ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Судбински случувања

1363

Од 28 јуни до 6 јануари 2021 планетата на волјата, акцијата, страста и борбеноста Марс ќе престојува во соѕвездието на зодијачкиот знак Овен. На глобално ниво овој транзит ќе донесе голем енергетски набој, зголемено ниво на конфликти, судири и расправии. Опасностите од пожари, повреди, експлозии и несреќи ќе бидат поприсутни. По престојот во знакот Риби каде целосно се задуши марсовата енергија (Рибите владеат со болниците, изолацијата и жртвувањето) се очекува авантуризмот, бунтовништвото и иницијативната енергија да избијат на површина. Овенот укажува на силна волја, решителност, директност и ефикасност. Кај него нема заткулисни игри, заговори, подметнувања и манипулации (нешта кои беа присутни во периодот на Рибите), така што многу околности ќе излезат на виделина и ќе се открие вистината околу пандемијата итн.

Во позитивна смисла Овенот се карактеризира со самодоверба, храброст, директност, енергичност, желба за постигнување брзи резултати, страст итн. Во негативна смисла на лицата кои припаѓаат на понискиот карактерен тип на Овен им се припишува себичност, кавгаџиски дух, грубост, нетолеранција, ароганција, инает, острина, нетактичност, нетрпеливост, неосетливост кон чувствата на другите луѓе.

Основните аспекти на Марс се поврзани со оган, страст, железо, челик, војска, полиција, оружје, нож, униформа, тужител, остри предмети, изгореници, акутни болести, насилство, несреќи, индустрии кои зависат од машини, инжинерство, градежништво, физички вештини и технички способности.

Во астрологијата планетата Марс владее со знакот Овен, така што неговото транзитирањеќе ги експонира индивидуалните потреби и желби, наспроти социјалните очекувања и влијанија. Помалку ќе преовладува свеста за општествениот напредок и колективизмот, а повеќе ќе се форсираат егоизмот, нетолеранцијата и неодговорноста. Стресогените фактори ќе бидат мошне силни, затоа потребно е да преземеме мерки на самозаштита, почесто да одмораме, помалку да се нервираме и да нé влегуваме во негативни ситуации. Лицата кои работат во униформа ќе се соочат со период исполнет со многу стрес, борби и искушенија.

На личен план Марс ќе поттикне иницијативи за решавање застоени проблеми, развој на индивидуализмот и манифестација на суетно и арогантно однесување. Хуманоста и чувството за општо добро многу поретко ќе бидат присутни, како и определбата да се „жртвуваме“ за другите. Овие вредности беа присутни додека Марс транзитираше во знакот Риби – зодијачки знак кој се карактеризира со емпатија, сомилост и поддршка за лицата кои поминуваат низ тешки животни ситуации.

Од 9.09 до 13.11 Марс ќе почне да се движи ретроградно што може да биде мошне неповолно за глобалните случувања, но и за психофизичката состојба на одредени луѓе. Стресот, нервозите, вознемиреноста и конфликтите многу повеќе ќе излезат на површина, така што ќе биде потребна голема трпеливост, самоконтрола, разумност и толеранција за да се смират емоциите и неутрализираат страстите. Марс во Овен последен пат беше ретгограденпред 32 години (1988), а по 47 години (2067) повторно ќе влезе во ретроградна позиција. Од 16 август до 09 септември влијанието на Марс ќе биде со послаб интензитет. Во тој период неопходно е да се постават високи цели, да се реализираат плановите и да се иницираат крупни чекори кон градење похармонична перспектива. Тоа посебно важи за родените од 15 до 21.08; од 14-20.12; 11-17.02; 14-20.06. Околу 13 октомври Марс ќе биде во опозиција со Сонцето во Вага и во тој период треба да се внимава на љубовен план, да се смири напнатоста во семејството, да се избегнуваат конфликти и да се биде фокусиран кон позитивните нешта. Од 11 декември Марс ќе почне поинтензивно да се движи во знакот на Овен што укажува на зголемена енергија, иницијативност во работењето, повисоко ниво на страст во љубовта и поголема психофизичка издржливост во животот. Брзото темпо исполнето со многу борби, искушенија и предизвици ќе опадне на 06 јануари 2021 година, тогаш Марс својот транзит ќе го продолжи низ соѕвездието на знакот Бик.

