ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: „Преполна чаша“

522

Без позитивна визуализација и афирмација многу тешко е да се постигне напредок во животот. Со својата ментална енергија ги привлекуваме соодветните вибрации, така што од исклучителна важност е афирмативно да размислуваме и позитивно да дејствуваме.

Затоа, клучно е да си ги поставиме прашањата:

Кон што се фокусираме; Што ни е идеја-водилка; Колку се надградуваме; Какви придобивки создаваме од нештата што сме ги осознале и почувствувале на ментално и емоционално поле.

Секој од нас треба да знае дека како што размислува, со тоа веројатно и се соочува. Нашето битие е придвижено од одредена енергетска фреквенција и вибрација и водено од ментален фокус и концентрација. Прашањето е кон што е насочена нашата концентрација и визуализација: дали кон позитивното или негативното? Дали премногу се концентририраме и се окупираме со нештата кои ни се случиле во минатото, па сè уште не сме ослободени од емоционалните шеми што психофизички нè дисхармонизирале? Или, пак, немаме фокус и визија дека ќе биде подобро и дека ќе најдеме решение за проблемите? Таквите размисли предизвикуваат да бидеме преокупирани со болки, со страдања и со чувство дека нема да успееме, дека нема ништо да промениме и дека не вреди да се трудиме и да размислуваме кон насоката на позитивната вибрација.

Мора да се насочиме кон позитивната мисла, но и да работиме на својата емоција. Голем број писатели кои се занимаваат со популарната психологија низ призма на мотивација и себеразвој, сметаат дека мисла + емоција = акција. Тие ја ставаат мислата во преден план, асоцирајќи дека многу нешта во нашиот живот зависат од афирмативниот или негативниот аспект на мислата. Лозунгот на популарната психологија е: „Ако позитивна ти е мислата, позитивни ќе ти бидат и случувањата“. Во пракса многу луѓе навистина размислуваат позитивно и се сконцентрирани кон добрите нешта, но позитивните промени и случувања постојано ги заобиколуваат.

Нивниот заклучок е: „Цело време позитивно размислувам, се надевам и иницирам афирмативни размисли, ама ништо хармонично не ми се случува“. Каде е проблемот?

Тој се наоѓа во емоционалната структура на човекот, кој пред сè, треба да се соочи и да расчисти со сето она што е натрупано во неговата потсвест, а веројатно и во перцептивната способност на неговата свест. Нема да има вистински ефект позитивното размислување, доколку сме емоционално разнебитени, имаме потиснат страв и внатрешен стрес. Што ако, на свесно ниво размислуваме позитивно, кога тоа го правиме без длабока концентрација, фокус и визуализација, поради што позитивната мисла пролетува и експресно исчезнува. На пример, размислуваме или кажуваме: „сакам ми биде убаво; да доживеам љубов; да најдам работа; да изградам хармонични односи со луѓето“. Но, бидејќи тоа е така брзо кажано и непоткрепено со импулсот на емоцијата, на крај сфаќаме дека не сме постигнале напредок и развој на нештата.

Ако нашите емоции се полни со завидливост, со омраза, со негативно чувство, со ниско ниво на самопочит, со одреден страв и грижи, тогаш ја лимитираме моќта на позитивната мисла, зашто во резервоарот на потсвеста доминира импулсот на негативното и дисхармоничното.

Сè додека не се ослободиме од предрасудите, емоционалните шеми и погрешните предубедувања, многу тешко ќе допреме до суштинските вредности на себеспознанието, личниот развој и хармонијата.  Во зен-приказната „Преполна чаша“, се зборува за потребата да  стекнеме длабоки знаења и духовни начела, кои нашиот живот ќе го направат посреќен и поисполнет.

Нанин, јапонски учител на зен, еден ден го посетил некој универзитетски професор кој имал желба кај него да се распрашува за зенот.

Нанин го послужил со чај. Откако ја наполнил чашата на својот гостин, тој продолжил и натаму да налева.

