ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Спас за душата

515

Нештата најчесто се такви какви што ги чувствуваме, забележуваме и поседуваме во длабочината на сопственото битие. Кога постојано се фокусираме кон неубавото, тогаш го актуализираме неубавото и живееме со негативните вибрации на постоењето. Во светите книги е запишано: „Ако во себеси го негуваш доброто, убавото и позитивното, тогаш Бог ќе ти ги отвори портите кон доброто, убавото и позитивното“. Сепак, колку и да се обидуваме да го бараме доброто и убавото, факт е дека песимизмот, критицизмот и негативизмот сè повеќе се наметнуваат, така што треба да бидеме максимално внимателни за да го избегнеме нивното влијание.

Современиот човек е под константни удари на негативните енергии кои можат сериозно да го загрозат неговото биополе и да му предизвикаат проблеми и тешкотии во животот. За да воспоставиме психофизичка рамнотежа неопходно е да бараме решенија за неутрализирање на стресогените фактори и за зачувување на својата виталност и хармонија.

Долготрајната подложност на негативна енергија создава проблеми со здравјето, предизвикува внатрешен немир, незадоволство, фрустрираност и неефикасност. Многу нешта зависат од карактерот, волјата и навиките кои ги стекнуваме во животот. Кога дозволуваме негативната енергија да нè преземе и длабоко да се всели во нашето битие, тогаш несвесно се навикнуваме на таквата ситуација и живееме стресогено и нервозно. Колку повеќе се навикнуваме на негативната енергија, толку помалку ќе успееме да се ослободиме од стресот, афектот и неубавите нешта.

Неразрешените трауми од минатото предизвикуваат опстојување со тело на болка и манифестација на потсвесна агресивност, самоуништувачки порив, емоционален отров и нетрпеливост во односите со другите. Таквите индивидуи не се навикнати да живеат мирно и хармонично, така што ѝ самите провоцираат стресни ситуации и прават лоши животни избори. Кодот на болка и страдање ги насочува кон неморал, лаги, измами, „морално валкани партнери“, тешки односи и несреќни егзистенцијални околности.

Најголемите непријатели на мирот, среќата и хармонијата се емоционалниот отров, неприфаќањето на самиот себеси и акумулираната омраза. Поединецот кој не успеал да постигне мир со себе, не се ослободил од трауматичните искуства и целосно потпаднал под власт на негативните вибрации може да биде мошне опасен за самиот себеси и за својата околина. 

Емоционалниот отров, потиснатиот гнев и омразата го разјадуваат духот на човекот и од него прават отворен или прикриен „насилник“ кој е неспособен за градење искрени, чесни и емпатични односи со другите луѓе. Неретко таквите личности (не)свесно бараат жртви врз кои ќе ја исфрлаат целата своја лутина и фрустрација, обвинувајќи ги за сето лошо што им се случува во животот. Понекогаш цел на критика се родителите, другпат роднините, а многу често партнерот, пријателите, подредените или колегите.

Непреземањето одговорност за сопствените постапки произлегува од ниското ниво на самокритичност и себичниот карактерен профил на размислување и однесување. Односот со овие лица е полн со расправии, недоразбирања и тешкотии, така што најдобро е навреме да го забележиме нивното деструктивно постапување и да се дистанцираме. Доколку се случи подолготрајно да опстојуваме во врска со вакви личности може сериозно да го загрозиме своето здравје, емоционално да се истоштиме и психофизички да се исцрпиме. Колку подолго сме во интимни релации со овие лица толку поинтензивно ќе старееме, ќе го губиме сјајот на лицето и ќе ја замрачуваме аурата на сопственото битие. Една од нивните најомилени флоскули е да нè обвинат дека сме виновни за сè. Борбата и докажувањето кој е во право нема да вроди со плод, зашто нивната ментална структура нè прифаќа добронамерни укажувања. Овие индивидуи пројавуваат потреба за наметнување на својата волја врз другите, очекувајќи беспоговорна послушност и подреденост. Недостигот на емпатија ги прави мошне себични, сурови и конфликтни посебно кога ќе почувствуваат дека се „загрозени“ нивните права и слободи.

