ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Различни карактери

348

Секој човек е посебен на свој начин и тежнее да ги развива своите вредности на сопствен оригинален начин и така треба да биде – да се отвори за сè што го воздигнува и хармонизира како личност. Една од тезите на авторите што пишуваат за љубовните тематики е дека различностите се привлекуваат, бидејќи преку другиот го наоѓаме тоа што нам ни недостасува. На почетокот од врската, различноста е извор на фасцинација со тоа што го карактеризира партнерот. Мојата теза е дека сличностите привлекуваат, а различностите оддалечуваат, впрочем „сличниот на сличен се радува”.

Партнери со слични афинитети и потреби многу повеќе ќе се развиваат, надополнуваат и усовршуваат.

Тоа не значи дека поради нивната преголема сличност и сродност, врската постепено ќе стане здодевна, монотона и ќе загуби на интензитет. Напротив, многу повеќе наидуваме на тешкотии кога преовладуваат спротивностите. Добро е ако различностите се присутни во одредени сегменти, но лошо е ако преовладуваат и ја обликуваат и детерминираат врската како конфликтен однос, докажувања, оправдувања, убедувања! Впрочем, ваквата комбинација може да функционира на почетокот, но со тек на времето ќе се јавуваат сè повеќе проблеми. Треба да имаме на ум дека е исклучително тешко да се живее со партнер кој има тотално спротивни цели и потреби од нашите.

Еден од партнерите сака да оди на спортски, другиот сака да посетува културни манифестации, некој претпочита да оди на планина, друг обожава море итн. Каде е решението? Во надополнувањето и определбата да се најде заеднички интерес, но и да се даде слобода на изборот. Некогаш треба да се оди на планина, другпат на море и така за сè што создава различна преокупација. Без наметнување на сопствениот афинитет да се дозволи секој од партнерите да го прави она што му создава среќа. Така се гради доверба и поврзаност во односот. Ограничувањата и правењето работи со сила само за да не се налути партнерот, нема да донесат никому добро – ниту едниот ќе ужива, ниту другиот ќе биде среќен. Неретко не е толку важно дали сакаме слична музика, храна или дали сакаме на сличен начин да го поминуваме слободното време, туку колку се поддржуваме еден со друг и дали го почитуваме настојувањето на партнерот за различен пристап кон нештата.

Различитости постојат, бидејќи сите луѓе не се исти, ниту имаат слични карактери или негуваат сродни животни филозофии.

Секој си има своја матрица на однесување, така што не можеме да ги следиме и секогаш да ги прифаќаме туѓите желби и намери, но неретко треба да покажеме интерес и да го одоброволиме партнерот, без притоа да се следиме само себеси и да го воздигнуваме своето его. Тезата, пак, дека кога сè е слично или истоветно, врската нужно ќе влезе во монотонија, може ѝ да не кореспондира со фактичката ситуација. Имено, духовната и менталната сличност, интересот за развивање на многу теми, максимално ќе ги привлече и мотивира партнерите да направат нешто добро и да го одржуваат квалитетот на врската. Најважно во еден однос е да вложуваме во заеднички духовни вредности, да пронајдеме теми кои ќе донесат заемно усовршување и напредување, односно да правиме работи кои заедно ги сакаме. Впрочем, за совладување на секојдневните животни задачи на партнерите им е потребна меѓусебна сличност: во чувствата, во проценката на ситуациите, во начинот на кој ги решаваат секојдневните проблеми и во комуникацијата.

Значи, сличностите на карактерот не се пречка, различностите неретко знаат да бидат многу поголема пречка за развивање хармоничен и перспективен љубовен однос. Некој е со силно его, другиот е пречувствителен, едниот брзо и непромислено настапува, па во афект може да искаже недолични и навредливи зборови или премногу критички да настапи, а другиот не сака тоа да му се случува, премногу е ранлив и емоционално го погодуваат грубите зборови. Еден е перфекционист, друг е со широки сфаќања и манифестира либералност во размислувањето, некој критикува и се занимава со ситници, друг ги гледа крупните нешта и не губи време на неважни детали.

Овие различитости многу ретко може да иницираат хармоничен однос, посебно ако се премногу силни, моќни и длабоко вкоренети во карактерот на партнерите или барем кај едниот, а другиот не може да прифати таков однос. Спротивностите некогаш се привлекуваат, но сличностите се тие што создаваат вистинска љубовна поврзаност, смета Бруно Шимлеша. Според него, треба да се делат слични клучни убедувања и да има слични животни приоритети, односно да се ужива во доволен број сличности, со цел да се ужива и во оние нужни различности.

Кај различитостите постои голема борба и ментални разединувања, кои можат да бидат пречка во одреден однос.

Ако постојат карактерни сличности, ние може да ги надградиме и усовршиме, бидејќи се чувствуваме еден со друг, имаме енергетска вибрација и многу полесно ќе наоѓаме решенија за проблемите. Мојата теза е дека сличностите се привлекуваат и тие треба да се одржуваат. Многу е тешко на некој материјалистички ориентиран поединец, кој се врти само кон парите, егото и кариерата да му се објасни дека се вредни и духовниот развој, емоцијата и посветеноста, дека треба што почесто да иницира нежност, да се покаже љубов кон другите во секоја можна прилика, а не да се експлоатираат, подредуваат и потценуваат. Тој нема да може или нема да сака тоа да го разбере, бидејќи развива поинаква животна филозофија. Таа различитост можеби некому му е стимулативна, дури и поттик да се обиде да го промени однесувањето на партнерот. Но најчесто таквиот обид е јалова работа или голема илузија. Зашто никој не може да промени никого, ако тој или таа длабоко во себе тоа не сака да го постигне и не работи на внатрешната промена, бидејќи не чувствува дека треба нешто да промени кај себе. Различитоста може да стане мошне проблематична и опасна, иако на почетокот од врската таа често е интересна и стимулирачка, бидејќи патот кон непознатото, кон она што го немаме искусено буди одреден предизвик и мотивација.

Поентата е дека лицата кои се водат според начелата на духовноста, моралноста, одговорноста, емоционалноста и посветеноста треба да внимаваат да не наидат на различитост кај партнерот, кој пак, од друга страна, се води од ниските страсти, егото, материјализмот и потребата да ги контролира, доминира и владее другите. Во тој случај, со одењето кон различното и непознатото, тие многу повеќе ќе страдаат, отколку ако се определат за личност со која негуваат слична животна филозофија (иако идеална сличност не постои, па не е ни потребна) и со која многу повеќе се разбираат.

Секој треба да биде со партнер со кого многу повеќе ќе си одговара и ќе се надополнува на љубовен план. Затоа, за совладување на секојдневните искушенија потребно е да постои духовна сродност со партнерот, односно сличност во чувствата, во проценката на ситуациите, во комуникацијата и во начинот на кој им пристапуваме на ограничувањата и тешкотиите на животот. Така, љубовта и поврзаноста многу подолго ќе бидат присутни и нема да има толку многу простор за стравување и неизвесност од љубовниот пат насочен кон различното и непознатото.

Како заклучок ќе наведеме дека во љубовта е клучно да ги исполнуваме ветувањата и да преземеме обврски кои можеме да ги реализираме, а уште побитно е да знаеме што сакаме и да бидеме настојчиви во исполнувањето на сопствените потреби и животни визии.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)

 

#ВечерМК #ВесникВечер #zivotnipatokazi #kolumni #kolumniVesnikVecer