ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Себезаштита

466

Алтруизмот е мошне значајна етичка вредност, но сочувањето на виталната енергија и преиспитувањето на релациите станаа нужна потреба во денешниот начин на живеење. Доминацијата на лагите, манипулациите и користољубивоста наметнаа многу повеќе да внимаваме во какви односи влегуваме со другите луѓе. Мнозина длабоко се разочарале откога безрезервно се потрошиле и непромислено се жртвувале за одредени лица, кои подоцна искажале големо непочитување, себичност и негативизам кон своите добротвори.

Замислете ја следнава ситуација – тргнуваме по одреден пат и нè сретнуваат неколку поединци кои погрешиле нешто во животот. Првиот од нив, не водел сметка за финансиите и константно трошел повеќе отколку што заработувал. Вториот имал висок статус, напредувал во кариерата и управувал со другите, но не водел сметка дека може да падне доле, па сега поради тоа нè токсицира. Третиот не бил насочен кон љубовта и ги игнорирал емоциите на блиската личност, па сега останал сам и нас нè полни со негативна енергија, зашто бил сам. Четвртиот не го направил вистинскиот избор, па се определил да ги следи неморалните и негативни единки и откога доживеал разочарување, бара ние да го извлечеме од „дупката“ во која самиот паднал.

Сите тие индивидуи можеле да се насочат кон позитивното и афирмативното, но водени од егото, алчноста, ниските страсти или себичноста се определиле да му робуваат на предметното, телесното или невредното.  Сега очекуваат преку ноќ – со волшебно стапче, веднаш да се искачат на врвот на своите тежненија. Но, сè додека не ја научат животната лекција, нема да се искачат.

Многумина не сакаат да се соочат со сопствените слабости, туку бараат брзи решенија или некој да дојде да ги спаси, да им го каже волшебниот збор и да ги поведе кон среќата. Кај го има тоа? Прво треба да се потрудат и да поработат на својот личен развој. Задачата на сите нас е да им овозможиме напредок и да им дадеме поддршка, но и да внимаваме, зашто таквите поединци може да нé повлечат кон дното, посебно ако поради своето негативно однесување ѝ заслужиле да бидат во бездната.

Итајќи кон својот животен пат и кон тоа што е наша цел, треба да внимаваме да не налетаме на луѓе, кои ќе нè фатат за раката и повлечат кон бездната. Што е повлекување во бездната? Некој да ни ја троши креативната енергија; да нè исцрпува; да нè изместува; да гледа негативно кон тоа што го правиме за него; да нè вовлекува во пороци; постојано да бара од нас пари, внимание, емоции итн.

Дали може целосно да го задоволиме таквиот поединец?

Тоа е како да веруваме дека алчното око ќе се смири и повеќе нема да краде, туку ќе остави нешто и за другите. Ако ние му дадеме „доволно“ материјални средства, тој ќе се смирел и ќе речел: Доволно ми е. Но, ако тој има 1 милиони евра, сега ќе посака да има 10 милиони, потоа ќе копнее да поседува 100 милиони и сè така во недоглед. Така е и со секој човек кој исклучиво се насочува кон сопствениот интерес и бара другите да го задоволуваат и да му се подредуваат. Нему ништо не му е доволно и тој не размислува за интеракциската поврзаност, туку само за себе и за тоа што може да го земе од другите.

Објективно гледано, ние живееме во мошне суров свет, така што е корисно да имаме фокус кон себе, но не како исклучување на другите и како целосна дистанцираност од моралот, вредноста и духовноста. Задоволниот, исполнет, хармонизиран и среќен поединец многу повеќе ќе придонесе за другите, зашто секој го емитира тоа што го носи длабоко во себе. Од друга страна, што ќе се случи со луѓето, доколку постојано ја расфрлаат и раздаваат енергијата, без притоа да имаат време за себе и за своите потреби? Што може да им дадат на другите, ако постојано се токсицирани, разнебитувани и деградирани. Така и ние, ако не водиме сметка за себе, еден ден ќе пропаднеме, ќе се токсицираме, ќе се потрошиме и ќе ја загубиме силата, свежината и виталноста. И тогаш, може да биде предоцна за да ги промениме нештата. Во тој случај, и да сакаме нема да имаме енергија за да им се дадеме на другите, кои би можеле да нé обвинат дека не сме насочени кон нив; ги оставаме; не внимаваме на нив; не сме истите како порано и не сакаме да им помагаме.

А тие, скоро ништо не прават за да го хармонизираат сопствениот живот, туку константно бараат и се преоптоварени со тоа што другите не им го даваат. Мора да бидеме хумани и водени од добродетелта, односно треба да дадеме совет, да подадеме рака и да помогнеме, но треба и да внимаваме, зашто оној што константно нешто бара, а притоа ништо не прави за да возврати, тој утре може да стане сериозна закана. Во ова денешно време на живеење, зар ние треба да зборуваме само за хуманитетот и етиката?

Како да зборуваме, кога на пример: многу мултинационални компании пласираат неквалитет и штетни производи за здравјето на консументот; кога детската порнографија е меѓу најмоќните индустрии во светот; кога најмногу пари се вртат преку продажба на дрога, оружје, човечки органи и трговија со бело робје; кога профитот со вакцините е побитен од здравјето на загрозените итн. Каде е тука хуманитетот и што тоа се пласира на пазарот? Во името на материјализмот и егоизмот, храната сè повеќе станува неквалитетна, воздухот и плодната почва константно се загадуваат, питката вода сè повеќе ја снемува, се зголемува јазот на малкутемина екстра пребогати и огромното мнозинство на сиромашни лица, кои едвај врзуваат крај со крај итн.

Сите тие аномалии моќно се надвиснуваат врз човештвото и претставуваат сериозна закана за опстанокот на Земјата. Суровоста и определбата на моќниците и нивните корпорациски здруженија да се ориентираат исклучиво кон профитот, создаде деградација на моралот, општите вредности и духовноста. Прашањето е дали повеќето од функционерите водат сметка за обичниот човек, за неговата сигурност и за напредокот на општеството или сè е борба за власт, пари, моќ и привилегии?

Споделувањето на нашата енергија и емоција треба да нè направи среќни, а не жртви на негативните и неблагодарни личности, кои не ја почитуваат направената добрина. Бидејќи во Светата книга пишува: „Кога ќе дадеш со десната рака, не гледај што прави левата“, најдобро е нештата да ги дадеме од срце и да не се преоптоваруваме. Поуката  е  ако сме решиле да помогнеме и придонесеме за туѓиот напредок, да не се каеме и пишманиме, доколку согледаме дека недоволно се почитува и возвраќа тоа што сме го направиле за другите.

Притоа, мошне важно е да ја следиме енергетската вибрација на сопственото битие, бидејќи на тој начин доаѓаме до информации за ситуациите и околностите во кои се наоѓаме и за психофизичката состојба на нашиот организам. Најважно е да бидеме во корелација со енергетската обвивка (аура) и да се опуштиме. Треба да научиме како да ги чувствуваме негативните нешта, но и да ги препознаеме позитивните енергетски вибрации. Тоа подразбира да знаеме кога и како некој ни врши енергетски вампиризам и од каде произлегува дисбалансот на нашата енергија. Заклучокот е да сфатиме дека само кога ќе се дистанцираме од неубавите нешта, нужно ќе ги воспоставиме позитивните и постигнеме внатрешна хармонија.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)