ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Стресни ситуации (5)

712

Научно е докажано дека најголемите предизвикувачи на стрес произлегуваат од проблематичните љубовни (емоционални) врски; нарушените меѓучовечки односи; тешка болест; смртта на блиска личност; напуштањето на семејството и разводот на брак. Во денешно време, воопшто не е лесно да се одржува љубовна хармонија и да се постигне емоционална сродност и поврзаност. Многу нешта можат да бидат закана за мирот во врската и пречка за одржување на верноста, сигурноста и посветеноста помеѓу партнерите. Доколку секој влече на своја страна и не иницира компромис и свест за потребите на другиот, тогаш е илузорно да се очекува просперитетен и стабилен љубовен однос. Неретко, дури и раѓање на новороденче може да предизвика отуѓување во односот. Ова особено важи за емоционално незрелите партнери, кои себеси се ставаат на прво место. Едниот чувствува дека сè помалку е најважен член на семејството, обвинувајќи го другиот дека целиот свој фокус го насочува кон детето. Постојат и случаи кога со раѓањето на второто дете, брачните партнери почнуваат емоционално да се оддалечуваат еден од друг. Тоа, веројатно, е поради убедувањето дека нивната биолошка улога завршила и дека е дојдено време за развивање на своите индивидуалистички пориви.

Човекот ги одржува своето добро здравје и психофизичката стабилност низ интеракција со другите. Недостигот на емоционална поврзаност, стравот од напуштање, отуѓувањето, посесивноста и љубомората се моќни стресогени фактори кои го оневозможуваат внатрешниот мир и штетно влијаат врз здравјето. Како се поврзуваат тие нешта со здравјето?

Ако наместо поврзаност доживееме немир и мачнина, нужно ќе го вклучиме одбранбениот систем и ќе се појават сите симптоми на односот од кој извираат фрустрации, конфликти и болни ситуации. Стравот, немирот, замерувањето, тагата, омразата, интензивниот гнев, љубомората, зависта, сето тоа го нарушува протокот на енергија низ телото. Влијае врз работата на срцето, врз имунолошкиот систем, варењето, лачењето на хормони. Од друга страна, позитивните емоции го јакнат имунолошкиот систем, го подобруваат здравјето и го лекуваат телото.

Многу луѓе не се ослободиле од товарот на минатото, особено од убедувањето кое им создава чувство на вина, грижа на совеста или емоционален отров. Најлошото сценарио за внатрешниот мир на личноста е кога мислите праќаат сигнал (јас сум несреќен), а емоциите (јас патам) привлекуваат животни настани кои се во склад со таа емоционална фреквенција. Секој во своето енергетско поле носи акумулирана стара болка, која ја викаме „тело на болка“. Според Екарт Тол, „речиси секое човечко тело е под голем стрес и напор. Не е загрозено од некој надворешен фактор, туку одвнатре, од страна на умот“.

Одредени научници кои се занимаваат со психолошкиот развој на личноста, сметаат дека многу од психичките манифестации го имаат својот корен од втората-третата година од раѓањето на детето. Укажувањата се дека емоционалните искуства што ги доживуваат децата во раните години, се рефлектираат врз нивните матрици на однесување (функционирање) во текот на животот.

Експериментот што го има спроведено Мери Енсворд, англиски психијатар, низ проучувањето на феноменот „оставено дете со непозната личност“ и неговите реакции по средбата со мајката, го покажува моделот на фиксираност произлезен од раното детство.