Во своето транзитирање Марс ќе прави серија ограничувачки аспекти со Сатурн и Плутон, кои можат да бидат исклучително тешки и непредвидливи. Рефлексијата на овие планетарни констелации може да се одрази врз здравјето, финансиските состојби, глобалните случувања, да предизвика тензии и да создаде општо чувство на несигурност.  Дисхармоничното влијание на Марс ќе биде најсилно во следните денови: околу 13.08; 23.08; 29.09; 09.10; 23.12. Негативно влијание со послаб интензитет ќе има околу 4 август и 19 октомври. Во тие периоди треба да се биде максимално внимателен и да не се преземаат ризици, зашто ќе преовладуваат негативната енергија, конфликтите и несреќите. На глобален план можно е да се откријат големи коруптивни афери, да дојде до финансиски колапс на моќни корпорации, но и да се случи пораст на сиромаштијата, психичките болести и несигурноста кај граѓаните. Естаблишментот (моќниците) повторно ќе бидат заштитени, а обичните луѓе оставени да се снаоѓаат како што знаат и умеат.

Решение за периодот на Марс во Овен е да бидеме колку што е можно посмирени и да нé зависиме од надворешните влијанија. Јакнењето на индивидуалниот дух треба да оди во насока на зголемување на интелектуалните потенцијали, спортување, вложување во личниот развој и подобрување на целокупната психофизичка состојба. Секој обид за конфликтно однесување, нерационално подлегнување на ниските страсти или негативните емоции лошо ќе се одрази врз здравјето, мирот и сигурноста на личноста. Чесниот, одговорен и достоинствен однос кон самите себеси и кон другите се вистинските форми за неутрализирање на афектите и за успешно справување со марсовата воинствена енергија.Прошетките во природа, слушањето релаксирачка музика и читањето интересни книги се дел од техниките за смирување на емоциите и за неутрализирање на гневот, незадоволството и фрустрациите. Колку повеќе мирот е присутен, толку подобро, зашто ќе дојде момент кога енергијата ќе ни биде нужно потребна.

Планетата Марс во астрологијата се поврзува со хедонистичките пориви на човекот, со стремежот за истакнување на егото, како исо човековата способност за преживување, опстојување и снаоѓање во тешки животни ситуации. Овенот е приклоник на нагонските структури во луѓето (Идот), наспроти моралистичката страна на психата позната како Суперего – карактеристична за повисокиот карактерен тип на Вага. За разлика од Овенот кој во преден план ги поставува инстинктите, страста, индивидуалноста, борбеноста и острината, Вагите се застапници на љубовта, естетиката, правдата, колективноста, колебливоста и несигурноста. Овенот е Јас, Вагата е Ние. Затоа во наталната карта Овенот го претставува полето на личноста, егото и авторитетот, додека неговата опозиција Вагата е владател на полето на бракот, јавноста и заедницата.

Транзитот на Марс низ соѕвездијата на Овен и Вага извршил силно влијание врз судбината на македонскиот народ, предизвикувајќи радикални промени и бурни случувања. КогаМарс престојувал во знакот на Вагасе случиленастаните:  Илинденско востание на 02.08. 1903 година; Прва балканска војна на 08. 10.1912, по која следело „ослободување“ на Македонија; катастрофалниот скопски земјотрес на 26.07. 1963;  референдумот за независност на 08.09.1991 година. Во периодот кога планетата Марс се наоѓала во знакот на Овен се случиле следните настани: Започнало македонското востание против фашистичкиот окупатор на 11.10.1941: партијата ВМРО – ДПМНЕ е формирана на 17.06.1990; владата соопшти дека од 12.02. 2019 официјално стапи во сила новото име на земјата – Република Северна Македонија.

Мошне интересно поклопување соодветно за периодот во кој се наоѓаме е што лидерите на најголемите политички партии се родени во знакот на Вага, а претседателот на државата е роден во знакот на Овен. Сите овие нешта зборуваат дека се наоѓаме пред значајни историски моменти и соочувања со планетарни констелации кои можеби случајно, а веројатно судбински се поврзани со иднината на Македонија. Какви ќе бидат последиците од овие астролошки влијанија зависи и од нашето ниво на свест, определбата кон доброто или злото и од стремежот општеството во кое живееме да го направиме поправедно, посреќно и похармонично.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)