ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: СОВРШЕН ПАРТНЕР

583

Сé е полесно доколку во нашиот живот владеат љубовта и хармоничната поврзаност со блиските. Суштината на добрите односи во љубовта е во духовната комплементарност и во емоционалната и ментална сродност на партнерите.

Луѓето се суштества кои сакаат да бидат во сооднос со другите, така што копнежот и потребата да се доживее љубов и да се пронајде сродната душа се исклучително значајни. Зашто копнеж, бидејќи воопшто не е лесно да се оствари љубовна врска со партнер со кој идеално ќе се согласуваме. Ако ја оствариме, тогаш сé е полесно, зашто покрај себе имаме лице со кое заемно ја чувствуваме убавината и топлината на љубовта. Доколку ја пронајдеме сродната душа, тогаш припадноста го зазема местото на илузијата и површноста.

Денес мошне брзо и лесно се распаѓаат браковите, но и потешко се склучуваат, па многумина на подоцнежни години започнуваат живот во брачна заедница. Можеби причината се крие и во желбата да се пронајде вистинскиот партнер.

Сакаме да бидеме во љубовен однос со совршен партнер, без да се запрашаме, дали ние сме совршени. Проблемите неретко произлегуваат од превисоките очекувања, недостигот на толеранција и незаинтересираноста за приспособување во љубовта.

Денес е мошне битно партнерот да биде материјално ситуиран, да има висок статус во општеството или капацитет да напредува. Проблемот е што секој не може да има висок статус, да биде ситуиран или да има успешна кариера. Наместо да се фокусираме кон надворешните аспекти, многу подобро е да ги препознаеме внатрешните квалитети на личноста, какви што се морална воздигнатост, одговорност, посветеност и чувство за градење хармонична семејна заедница. Клучот е да избереме партнер со етички вредности и капацитет за себеразвој и духовно себеусовршување.

За перспективата на љубовниот однос е најопасно ако емоционално, ментално и сексуално се отуѓуваме од партнерот и избегнуваме да бараме решение за проблемите. Во таква ситуација, некои излезот го наоѓаат во неверства и љубовни излети надвор од бракот или врската. Сметајќи дека ќе се спасат себеси, тие пропаѓаат уште подлабоко во „живиот песок” на љубовната нефункционалност. Таквата определба може да ги направи агресивни, критички ориентирани, нервозни и неспособни за градење хармонична семејна заедница.

Доколку прифатиме дека постои борба на половите, тогаш за мажот е клучно да вложува во умот, зашто само така ќе добие „предност“ врз жената, зашто емоциите не се неговата силна страна, а во денешно време страдаат луѓето кои се исклучително чувствителни и ранливи. Многу од жените умеат да се справат со проблемите во љубовниот однос, но ако имаат длабоки емоции не можат многу нешта да променат. Силните чувства влијаат врз разумот и неретко може да предизвикаат љубовна заслепеност или емоционална ранливост.

Со остварувањето на егзистенцијалната независност, некои жени се охрабрија, умислувајќи си дека мажот не им е толку многу потребен, така што почнаа да размислуваат и на опцијата вештачко оплодување. Тие како да не сфаќаат дека на детето му треба идентификација со двата родитела и дека не е клучно да дојдат до мајчинството, туку пред сé до аспектот на семејството. Пренатрупаноста со обврски, вложувањето во кариерата и немањето соодветен партнер (некој што ќе биде „помоќен”, „побогат” и „поубав”) предизвика одредени жени да се решаваат за вештачко оплодување.  Од друга страна, децата повеќе не претставуваат женска судбина. Од пронаоѓањето на контрацептивните таблети бројот на новороденчиња може да се регулира, со цел да не биде преголем и да остави простор и за други активности.

Нештата што пристигнаа од модерното општество, како сé повеќе да нé оддалечуваат од нашето традиционално т.е. конзервативно восприемање на машко-женските односи. Сепак, треба да се укаже дека само пред неколку децении, многу од жените беа тотално обесправени, некои од нив малтретирани и експлоатирани, бидејќи уздите на владеење (повисок статус и материјални средства) беа во рацете на мажите. Можеби и денес го има тоа, но не во толкав обем како што го имало во претходниот век и порано.

Најголемиот број современи мажи (посебно тие што живеат на Балканот), посакуваат природните улоги и понатаму да се почитуваат и развиваат, а тоа подразбира мажот да биде главен во семејството, а жената да си остане верна на вредностите што ѝ припаѓаат на една жена, а тоа подразбира да ги извршува домашните работи.

Денес максимално се променија улогите и многу од жените не сакаат да им бидат подредени на мажите, да им робуваат и да треперат пред нивната умислена „големина”. Повеќето од нив сакаат да бидат независни, да напредуваат во кариерата и да имаат финансиски приходи, делумно поради својата самостојност, а делумно и како придонес за заедничкиот семеен буџет. Според Ханс Јелоушек, моделот на домаќинка која својот сопруг го гледа со благодарност, бидејќи тој е единствениот што заработува и која во потполност се посветува на домаќинството и на подигнувањето деца, за повеќето жени не е повеќе привлечен. Тие сметаат дека таквиот модел ги омаловажува и ги става во подредена позиција во семејната хиерархија. Одредени мажи не сфаќаат дека секој треба да биде самостоен и со можност да инвестира во личниот развој, без целосно да зависи од парите, влијанието или „вниманието“ на другиот.

Но, ако нештата ги гледаме од поинаков аспект, факт е дека современата жена почна да оди во некоја друга насока и постепено се оддалечува од суштинската природа на својата родова структурираност. Еволуцијата е најмоќната сила на земјата, добро е таа да биде присутна и во љубовните односи помеѓу мажот и жената, но само доколку придонесе за нивно хармонично и позитивно живеење.

Клучот на успехот е да преовладува позитивната енергија и секој од партнерите да биде во мир со самиот себеси, без притоа да му наштетува или да го оневозможува напредокот на другиот.

Изборот и постапките што ги правиме во животот, неретко се детерминирани од лошото минато, неразрешените фрустрации и немањето чувство за градење хармонична семејна заедница. Можеби затоа, некои жени мошне негаторски и критички се однесуваат кон одредени мажи. Но, од маж до маж има разлика, исто како што од жена до жена може да има голема разлика (општите дефиниции за мажите и жените, секогаш треба да се земаат со резерва). Некои мажи имаат многу ниско ниво на самопочит и лабилен карактер, така што прифаќаат да бидат угнетувани и деградирани од страна на одредени жени. Од друга страна, самосвесните и духовно изградени мажи ќе направат разлика и ќе се дистанцираат од негативно ориентираната жена.

Секогаш треба да имаме на ум дека љубовното партнерство не треба да биде измачување, туку емоционално сплотување и уживање.

Кога кај другиот ги восприемаме позитивните нешта, тогаш многу повеќе ќе придонесеме за надополнување на тие вредности, но полесно ќе се справиме и со неговите/нејзините слабости. Само кога искрено и посветено работиме на проблемот, може да најдеме решение за проблемот.

Во љубовта, како и во животот, е битно да умееме да ги перцепираме позитивните вредности, а не само да ги гледаме и преувеличуваме негативните околности. Ако одлучиме критички да пристапуваме и исклучиво да ги забележуваме неубавите нешта, тогаш ќе создадеме причина за негативно да се чувствуваме. Друга ситуација е ако се чувствуваме потиснати, несреќни и неисполнети и ако партнерот со своето однесување нé води кон егзистенцијалното дно. Тогаш мора да се заштитиме и да го спречиме падот во животот – барајќи го излезот од таквото дисхармонично партнерство.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)