ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Совршена љубов

1024

Дали постои совршена љубов и како завршуваат тие што постојано бараат да бидат со некого што одговара на нивната претстава за таканаречениот совршен партнер?Совршена љубов постои само во мислите на тој што љуби. Основно е секој од нас да ги чувствува нештата на свој начин, ако ги доживува како совршени – тие се совршени, без оглед дали некој е во илузија, клучно е што тој верува дека љубовта е совршена.

Најбитно е односот со партнерот да се гради врз основа на духовната поврзаност, посветеноста и верноста.

Сепак, нештата околу нас често се многу поразлични, така што едно е што ние мислиме туку што навистина се случува. Како и да е, најзначајно е да не се оптоваруваме со барањето на совршената љубов, без оглед дали е таа стварност или мит. Врз основа на нештата кои секој на свој начин ги восприема и доживува, така и ќе ја дијагностицира асоцијацијата за совршената љубов.

Тој што не искусил врвна љубов не смее да престане да се стреми да ја пронајде и почувствува совршената љубов. Надежта последна умира, така што ако претходно не ја доживеал, тоа не значи дека со текот на животот нема да ја доживее. Или, пак, поединецот што се наоѓа во совршена и врвна љубов, тој таа љубов треба постојано да ја одржува. Тоа не значи дека ако е постигнат идеалот, ништо не треба да вложуваме. Совршенството се воспоставува токму преку активитетот, емоцијата и постојаното вложување во односот.

Постои една приказна која во себе носи многу значајна порака за совршениот партнер и совршената љубов кон која многу од нас трагаат.

Еден старец го сретнале после многу години во еден старски дом и го прашале: Зошто ти така заврши и никогаш ли не ја сретна вистинската, совршената жена? Цел свет го пропатува, многу земји посети, многу луѓе запозна – како сепак остана сам? Старецот одговорил: Да, после долго трагање ја пронајдов совршената. Но и таа го бараше совршениот! Така останав сам.

Животот е релативно краток. Често запаѓаме во замката која се состои во барањето на совршеното и идеалното, а кое предизвикува да ги пропуштаме миговите, кои треба и може да ги доживееме и направиме совршени. Треба да знаеме дека не постои совршена целина, ниту совршен партнер, нема идеална вкомпонираност во сè и сешто, туку има нешта кои константно мора да се градат, воспоставуваат и одржуваат. Суштината е да се најде компатибилност и совршенство во оние работи кои за секој од партнерите се од примарно значење. За некого тоа е верноста, за друг ведриот дух, за трет активниот живот, за четврти посветеност и лојалност итн.

Во тој случај, и старецот што ја имал основата да ја искреира и надградува љубовта, не ја почувствувал енергијата на мигот, туку трчајќи кон целината, сметал дека тој љубовен миг не е доволно добар и совршен. Така барајќи ја совршената љубов, го пропуштил совршениот живот!

Барањето на идеален партнер неретко наликува на движење во шума, во која постојано наидуваме на сè поубави и поубави дрвја (иако во животот не секогаш е така, зашто наидуваме и на многу гнили „дрвја“). Опседнати од потребата да го пронајдеме најубавото дрво под кое ќе се одмориме и ќе почувствуваме најголем можен мир и хармонија, ние продолжуваме да се движиме сè подлабоко и подлабоко во шумата на животот. Во тој случај, со постојаното барање некои нови дрвја, некои нови искушенија и стимулации, ние можеби ги пропуштаме оние нешта кои во тој миг ни се дадени како „совршени”. А тоа е можноста да бираме, можноста да се предадеме, да веруваме и пред сè да изградиме еден хармоничен однос кон себе и кон другите. Затоа, мора да се верува во совршениот миг, но не треба да се бара совршената целина. Во животот на луѓето ништо не е толку совршено. Само кај бога сè е совршено. Тој го воспоставил овој свет на совршен интелигибилен начин, каде сè се наоѓа на своето вистинско место. Но, ние луѓето не сме бог, ние сме суштества кои мора да се движат кон еволуцијата на свеста, кон еволуцијата на љубовта, кон развојот на нашите капацитети, кон прифаќањето на нашите судбински текови, кон градењето на нештата што ни се дадени како можност да бираме – тоа е наша мисија! А секогаш можеме да го избереме мигот, позитивното, естетското, сето она што нé стимулира, бидејќи преку тој миг можеме да создадеме каква таква совршена, но променлива целина.

Целината која во овој миг ја создаваме (сега, денес, утре) се распрснува, но повторно ќе добиеме можност да создадеме некоја нова целина која ќе одговара на некој нов миг, на некоја нова основа и нова суштина. Можеби најголемиот аспект на целината на љубовта, произлегува од хармонијата во семејството. Но и тоа семејство, откако ќе застане на здрава основа, мора постојано да се гради и одржува: раѓање на деца; напредок на децата; однос помеѓу партнерите и децата; решавање на разни егзистенцијални тешкотии, борби, удари на судбината итн. Со секој нов момент, мора да се гради нова целина, а неретко и нова основа на животот (напуштање на блиските, развод, отселување, смрт на партнер). Сето тоа предизвикува неизвесност, страв и немир од сè што може да следи во нашата судбина.

Некој смета дека ја пронашол својата „втора половина”, но ако тој самиот не е целосна личност, тогаш и неговата љубов ќе биде половична.

Многу нешта зависат и од духовната воздигнатост на човекот и од неговата способност да го направи вистинскиот избор во животот. Совршенството како целина ретко постои. Можат да бидат совршени миговите кои ги поминуваме со нашите сакани личности. Миг на нежност, миг на поглед, миг на насмевка, бакнеж, разговор, прошетка во природа, миг на сè што нè стимулира, привлекува и одржува. Затоа, треба да ги градиме миговите, но и да се ослободиме од потребата да ги менуваме другите и да ги направиме совршени според нашите потреби. Суштината на заемна среќа е секој да биде тоа што е и да привлече личност на која тоа ѝ одговара и со која ќе се надополни. Секој треба да биде таков каков што е, ние да се вклопиме во неговата животна ориентација, тој да се вклопи во нашата животна ориентација (посебно доколку тие ориентации се позитивни и афирмативни). Тие вредности да се развиваат, усовршуваат и поддржуваат и така животот спонтано ќе си тече кон хармоничната патека на љубовта.

Ако тежнееме во сè да го бараме идеалот, барајќи тоа да се случи сега, утре, или по една година, ние можеби ги пропуштаме нештата кои треба да ги уживаме и споделиме во актуелниот миг.

Човекот е суштество кое понекогаш е преоптоварено со разни барања, потреби, его-борби и желби нештата да се одвиваат како што тој посакува да бидат. Така се измачува и себеси и другите. Понекогаш од нас се очекува да бидеме такви како што другите посакуваат да бидеме и ако се ставиме во една борба, кој каков да биде, колку задоволува и одоброволува, никогаш нема да најдеме заедничко решение, туку односот ќе биде полн со тешкотии и недоразбирања. Во тој случај, најсуштествено е да се вложува и биде во хармонија со самиот себеси, да се сфати дека позитивните мигови се најсуштествената вредност, бидејќи од тие мигови се создава совршената целина, совршената љубов, духовната и емоционална поврзаност помеѓу двајца.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)