Какви се нашите животни искуства, таква ќе ни биде перспективата во љубовта. Доживеаните нешта од раното детство, неизбежно се рефлектираат во текот на животот. Затоа, некој чувствува страв, тензичност и вознемиреност кога е опкружен со непознати личности, друг има немир кога ќе треба јавно да зборува, трет тешко се врзува во љубовните односи, четврт е емоционално зависен од партнерот или од родителите итн. Сето ова зборува дека искуствата кои сме ги доживеале во раното детство и воспитуванието кое сме го добиле од родителите, длабоко го детерминираат нашето поведение и влијаат каков приод ќе имаме кон предизвиците на животот. Доколку овие слабости произлезени од лошото воспитание не бидат разрешени, тие ќе го определат и нашиот пристап кон љубовните односи.

Некој ќе тежнее да го контролира другиот, ќе биде љубоморен, посесивен и постојано ќе стравува дека партнерот би можел да стане неверен или ќе направи нешто кое не е за очекување. Кај таквиот поединец е складирана категоријата на немир, на страв, на тензија, тогаш кога нештата не ги држи под контрола. Колку повеќе се чувствува загрозен од однесувањето на другиот, толку помалку ќе умее да се справи со сопствените емоции наталожени со страв и несигурност.

Главната мудрост е да умееме да ги држиме под контрола сопствените емоции и да се ослободиме од потребата другите да се однесуваат според нашите очекувања. Невозможно е самите себеси да се контролираме и во секоја ситуација рационално, мудро и дипломатски да се однесуваме, бидејќи неретко и самите сме по удар на потсвесните матрици што ги носиме во себеси. Тие често не соочуваат со афект, тензија, конфликтност или пак, ни предизвикуваат вознемирувачкото однесување кога ќе почувствуваме дека сме загрозени.

Луѓето различно реагираат кога се под притисок, борби и искушенија. Многумина манифестираат преголема зависност или имаат силни потреби блискиот да ги става на пиедастал. Тежнеат да бидат задоволени нивните емоции, да им ја потврдуваме љубовта и да им го негуваме  чувството дека нештата се движат кон позитивната патека во односот и дека секогаш ќе биде така. Причината за таквите екстремни потреби можеби произлегуваат од раното детство. Родителите ги оставале или недоволно се грижеле за нивната личност, така што не го добивале вниманието кое сметале дека го заслужуваат. Сето тоа предизвикало да бараат компензација во доменот на љубовните односи. Затоа, понекогаш емоционално го гушат партнерот, премногу се наметнуваат и постојано стравуваат дека нема да им бидат возвратени емоциите или дека ќе бидат напуштени.

Овие личности не разбираат дека главниот проблем најчесто не е во другите, туку во сопствените превисоки очекувања и во подложноста на потсвесната програмираност од којашто произлегуваат стравот, тензијата и несигурноста. Ниското ниво на самопочитување и негативните уверувања наметнуваат голема зависност од другиот и живеење со синдром на напуштност. Тоа е така бидејќи, можеби во раното детство некој ги напуштил или пак, чувствувале дека ориентацијата на саканите наместо кон нив била свртена кон некоја друга личност. Дали родителите имале конфликти, дали помеѓу нив постоела некоја нетрпеливост, дали имало развод на бракот, дали родителот бил склон кон вонбрачни активности, а за кои таа млада личност била свесна? Сите овие негативни околности кај неа/него создале страв, несигурност и чувство дека може да биде отфрлен/а. И тоа чувство на отфрленост длабоко е вселено во потсвеста, предизвикувајќи синдром на недостиг секогаш кога постои закана за мирот и хармонијата во односите. Таквиот поединец постојано ќе бара внимание и ќе очекува премногу од врската, воедно стравувајќи дека може да го загуби тоа што го добива.

Овие единки најчесто не успеваат да се справат со потсвесниот страв од напуштање, поради што смислуваат причини самите да го напуштат партнерот. Превисоките очекувања што им ги наметнуваат на другите, се со цел да стекнат увид за силината на туѓата љубов, посветеност и пожртвуваност. Во тој случај, љубовта не може да се развива затоа што односот постојано е подложен на притисок и тензија.

