикан од ментален стрес или љубовна загуба), доведува до ист вид долгорочно оштетување како и срцевиот удар. Постојаното тагување и опстојување во немир и мачнина, мошне лошо се одразува врз нашето физичко и ментално здравје.

За да го неутрализираме законот на отпорот и песимизмот, прво треба да се справиме со негативните емоции (во амигдалата се наоѓа емоционалното складиште на преживеаните искуства од минатото – таа е центарот на нашите емоции). Со развојот на личноста, во тој дел од мозокот се вметнуваат разни стравови, фрустрации и немири, кои се реактивираат во одредени животни ситуации. Затоа, постојат моменти кога под влијание на афектот и стеснатата свест, реагираме нервозно, агресивно, па и насилно. Во тој момент ние не управуваме со своето рацио, туку афектот управува со нашиот ум.

Афективната состојба на гнев, лутина и агресивност, неретко предизвикува некои лица да извршат насилни дела и да влезат во жолчни расправии и конфликти со другите.

Решение има: да ги преиспитаме нештата што константно ни се повторуваат и согледаме зошто реагираме нервозно на одредени лица и ситуации. Првично треба да работиме на емоциите – да ги испразниме, да ги ослободиме, да не ни создаваат товар (гнев, чувство на напуштеност, ранливост, недостиг, зависност од другите).

Психоаналитичката теорија препорачува објективно да им пристапиме на своите фрустрации, да се ослободиме од сè што емоционално нè изместува, да проникнеме во себе и како што учеле будистите – да се пробудиме, осветлувајќи ги позитивните страни на сопствената личност. Тоа ќе го постигнеме ако ги сублимираме нештата и осознаеме од каде произлегува коренот на гневот, стравот, фрустрацијата и зошто реагираме нервозно на одредени провокации. Со ослободување од емоционалните товари, многу посуштински ќе ги искористиме потенцијалите на разумот.

Рациото тежнее да ги осознае нештата, а срцето копнее да ги почувствува нештата. Умот постојано нè заплашува, поради што неретко се чувствуваме стегнати, духовно парализирани и психофизички блокирани. Ако дозволиме тие нешта да го надвладеат нашиот дух, тогаш постојано ќе стравуваме и ништо конкретно нема да постигнеме. Константно ќе стоиме пред портите на љубовта, стравувајќи да го отвориме срцето. Еден ден, можеби и тоа ќе го направиме, и ќе се каеме што не сме го сториле порано, бидејќи сè во животот е еволуција, движење и соочување.

Рациото неретко прашува: зашто тоа ми се случи, каде погрешив и до кога ќе бидам во депресија и меланхолија? Одговорот е дека ништо не произлегува од случајот, туку сè има своја причина и последица. Кога сме во голема емоционална криза и се чувствуваме несреќни и тажни, неопходно е да не брзаме, да бидеме рационални и трпеливи, бидејќи решенијата ретко доаѓаат преку ноќ. Клучно е да согледаме зошто сме во таква ситуација и ако е потребно да ги прифатиме тихувањето и самотијата.

Прошетките во природа, внесувањето чист кислород, слушањето релаксирачка музика и читањето афирмативни книги, можат исклучително позитивно да влијаат врз нашиот дух.

Понекогаш е неопходно да го одмориме умот и да не претеруваме со барање експресни решенија. Еднонасочно дејствување е кога постојано размислуваме и бараме некоја логика, преиспитувајќи зошто морало да се случи тоа што се случило. Треба да знаеме дека одговорите, па и решенијата за проблемите, често доаѓаат кога најмалку се надеваме, а не кога константно се притискаме и психофизички напнуваме.

Не е добро кога премногу радикално пристапуваме, зашто нијансите ја создаваат убавината на нештата. Тоа значи дека во животот е неопходно да бидеме водени од разумот и емоциите, но не смееме да ги запоставиме ни страстите. Тие често се многу посилни и од рациото и од емоциите. Проблемот со страстите е доколку тие преминат во ниски страсти, кои потоа нема да можеме да ги контролираме и управуваме.

Ако не се ослободиме од лошите навики, не вложуваме во личниот развој и не извлечеме поука од искуствата, тогаш ќе живееме како жаба во бунар, без сознанија за нештата надвор од бунарот. Затоа, неретко подобро е да се обидеме, па ако и пропаднеме во бунарот на животот, тоа може да биде многу покорисно за нашиот личен развој,  отколку ништо да не преземаме и тотално се повлечеме. Така нема да ги вкусиме возбудата, трепетот на срцето, моќната страст, бидејќи сè ќе биде еднолично! На тој начин можеби ќе постоиме, но нема да живееме, туку ќе вегетираме.

Осознаените грешки уште повеќе ги зголемуваат шансите за напредок во животот. Лицето кое доживеало емоционално разочарување, треба да извлече поука од таа животна ситуација и во иднина повеќе да го вклучува умот, но не и крутото рацио. Во најчест случај, грешките се нашите најдобри учители. Треба да знаеме дека во животот не може сè да биде совршено, така што некогаш ќе се воздигнеме, а другпат ќе паднеме. Најбитно е да вложуваме во личниот развој и да внимаваме на емоционалните шеми кои предизвикуваат лутина, љубомора, ранливост и его борби. Во тој поглед, треба да се прифатиме самите себе и да научиме да се опуштаме, имајќи мигови на мир, одмор и релаксација.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)