Преиспитувањето на личноста со која си имаме работа, согледбата дали во него/неа е акумулирана омраза, емоционален отров, негативна енергија и потсвесна агресивност е првиот чекор кој ќе ни заштеди многу емоции, нерви, време и енергија и ќе не спаси од потенцијални болки и страдања. Вториот чекор што треба да го преземеме е веднаш да се дистанцираме од таквата личност, зашто еден е животот и катастрофално е да го поминеме во себеизмачување и во релација со лице кое е неспособно да возврати со љубов и емпатија. Наивниот пристап воден од уверувањето дека „моралната свест на другиот е слична како и мојата“ е знак дека не сме научиле значајна животна лекција. Најголемата мудрост е да се чуваме себеси од лошите мисли и постапки, но и да се заштитиме себеси од туѓите лажни зборови и побуди. Кога го идеализираме другиот, некритички му пристапуваме и слепо веруваме во сè што слушаме, тогаш постепено се движиме кон емоционалните болки и страдања. Многумина настрадале бидејќи подлегнале на туѓите слаткоречиви ветувања и поверувале дека наспроти себе имаат единка која држи до моралот, чесноста, вистината и верноста.

Не треба да се биде недоверлив и параноичен кон сè, но времето во кое живееме нè учи дека е неопходно да бидеме рационални и внимателни кон повеќето од лицата со кои се сретнуваме. Мнозина се емоционално оштетени поради траумите од минатото, живеат со самоуништувачки порив, имаат потсвесна агресивност и несвесно се креирани од телото на болка. Тие можеби не се лоши луѓе и немаат намера да ги повредуваат другите, но акумулираната омраза, потиснатиот гнев, ниското ниво на самодоверба, неразрешените гревовни активности, незадоволството и фрустрациите лесно може да ги направат токсични и тешки за градење хармонични односи. Колку и да се трудиме да им ги осветлиме нештата и да им укажеме на последиците од негативното однесување, нивната свест често е заслепена и креирана од потребата да напаѓаат, критикуваат и да ги обезвреднуваат обидите за хармонизирање на односите.

Кога проблемите се закануваат да го заробат духот на човекот, тогаш се соочуваме со две тенденции – борба или бегство. Борбата може да создаде конфликт, а бегството да предизвика потиснување. Неретко решението не е ниту во борбата, а најмалку во потиснувањето, туку во осветлувањето на нештата, соочувањето со тешкотиите и разрешувањето на проблемите. Освен кога поради „повисоки причини“ (деца, здравје, семејни предуслови) сме во неможност да се дистанцираме од лицето со кое несреќно се чувствуваме, главна цел треба да ни биде прекин на врската, постигнување мир со себеси, ослободување од негативните вибрации и иницирање промени што ќе ни донесат љубов, среќа и хармонија.

Чесно ќе постапиме кон самите себе, но и кон партнерот, доколку првично и ставиме крај на врската и потоа се отвориме за нов љубовен однос. Неморалните постапки, изневерувањата, интригите и лагите нема да ни донесат ништо добро. Барањето оправдување дека со исчезнување на љубовта кон постоечкиот партнер „нормално“ е да се одржуваат паралелни врски, ќе ни предизвика уште поголеми фрустрации, стресови, душевни изопачувања и кармички консеквенци кои ќе нè соочат со болки и страдања. Треба да бидеме свесни дека повредувајќи ги другите, неизбежно ја повредуваме сопствената душа – таа на овој свет не е дојдена поради блуд, алчност, зло и омраза, туку поради еволуција на свеста, етика и духовност.

Заклучокот е дека препознавањето на лошото и ослободувањето од неговото влијание е спас за душата и пат што води кон позитивните перспективи на животот. За да уживаме во убавините на сопственото постоење, неопходно е да размислуваме во насока на златното етичко правило кое гласи: „Не му го прави на другиот, тоа што нè сакаш да ти биде правено тебе“.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)