ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Успех

360

Не постои човек кој не си поставил цел да стане успешен, реализиран и значаен во тоа што го работи. Сепак, во времето на извртени вредности воошто не е лесно да се постигне и да се одржува успехот, без притоа да се загрозат моралот, честа и достоинството на личноста. Стремежот кон што повеќе пари, настојувањето да се надвладеат и контролираат другите, да се биде во кругот на моќните и познатите и да се негува опсесивната потреба за внимание, создадоа општа трка за признание, виденост и докажување.

Секој човек тежнее да се реализира и себеактуализира, и тоа е добро да се направи, но лошо е ако не се избираат средства и се гази се пред себе само да се оствари целта и да се задоволат личните комплекси и фрустрации.
Концептот на материјализмот наметна дека најуспешни се луѓето кои стекнале многу пари и кои поседуваат моќ да одлучуваат за судбината на другите. Успехот на материјален план е исклучително значаен за да се чувствуваме сигурни со самите себеси и за да не бидеме финансиски зависни од другите луѓе.

Секој разумен и самосвесен поединец е должен да работи со цел да заработи. Тоа ќе му овозможи предиспозиции за патување, едукација, купување предметни нешта и ќе му создаде увереност дека работниот напор раѓа плодови. Капитализмот наметна дека ако ги немаме парите, ништо немаме. Сето тоа предизвика современиот човек се повеќе да се фокусира кон работните обврски и материјалните добра, а се помалку да има време за себеси, за блиските, за духовните вредности и за опуштениот начин на живеење.

Опсесивната желба да се биде што поуспешен и професионално реализиран го надвладеа мирниот и хармоничен пристап кон животот, во кој се поретко има место за семејните вредности, вистинската љубов и поврзаноста со блиските.

Успехот бара да инвестираме време и напор, односно да се откажеме од многу нешта, со цел да оствариме напредок и да ги реализираме потенцијалите. Сепак, мерилото за успех кај сите луѓе е различно. Некои лица вредноста ја наоѓаат во напредокот на семејството, во воспитувањето на децата, задоволството во брачниот однос и љубовта, други се насочуваат кон едукацијата, надградбата на знаењето или усовршувањето на личноста, трети се определуваат да создадат што повеќе капитал, интензивно да работат, да вложуваат во материјалните нешта и кариерата итн.

Најголем успех е кога сме во мир со себеси, се чувствуваме опуштени, задоволни и немаме грижа на совест, чувство на вина и зависност од туѓите влијанија. Овие вредности воопшто не е лесно да се постигнат, зашто постојат лица и ситуации кои многу лесно може да не исфрлат од рамнотежа и да ни ја нарушат хармонијата на душата.

Одредени поединци сметаат дека не е важно на кој начин се постигнува успехот и се добива тоа што се сака – битно е да постои напредок и остварување на целта. За некои од нив, воопшто не срамно што со своите постапки го срозуваат достоинството, го уништуваат моралот, се деградираат самите себеси и се експонираат како личности на ниската страст, полтронството, кодошењето и измамата. Многу често се случува и општеството (политиката) да изнедрува и да заштитува такви поединци, кои во името на “повисоките интереси” се толерираат и неказниво се провлекуваат низ лавиринтите на правдата и правичноста.

Подобноста, одработувањето и партиската припадност станаа синоним за “успех”, потребно е само да влезме во играта и да дозволиме “избраните” да не насочуваат, да не заштитуваат и да одлучуваат за нас. Затоа, не треба да не изненадува фактот што многумина самосвесни, едуцирани, независни и разумни сограѓани излезот го бараат во странски земји, каде што нештата не функционираат според концептот на непотизмот, членството и тесните интереси, туку начелата се градат врз основа на знаењето, придонесот и квалитетите на личноста.

Разликата помеѓу заслужен успех и придобиен успех е голема, затоа ретко некој би се одлучил животот и здравјето да им го довери на недоволно едуцираните, неодговорни и неспособни кадри од разни професионални области. Значи, клучот е да го добиеме најдоброто од другите, но да го дадеме и најдоброто од себеси, придонесувајќи за напредокот на сопствената личност, семејството и општеството во кое живееме. Задоволството е многу поголемо кога знаеме дека се што сме постигнале се базирало на личната способност, одлучност, борбеност, иницијативност и чесност во работењето. Народот тоа го искажа со зборовите: “Успех е ништо да не ти било сервирано на тацна, да си немал силен ветер што те туркал напред и некој што ти ги отворал вратите на патот кон реализацијата. Тоа претставува најголем успех и остварување вредно за почитување”.

Да се задржат моралот и достоинството, да се биде самосвесен, независен и доследен во бранењето на правичноста и позитивните вредности претставува најголем успех, достоен за сите оние кои ја сфатиле суштината на животот. Не е мало достигнување да се насочат децата кон вистинскиот пат, да се негуваат верноста, искреноста, почитта и посветеноста во љубовта, бидејќи успехот не се темели само врз материјалната реализација и подемот во кариерата, туку и во развивањето на семејните вредности, хармонијата и позитивната енергија во односот со блиските.

Некои лица потекнуваат од финансиски скромни семејства, па успеале да ја докажат својата вредност и да создадат големи успеси во животот. Мерилото на успехот никогаш не е поврзано со парите и статусот во општеството, бидејќи некои други фактори одлучуваат кој ќе биде во естаблишментот и во друштвото на “избраните”. Впрочем, отсекогаш постоеле мудри моралисти и духовно определени поединци, кои не сакале да одработуваат за тесни интереси и да им слугуваат на оние кои ја подјармувале слободата, етиката, заедницата и вистинските вредности. Иако за време на животот, нивната посебност ја препознале малкумина, сепак историјата ги запомнила како големи просветители, мисионери, пророци, филозофи, научници, револуционери, хуманисти, уметници и преродбеници, кои се жртвувале за доброто на човекот, општеството и човештвото. Со остварувањето на својата животна мисија спасителот Исус Христос, пророкот Мухамед, Буда, Конфучије, Сократ, Исак Њутн, Никола Тесла, Махатма Ганди, Нелсон Мандела, Мајка Тереза, Чарли Чаплин и многу други, оставиле неизбришлив траг кој сите ние го славиме како величествен успех на посветеноста, решителноста и вредноста.

Успехот кој се остварува преку газење на другите, уништување на заедницата, деградирање на етиката, крадење, лажење, блуд и улизување не е вистински успех, бидејќи не придонесува за мирниот сон, чистата совест, мирот во душата и духовното богатство на личноста. За некого е клучно да ги експлоатира другите и да поседува што е можно повеќе станови, автомобили, јахта, купишта пари и разни предметни нешта, но за друг е поважно да биде во мир со себе, да не стравува дека стекнатото може да му биде одземено, да не се срами од поколенијата за своето неморално поведение и да не се доведе во ситуација да го потроши својот живот на измами, негативни определби, ниски страсти и проневери.

Заклучокот е дека и покрај сите неправди, погрешно поставени норми за вредност и успешност, задача на секој самосвесен и доблесен поединец е да ја задржи својата присебност и да научи мудро и доблесно да плива низ општествените води полни со смет и лажни вредности. Равенката за сите проблеми, тешкотии и почетни неуспеси е да ја откриме вредноста на сопствената личност и своите активности да ги зачиниме со вера, љубов и надеж, зашто тие се најголемата тајна на успехот, среќата и смислата на животот

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)