ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Страдање

1232

Животот е тотално непредвидлив и честопати полн со искушенија, болки и тешкотии. Подемите и падовите меѓусебно се преплетуваат создавајќи разни неизвесности, борби и предизвици. Во одредени животни етапи преовладуваат слабости, неизвесности и страдања, а во некои други периоди (мигови) човековиот дух е под доминација на волјата, храброста и радоста. Како ќе се поставиме кон животните ситуации зависи од степенот на личниот развој, духовниот капацитет и стабилноста на личноста.

Осознаените грешки се најдобрите учители на животот. Тие стануваат корисни поуки само ако емоционално сме одврзани од последиците на лошите случувања. Опстојувањето со голем  чемер, јад и фокусираност врз болките и страдања ќе нè оддалечи од напредокот, среќата и хармонијата. Не треба да стравуваме дека може да ни се повтори одредено негативно искуство, зашто несвесно отвораме можност тоа навистина ѝ да се случи.

Ставањето нагласок врз минатото нема да ни донесе ослободување од негативните емоции и мир со себе. Тоа само ќе поттикне развој на црни сценарија и ќе отвори предиспозиции за вкусување нови болки и страдања.

Мудроста на правилното постапување нè произлегува од врзувањето за нештата туку од пуштањето работите да си врват по својот пат.  Откако нашите емоции нема да бидат врзани за лицата и ситуациите од минатото и штом ќе престанеме да се обвинуваме за сè што ни се случило, ќе започнеме постепено да се хармонизираме и духовно да се трансформираме.

Не постои човек кој не се чувствувал повредено, разочарано и несреќно поради лошите постапки на другите луѓе, но и поради сопствената лековерност и слепата убеденост во туѓата морална вредност, чесност и искреност. Грешки се прават и тие се составен дел од постоењето. Решението е да платиме за заблудите и да продолжиме да се движиме напред кон убавите околности на животот.

Постои голема разлика помеѓу состојбата на емоционална повреденост и чувството на душевна скршеност. Во денешната сурова (егоистична) димензија на живеење многу лесно може да бидеме повредени, но страшно е да се чувствуваме скршени. Душевната (духовна) скршеност ја убива надежта дека ќе биде подобро и укажува дека болката и страдањето целосно го доминираат човековото битие. Највисокиот степен на душевна скршеност произлегува од чувството на вина, грижата на совест, изневерените очекувања и неприфаќањето на тешката болест или загубата на саканата личност. Душевната скршеност е состојба која не можеме целосно да ја неутрализираме и избегнеме, а емоционалната повреда е искуство од кое можеме многу да научиме. Секој човек во текот на животот вкусува многу болки, страдања, непријатности и тешкотии. Смртта на драги личности е чин кој неизбежно раѓа тага, болка и душевна скршеност. Неразрешените душевни болки и страдања може да создадат опасни последици за психофизичката стабилност на личноста и да предизвикаат голем број болести.

Најдобар лек за душевното страдање е времето. Треба да веруваме дека времето лечи сè и посветено да работиме на себеисцелувањето и на прифаќањето на нештата произлезени од минатото.

Духовното страдање може да биде уште поопасно од душевното страдање, зашто тогаш се работи за голем расцеп во личноста и за увид во сопствените гревовни активности произлезени од неразумно, неморално и недуховно однесување. Духовното страдање воедно е и шанса да го преиспитаме своето поведение, да се покаеме, да побараме проштавање и да тргнеме кон вистинскиот пат во животот.