Истражувањето утврдило дека кога се вратила мајката во просторијата, некои деца реагирале со плач и со втурнување во нејзиниот скут. Тоа подразбира дека со текот на годините, тие ќе манифестираат зависност и ќе имаат високи очекувања од партнерот и од врската. Некои други деца манифестирале амбивалентно или индиферентно однесување – тоа значи дека тие ги потиснуваат емоциите кои внатрешно ги обработуваат (внатре чувствуваат бура, а кон надвор иницираат студен пристап). Тие деца избегнуваат да покажат емоции (слабост пред другите), бидејќи стравуваат од емоционални повреди. Кога ќе пораснат, ќе станат дистанцирачки (отуѓувачки) типови, кои ќе се обидуваат рационално да функционираат, без да ставаат преголем акцент на емоционалната блискост и поврзаност. Децата кои чувствувале голем страв и видна вознемиреност додека престојувале во просторијата со непознат, подоцна, со текот на годините, дополнително ќе ги интензивираат своите стравови, при што кај нив ќе доминираат стравот од напуштање и потребата за контролирање на однесувањето на другите. Истражувањето открило дека обележјето на децата кои манифестираат сигурност е во нивната јасна реакција за состојбата во која се ставени. Тие искажале лутина, но потоа продолжиле со својата игра и заборавиле на случката со непознатиот.

Лицата кои оствариле добри односи со родителите, особено со мајката, поседуваат повисок потенцијал за одржување стабилни љубовни врски. Според Томислав Куљиш, „постои јасна корелација на здравјето (на срцето и на коронарните садови) со блискоста или неблискоста со мајката. Тој смета дека поединците кои се чувствуваат несакано, неприфатено и незадоволно, несвесно избираат партнери кои ќе им го потврдат тоа нивно убедување. Внатрешно поседуваат механизам кој ќе ги одржува во таа состојба на неприфатеност и несаканост.

Излезот е фокусот да не се става врз болните животни искуства и да се опстојува со акумулиран гнев, туку да се исчисти душата од напластените јадови, негативни емоции и фрустрации. Кога ќе станеме рамнодушни кон лицата кои нè повредиле со своето неморално однесување, значи дека се движиме кон вистинскиот пат. Сепак, сé зависи од духовната зрелост на личноста. Проблемот е што луѓето се навикнуваат на површни форми на живеење и се фокусираат кон минливи и миговни задоволства. Кога телото на болката го владее духот на радоста, тогаш неизбежно се движиме кон страдање и ниски вибрации на постоењето. Најзначајно е да сфатиме дека промената е чин на мигот. Таа се воспоставува кога создаваме односи со лицата кои се битни за нас, без енергетски да се трошиме за сé што е небитно. За почеток, основно е да бегаме од токсични лица и деструктивни односи и помалку да се товариме со копнежи и нереални очекувања. Треба да се прифатиме самите себеси и да почнеме да ја градиме програмата на себеисцелување и афирмативно однесување.

Повеќето современи терапевти не го ставаат акцентот врз создавањето компромис во односите, туку ги мотивираат партнерите да иницираат длабока внатрешна промена. Тие утврдиле дека лицето кое најмногу нè фрустрира, всушност ни дава можност духовно да се менуваме и да допреме до нештата кои треба да ги исцелиме во себе. Ако доживееме позитивна трансформација со иритирачкиот партнер и тој/таа почнува да ни го дава тоа што нам ни е потребно, неизбежно доаѓа до чистење на негативните потсвесни програми и до исцелување на душата. Клучот на успехот е обајцата да работат на внатрешното духовно подигање, да вложуваат во односот и да сфатат зошто се такви какви што се. Кога го менуваме и го подобруваме системот на ментални и на емоционални вредности и тргнуваме кон афирмативната патека, тогаш напредокот на врската е многу посилен. Основно е секој од партнерите да преземе  одговорност за својата лична фрустрација и да осознае што е клучно за добрата емоционална состојба на блискиот. Кога внимаваме на себе, но притоа и придонесуваме за хармонијата на другиот, тогаш можноста за напредок на врската максимално се зголемува. Себичноста, тврдоглавоста и нечесноста се најголемите непријатели на љубовта.

Заклучокот е дека откога ќе ги осознаеме личните вредности и слабости и ќе започнеме да работиме на воздигнување на сопствениот дух, тогаш многу полесно ќе се справиме со своето его, со надворешните околности и со негативното влијание на некои лица.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)