На почетокот на љубовните врски сé е совршено, бидејќи партнерите ги кријат своите слаби страни, иако за повеќето карактерни слабости тие не се ни свесни. Многумина во себеси носат потсвесен ментален товар или емоционален отров кои внатрешно ги разнебитуваат и оневозможуваат опуштено, спонтано и необременето да и пристапат на љубовта. Тоа предизвикува внатрешен немир, превисоки барања, потреба за контрола или зависност од емоциите на другиот. Овие лица не разбираат дека љубовта е најсилна доколку е базирана на приврзаност, на компромис, на взаемно надополнување и на разрешување на негативни потсвесни матрици произлезени од детството.

Во животот постојат многу прекрасни нешта кои можат да не стимулирааат да се чувствуваме добро, но луѓето најчесто се навикнати да го перцепираат неубавото и да се окупираат со состојбите на стрес, страв и неизвесност. Секој го пронаоѓа тоа што го бара и го гледа тоа што и самиот во својата личност го поседува. Некој на најубавата процветана ливада ќе најде едно валкано место и како „мува“ ќе се спушти на него, а друг дури и во мочуриштето ќе најде еден лотосов цвет и како „пчела“ од него ќе собере нектар.

Поради човечката зависност од несреќа, неслучајно одредени филмови и серии кои изобилуваат со насилство, болки и страдања привлекуваат многу публика. Луѓето ги гледаат таквите содржини затоа што несвесно се програмирани да се чувствуваат лошо. Ние сме меморирале сет на однесување толку длабоко, поради што автоматски сме станале подложни на разни телесни и умствени навики. Фаворизираме емоции на преживување, наспроти возвишени емоции. Стануваме зависни од своите проблеми, лоши околности и нездрави врски, односно од емоциите на ниската фрекфенција. Најголемиот проблем е што не работиме на ослободување на акумулираниот гнев и потсвесната агресивност. Сето тоа ни предизвикува внатрешна конфузност, несигурност и конфликтност. Умот мисли дека е главен, но телото влијае врз донесувањето одлуки кои се соодветни на меморираните емоции. Секогаш кога телото станува господар на умот, доживуваме болни животни лекции исполнети со многу немири и страдања.

Определбата кон ниските страсти, робувањето на предметното, зависноста од потребите на телото и силно изразеното его создаваат сериозни проблеми на психофизички план. Кога човекот е незадоволен од самиот себеси, тој нужно станува незадоволен и од другите луѓе. Вистинската љубов секогаш е производ на внатрешното спокојство и на себепочитувањето, а вљубеноста е плод на страстите и физичката привлечност. Ако сакаме да живееме во љубов, неопходно е да ги преиспитаме своите емоции и да почнеме да ги разрешуваме потиснатите болки и страдања произлезени од минатото. Кога се живее со акумулиран гнев, лично незадоволство, фрустрација и несигурност, тогаш многу лесно стануваме робови на ниските страсти или на патолошките љубовни врски и дисхармонични емоционални состојби.  Умот честопати се обидува да ги потисне нештата кои не се добри за нашите емоции, но потсвеста ги помни и изнесува на површина низ разни телесни болки и сензации. Несоницата, анксиозноста, тегобноста, тагата, стравот, неконтролираниот бес, брзата  подложност на стрес (афективност) и вознемиреност се само дел од негативните емоции (реакции) произлезени од потсвесните рефлексии.

Многумина постојано го експонираат своето Јас, Јас, неразбирајќи дека во животот сé е подложно на рециприцитет, односно на давање и земање. Тие исклучиво ги форсираат сопствените потреби, така што забораваат дека и другиот има потреба од нежност, разбирање и внимание. Кога сме во релација со такви единки треба да научиме да кажуваме „не“, посебно кога чувствуваме дека се загрозени нашите емоции и психофизичката хармонија на нашата личност. Недостигот на емпатија неретко е знак за емоционална оштетеност од минатото и неспособност за давање и примање љубов. Треба да престанеме да бидеме како „камион за смет“ во кој другите ќе можат да го фрлаат својот емоционален отров, енергетски да нé исцрпуваат и тормозат со своите „вечни“ проблеми.

(продолжува)

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)