Од другата страна, неретко премногу се вознемируваме и дозволуваме туѓите лоши намери изразени низ неоправдани критики, манипулации, лаги и измами да влијаат врз психофизичката состојба на личноста и да ни создадат емоционално страдање. Во секој миг од животот сретнуваме или слушаме за единки кои претпочитаат да ги омаловажуваат, повредуваат и потценуваат другите луѓе. Нивната склоност кон негативизмот и потребата за искажување навредливи зборови произлегува од личната фрустрација, неприфаќањето на самите себеси и од комплексот на пониска вредност. Задоволниот и исполнет поединец секогаш предност му дава на позитивното, убавото и афирмативното. Неговиот збор и дело зрачат со разбирање, сочувство, поттик и придонес кон тоа и другиот да стане среќен, радосен и задоволен. Индивидуите, пак, кои се определиле да лажат, манипулираат, изневеруваат и искористуваат се длабоко несреќни и незадоволни од самите себеси. Во нивниот код на однесување преовладуваат ситните интереси, површните задоволства, егоизмот и филозофијата на размислување – мене да ми е добро, па што сака нека биде со заедницата или со другиот човек. Таквата себичност, неукост, нецивилизираност и замаеност може да создаде сериозни проблеми во личните односи, но и во општествените текови зафатени од разни загрозувачки (пандемични) ситуации.

Колку и да сакаме да ги избегнуваме негативните околности, тие се составен дел од постоењето. Францускиот философ Жан Пол Сартр има кажано: „Пеколот, тоа се другите (неразумните) луѓе“. Асоцијацијата е дека што и да правиме, каде и да одиме ќе мора да сретнеме или да соработуваме со одредени лица кои нé водат сметка за етиката, емпатијата и општото добро, туку постапуваат исклучиво според сопствените себични интереси. Опасно е ако таквите поединци продолжат да иницираат лоши постапки насочени кон уништување на колективните добра, загадување на еко-средината и загрозување на сопственото и туѓото здравје. Историјата помни многу ситуации кога лошите нешта започнале поради игнорирање и допуштање на мало зло, кое потоа почнало неконтролирано да се шири и да станува голема злокобна лошотија.

Вредноста на човекот се преиспитува според еволуцијата на свеста, придонесот за општото добро и определбата да биде на страната на правдината, чесноста и вистината. Кога сме опкружени со лица кои се карактеризираат со исклучително ниско ниво на свест и кои манифестираат себичност, ирационалност и неодговорност, тогаш е потребна голема среќа и знаење за да се извлечеме од потенцијалните страдања, непријатности и опасности.

Сè што е лошо треба да биде согледано, преиспитано и разрешено, а сè што е добро треба да биде препознаено, воспоставено и активирано. Благодарноста и благородноста се одлики на доброто, а (себе)обвинувањето, критицизмот и негативизмот се карактеризација на лошото.

Во екот на најголемите тешкотии и пандемични опасности потребно е да поверуваме во Божјата промисла и доблесно да врвиме по својот пат. Позитивната мисла и убедувањето дека сè е за наше добро и сé ќе излезе на добро се клучни за справување со негативните вибрации на постоењето.

Со промена на менталната матрица и со определба фокусот да биде ставен врз позитивното, неизбежно ќе се отвори портата за елиминирање на негативното.

Енергијата на очекувањето е посилна од енергијата на желбата. Ние го добиваме она што внатрешно очекуваме да се случи, а не она што копнежливо бараме да се појави. Секој го добива тоа што го има. Ако поседува љубов, ќе добие љубов. Ако во себеси носи мир, ќе препознае мир. Ако опстојува во страдање, насекаде ќе гледа страдање. Ако живее во незнаење, за него/неа сè ќе биде производ на глупост и незнаење.

Успехот е плод на осознавањето, а не на посакувањето. Кога знаеме дека ќе постигнеме позитивни резултати, тогаш и космосот работи на нашата цел и ни помага во остварувањето. Суштината е да ја видиме промената, а не да ја бараме промената. Таа ќе биде позитивна, ако нашето колективно несвесно е фокусирано кон добродетелта, благосостојбата и етиката, наместо кон негативизмот, себичноста и страдањето. Треба да очекуваме дека ќе победи здравјето, мирот и хармонијата – бидејќи како размислуваме, така привлекуваме; што очекуваме, тоа добиваме; колку вложуваме, толку постигнуваме. Време е да го привлечеме тоа што го заслужуваме, да го добиеме тоа што во себеси го поседуваме и да го постигнеме тоа што го очекуваме.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)