ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Силен дух

1413

Општата еуфорија која завладеа по успехот на ракометарите на Вардар само покажа дека ништо не е загубено за лицата кои искрено веруваат, поседуваат силен дух и дејствуваат според импулсот на срцето.

Животот е премногу краток за да се измачуваме себеси со тоа што поминало, туку е прекрасен и возбудлив кога уживаме во мигот на сегашноста и со оптимизам гледаме кон перспективите на иднината. Смислата е во борбата, волјата и стремежот да бидеме победници и да го извадиме најдоброто од себе – токму во миговите кога негативните ситуации, искушенијата и тешките удари на судбината се најсилно надвиснати. Преку борбата се јакнеме, а низ страдањето осознаваме дека многу нешта зависат од вербата и духовниот темел на личноста – тие се најголемите градители на успехот, мирот и напредокот

Со успесите што ги постигнуваат, позитивно насочените луѓе покажуваат дека срцето, духот и волјата се клучни за излез од тешките околности на судбината.
Бог ги сака храбрите, им помага на посветените и ги води подготвените. Кога веруваме, храбро дејствуваме и мудро промислуваме, тогаш осознаваме дека животот е игра во која победуваат силните по дух, искрените по душа и моќните по верба.

Да се биде победник, значи да се истрае во борбата, да се издржат ударите на негативните ситуации, да се пронајде смислата и да се задржи достоинството на личноста. Суштината не е да паднеме и да го прифатиме страдањето како конечност на постоењето, туку да станеме и продолжиме храбро да се движиме кон остварувањето на животната цел и мисија.

Клучниот аспект на вредноста е да веруваме во себе, да не се врзуваме за предметните нешта, да осознаеме дека се е подложно на раѓање и умирање, на подигање и паѓање – од човекот зависи колку ќе ужива во миговите на успехот и радоста и како ќе се постави во периодот на ограничувањата, кризата и тагата.

Го даваме само тоа што го поседуваме и носиме со себе, не може да го дадеме тоа што го немаме. Некој поседува позитивна енергија, силен и благороден дух, оптимизам и добрина и насекаде зрачи со убава вибрација, затоа луѓето сакаат да бидат во негова близина. Друг постојано манифестира незадоволство, отпор, горчина и со својот критицизам и песимизам прави луѓето неубаво да се чувствуваат, поради што тие го избегнуваат или се обидуваат да се заштитат од неговите лоши вибрации.

Енергетските вибрации се насекаде околу нас и тие се главните показатели дали во длабочината на нашето битие преовладува позитивната енергија или сме опфатени и под доминација на негативната енергија. Карл Густав Јунг има кажано: „Не може од човекот да излезе она што го нема. За да можеме да шириме мир, мора најпрво да се надополниме со мир. За да можеме да шириме радост, мора најпрво нашето срце да биде радосно. Во спротивно и најутешните зборови ќе звучат како напад од устата на незадоволниот човек“.

Тоа кажува дека не постои мудрец кој може да го научи другиот позитивно да се чувствува, добродетелно да постапува и духовно да промислува, доколку тој самиот одлучил негативно да постапува и да не вложува во позитивните вредности на личноста. Како што кашлицата и вљубеноста не можат долго да се кријат, така и ширењето позитивна енергија не може да се научи, ако не постои афирмација, свест и интерес за такво нешто.

Позитивниот однос кон самите себе ја нагласува благосостојбата на душата, негативниот однос ја нарушува. Силниот дух и вербата се основни за да се придвижат нештата кон афирмативната животна патека и да се создаде реалност на успех и реализација.

Вилијам Шекспир има кажано дека не можеме да ги познаваме другите, ако не се познаваме самите себе. Тоа асоцира дека не можеме да споделиме позитивна енергија, ако самите себеси се доживуваме негативно и неубаво. Кога ќе престанеме да се обвинуваме за нештата кои ни се случиле во минатото, се прифатиме и спознаеме себеси, станеме потолерантни кон погрешните одлуки и сфатиме дека поразите и тешкотиите немаат за цел да не уништат, туку да не научат значајна животна лекција, тогаш имаме голема шанса да победиме и да го реализираме тоа што го сакаме.