Професорот набљудувал како чашата се прелева, но кога веќе не можел да се воздржи, рекол: „Полна е. Повеќе не може да собере“.

„Како и оваа чаша“, рекол Нанин, „така и ти си полн со сопствени убедувања и претпоставки. Како би можел јас да ти го објаснувам зенот ако претходно не ја испразниш својата чаша?“

Поуката е дека погрешните убедувања и сопствените предрасуди може максимално да нè оддалечат од личниот развој и вредностите на животот, така што со ослободување од негативните емоции и ментални фикции, суштински ги зголемуваме шансите за напредување. Затоа, подобро е да отвориме „бел лист хартија“, отколку да останеме со животната страница, исполнета со многу незнаења, фрустрации, заблуди и дисхармонични ориентации.      

Кога нашите емоции не се хармонизирани, тогаш колку и да мислиме позитивно, ништо не можеме да придвижиме, бидејќи емоционално сме вознемирени. Затоа, клучно е да се ослободиме од сите оние емоции кои нè деградираат, повредуваат и изместуваат. Тоа воопшто не е лесно и не се постигнува брзо, потребни се години, такаречи цел живот, но придобивките се огромни, доколку престанеме да се изместуваме поради емоционалните болки од минатото.

Замислете ја ситуацијата многу често присутна во љубовните односи. Едниот партнер со негативни зборови го напаѓа другиот партнер: Не вредиш; види каков/каква си; ништо од тебе нема да излезе; не заслужуваш повеќе да бидам со тебе; немам видено ваков губитник итн. Со тие критики, партнерот всушност ги напаѓа емоциите на партнерката (може да биде и обратно). Тоа предизвикува нејзините емоции да бидат згрчени и да живее во страв и несигурност, поради што лесно потпаѓа под меланхолија, стрес и депресија.

Во тој случај, како жената/мажот да размислува позитивно, иако се обидува да размислува позитивно, кога емоционално е разнебитена и живее под голем немир и тегобност. Асоцијацијата е дека најсуштинска придобивка е да се ослободиме од непотребните и штетни емоции и да станеме имуни на разните негативистички вибрации. Позитивната мисла е потребна, зашто претставува моќен клуч за отворање на вратите на успехот, но нејзината улога ќе биде многу поделотворна, доколку амигдалата (центарот на  емоционалното памтење) не е вжарена и не ги доминира нашите свесни реакции.

Луѓето на кои им се воспалила амигдалата (бидејќи чувствуваат одредена закана), имаат тешкотии да ги контролираат своите постапки, поради што многу почесто влегуваат во конфликт и иницираат насилство во својата непосредна околина. На таквите поединци, како да им се поматува свеста, бидејќи водени од импулсот на емоцијата, лесно потпаѓаат под афект и не ги контролираат своите реакции. Тоа покажува дека е неопходно да работиме на емоциите и да не дозволиме тие целосно да ја доминираат нашата личност. Во тој контекст, потребно е да ја репрограмираме својата потсвест и да се исчистиме од сето она што ни создало големи болки и страдања.

Дел од методите за неутрализирање на моќните импулси на емоцијата можат да се спроведат врз следниве ситуации:

Оставените/разведените да не живеат со емоционален немир поради случувањата во минатото; Да не се оптоваруваме со мислата дека можеби ни поминале годините; Во ниту еден случај, да не дозволиме да ги загубиме целта, смислата и визијата на животот; Да не сметаме дека сме можеле да постигнеме многу повеќе во животот, а не сме постигнале; Да не дозволиме емоционалната болка поради загубата на блиските, да нè парализира и оддалечи од перспективите на иднината.

Доколку сме под страв и емоционална вознемиреност, многу тешко ќе можеме да се концентрираме кон перспективите на иднината, нема да можеме да изградиме нов фокус и ќе бидеме подложни на стрес и негативно чувство. Во тој случај, позитивната мисла нема да вроди со плод, бидејќи не е длабоко вкоренета во нашето битие. Таа ќе нема темел и нема да биде во корелација со емоционалната хармонија што сакаме да ја постигнеме.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)