Кога се случуваат трагични несреќи со голем број жртви, мнозина жално коментираат: Таква им била судбината, односно „до тука им било пишано“. Некои други, пак, се прашуваат: Дали судбината можеше да биде избегната и животните тешкотии да бидат надминати?

Едно од прашањата кои отсекогаш го привлекувале човечкото внимание е дали околностите и процесите се случуваат според еден однапред утврден и непроменлив план. Дали навистина постои вечен и апсолутен редослед, наречен судбина или предопределеност, така што однапред е определено сето она што во овој момент се случува или што допрва ќе се случи? Со тоа човечкото суштество е осудено да дојде на овој свет и да го напушти без какво било лично влијание врз она што во животот му се случува.

Или такво нешто воопшто нема? Значи, тоа што било нема никаква врска со тоа што е и што ќе се случи, а човекот е апсолутно слободен, креатор на сопствениот живот и помин.

Или, пак, е точна третата претпоставка – дека судбината управува без исклучок со целокупното светско постоење, а тоа влијание може да се согледа и протолкува. Но, ограничената рационална способност неминовно го води човекот кон антиномична состојба кога е во прашање барањето одговор за доминацијата на слободната волја или на судбината.

За судбината пишувале многу филозофи и други мислители, кои, како и обичните луѓе си ги поставувале прашањата: Постои ли такво нешто како судбина, карма, предестинација? Ако постои, зашто некоја личност е осудена на несреќа, а друга дарувана со благосостојба и среќа? Некои веруваат во реинкарнацијата како можно објаснување. Други одговорот го бараат во современата наука. Луѓето се принудени да се фатат во костец со тајните на човечкото постоење. Дали е возможно прецизно да се објасни судбината на едно дете, судбината на земја како Македонија, која со векови била угнетувана од туѓи завојувачи? Овие и сличните прашања заслужуваат одговор, без оглед што постои опасност од заплеткување во антиномична ситуација, бидејќи, гледано низ филозофскиот објектив на Имануел Кант, егзактна научна согледба за доминацијата на судбината или за слободната волја не може да се постигне, зашто двете тврдења претендираат на можност за докажување.

Во културните традиции се создадени четири идеји (две филозофски, една религиска, а една со различно значење, во зависност од контекстот) кои требало да го намалат чувството на фрленост, контингенција (непредвидлива околност) или апсурд, кое го предизвикуваат прашањата за судбината и за слободната волја. Првата е идејата за космос (како ред) во античката Грција, рте (со слично значење) во Индија и тао во кинеската традиција. Втората е идејата за судба: хеимармене во античката Грција, карма во индиската и минг во кинеската традиција. Третата е идејата на божествениот план – во христијанската традиција (на грчки, оикономиа); во индискиот теизам доминантен е ставот за човекот кој во себеси наоѓа доверба и верност (бхакти) кон аватарот; а во кинеската традиција е присутен декретот, мандатот или налогот на небото (тиен-минг). Четвртата е идејата на предопределеноста.

Претставата за судбината се изразува во сите стари култури со многубројни јазични изрази. Кај Хелените, во долгото еволутивно митолошко и филозофско претставување, судбината е означувана со изразите моира, анáнке, хеимармене, како и тихе. Зборот „судбина” во грчкиот јазик најчесто се јавува како моира, што главно го означува „досудениот дел од животот на еден човек, т.е. секој човек живее онолку колку што му доделила судбината”. Кај Римјаните ознаките за судбината се фатум, фортуна и сорс, а во православната и сесловенската подлога се употребувани јазичните термини судбина или судба, рок и нарок. Значењето соодветствува на арапското кадар и турското кисмет. Во стариот Рим судбината е претставена со Кармента (од кармен = песна), затоа што со песна им била претскажувана животната патека на новороденчињата. Скандинавските норни се божици кои им ја одредувале судбината на луѓето при самото раѓање, а валкири ја определувале судбината на војниците во битките и имале моќ за секоја душа да го одредат смртниот час. Луѓето кои умреле со недостојна смрт валкирите ги фрлале во царството на божицата на мртвите Хел, а загинатите во борба ги воделе во Валхала – „Салата на избраните”.

На Исток е мошне вкоренето верувањето во судбината, односно во кисмет, како што Арапите и Турците го кажуваат, зашто „се случува сè што се случува, бидејќи така мора да биде. Човекот е мал да му се противстави”.

Македонскиот јазик зборот касмет го прифатил од турскиот јазик како синоним за словенскиот збор среќа. Сепак, кај нашиот народ зборот се употребува и како синоним за зборот судбина. Во Речникот на македонски јазик овој збор го има следново значење: „касмет; среќата му работи, роди ме мајко со касмет, па фрли ме на буниште (пог.)”.

Верувањето дека касметот на секој човек, уште при неговото раѓање, му се одредува од Бога или божествата, јасно го кажува пословицата: „Секој човек што се раѓа к’сметот Господ му го дава”. Марко Цепенков запишал дека „трите наречници доаѓале кај детето по третата вечер од неговото раѓање, за да му го наречат к’сметот. Според легендите, ги ваделе тефтерите од торбите и ги отворале да му го пишуваат к’сметот”. Цепенков потенцира дека кај народот постоело верувањето оти тоа што на човекот му е речено од наречниците тој не можел да го избегне, макар и во волов рог да се пикнел, бидејќи животот морал да се одвива како што било запишано.

Врската на судбината со астралната симболика постои кај поголем број народи. Од неа настануваат претставите дека секој човек си има своја ѕвезда, со која се раѓа и умира. Таа претстава ќе биде одржувана во текот на целиот Среден век. Кај старите Словени, од народните приказни, поговорките и преданијата се знае дека постоеле наречници, кои уште при самото раѓање на човекот му определувале што ќе му се случи во животниот век и со каква смрт ќе умре. Значи, се верувало во пророци, на кои им била дадена моќ да ги предвидуваат идните настани и да укажуваат на тоа што однапред било определено.

Вук Караџиќ во Српскиот речник пишува: „Нашиот народ мисли дека на секој човек му е судено што ќе му се случи во животниот век и од каква смрт ќе умре, и дека човекот од суденото не може да се сочува”. Станува јасно дека доминира фаталистичката идеја, бидејќи кога на човекот однапред му е одредено сè што ќе му се случи и со каква смрт ќе умре, тогаш не може да се случи нешто спротивно. Тоа го потврдува и еден настан што се случил за време на владеењето на царот Константин во Цариград. Тој имал владика кој бил свет човек, што можел да ја предвиди иднината. Владиката прорекол дека Турците ќе го освојат Цариград и дека царот Константин, покрај катастрофата што ќе го снајде неговото царство, ќе доживее и семејна трагедија, бидејќи ќерка му ќе биде касната од змија. Стравувајќи дека пророштвото може да се исполни, според едно од преданијата, Константин изградил кула на сред море во која ја сместил својата ќерка, мислејќи на тој начин да ја заштити, ниедна змија да не може да дојде до неа. Но, кога еднаш на ќерка му ѝ донеле грозје, од грозјето излегла мала змија која ја каснала за рака и таа од тоа починала, со што се исполнило даденото пророштво од владиката. Вториот дел од пророштвото се случил подоцна.

(продолжува)

 (авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)