Победникот не се раѓа, туку се создава – тој го зајакнува духот, ја преиспитува волјата, ја буди мотивацијата и ја создава вредноста низ неизбежното соочување со поразот. Кога прифаќаме дека поразот и падот се составен дел од животот и од нашето искачување кон врвот, тогаш вистински ќе уживаме во играта, ќе се радуваме на победите и без страв и тензија ќе учиме од поразите.
Од односот кон поразот, неретко зависи патот кон успехот.

Легендарниот кошаркар Мајкл Џордан постојано учел од неуспесите и не прифаќал тие да го оттргнат од реализацијата на целите. „Во мојата кариера имам направено 9.000 промашувања. Имам изгубено речиси 300 натпревари. 26 пати ми беше дадена топката и довербата во клучниот момент од натпреварот, еден поен и победа, јас имам промашено. Не успеав едно по друго, многу пати токму затоа го доживеав и најголемиот успех“.

Силниот дух, непоколебливоста и постојаните обиди се клучот на успехот, така што некои не веруваат во себеси и бегаат од предизвикот, други учествуваат, но однапред се предаваат, трети се откажуваат по првиот пораз и повеќе не се обидуваат, но четврти знаат дека „на маката се познаваат јунаците“ и дека ќе пронајдат начин да го заобиколат или решат проблемот, да продолжат да се качуваат кон врвот и да стигнат до победата.

Да се следи својот сон, да се биде постојано буден, активен и подготвен за остварување на целта е главен предуслов за постигнување на успехот. Малодушноста, стравот, негативната перцепција и прифаќањето на песимистичките сугестии на другите е патоказ кој води кон стагнација, пораз и неуспех. Кога дозволуваме почетните неуспеси да не поколебаат и престанеме да веруваме во позитивниот исход на нештата, тогаш никогаш нема да постигнеме значајни резултати во животот. Суштината е да веруваме во себеси и да знаеме дека чудата се случуваат за лицата кои храбро и активно дејствуваат, бидејќи волјата и силниот дух произлегуваат од пркосот, упорноста, инспирацијата и мотивацијата.

Да бидеш решителен, достоинствен и позитивен, значи дека поседуваш моќ, сила и способност за спротивставување на пречките.

„Ако ме форсираш и туркаш кон нешто што мислиш дека е моја слабост, тогаш тоа станува моја сила“, се зборови на Мајкл Џордан кои укажуваат дека борбениот дух и решителноста, секогаш произлегуваат од мотивот и предизвикот да се извојува победа во борбата со негативните влијанија на околината (судбината). Никогаш не треба да дозволиме пречките целосно да нé запрат и соочат со поразот, бидејќи суштината на животот не е во опцијата да паднеме ничкум пред судбината и да прифатиме дека не можеме, не вредиме и нема да успееме, туку постојано да вложуваме, да се обидуваме и никогаш да не се предаваме.

Кога вистински се вложуваме, упорно работиме и посветено дејствуваме, тогаш остваруваме и се искачуваме кон тоа што го сакаме.

Без оглед на финансиските проблеми, недовербата на јавноста и квалитетните соперници со кои се соочуваа, ракометарите на Вардар покажаа дека „талентот и играта носат победа на натпреварот, но тимската работа, срцето, силниот дух и интелигенцијата ја носат победата на шампионатот“.

Заклучокот е дека животот е игра во која не секогаш победуваат најбогатите, најпривелигираните и најславните, туку духовно најмоќните, морално најпосветените и тимски најфокусираните – тие сфатиле дека позитивната енергија, вербата и срцето се моќна амајлија која заштитува од порази и отвора пат кон победи.

(Доц. д-р Зоран Крстевски, универзитетски професор)