Да им се предизвикува зло на другите и да не се води сметка за општото добро, моралот и вредноста, претставува погрешна ориентација во животот и лошо потрошена енергија. Од човекот зависи кон што ќе се насочи и дали со своите постапки ќе придонесе за развојот на доброто или за уште поголемо устоличување на злото.

Доброто треба да биде интерес на нашето внимание, зашто ако го гледаме само злото постепено ќе ги попримиме неговите негативни вибрации и ќе се навикнеме на лошите нешта во животот. Суштината е да придонесеме светлосната димензија на животот и тасот на доброто, да превагне над тасот на лошото и темната страна на постоењето.

Клучната поента е да прикажеме дека позитивната енергија е природна состојба на човечките битија и дека нејзината моќ најдобро ќе ја спознаеме кога барем делумно ќе се исчистиме од работите што ја попречуваат.

Треба да разбереме дека не постои само материјалистичкиот начин на восприемање на животните вредности, туку дека за вопоставување на добриот и хармоничен живот, неопходно е да се експонираат начелата на хуманистичката етика и позитивната енергија. Тоа ќе го постигнеме доколку научиме да ги препознаваме злото и негативната вибрација и се дистанцираме од нивното штетно влијание. Како што некои се хранат од примерите на злото и негативноста и на тој начин ги оправдуваат своите лоши постапки, сите ние треба да се определиме за димензијата на позитивната свест и духовност, која од човекот очекува – да не го игнорира злото и да не му допушта да го завладее неговото битие и да се наметне во глобални рамки.

Не постои човек, кој не се почувствувал енергетски исцрпен и не бил „под удар“ на енергетските вампири. Голем дел од истражувањата за начинот на кој енергетските вампири го атакуваат туѓото биополе, се практично осознаени и кореспондираат со овдешниот начин на живеење. Во тој контекст, потребно е да ја подигнеме својата енергетска состојба и нивото на свесност и да ги осознаеме методите за заштита од енергетските вампири и нивните негативни вибрации. Без силна духовна заштита може да го загрозиме своето биополе и да станеме лесен плен за сите грабливци на туѓата позитивна енергија.

Од друга страна, општиот немир што владее на глобален план, пропратен со војни, меѓусебни оружени судири, тероризам, економски рецесии, мигрантска криза, пандемија, појава на ретки болести и силно јакнење на нетрпеливоста и деструкцијата, нé поттикнаа малку подетално да почнеме да размислуваме за човечката природа и за феноменот на доброто и злото во неа. Стана клучно да преиспитаме зошто наместо мирот, хармонијата и радоста на споделувањето и помагањето, во денешно време многу повеќе доминираат деструктивните пориви, агресивноста, задоволството од трупање материјални добра, грабањето, ниските страсти, неводењето сметка за општото добро и неизвршувањето на професионалната должност.

Човекот секогаш ја има можноста да бира и врз основа на својата слободна волја да определи што ќе следи и практикува во животот. Негова идеја – водилка може да биде моќ, профит, суровост или тенденција за експлоатација и деградација, но може да биде и љубов, сочувство, вредност, духовност и ангажман за општо добро. Луѓето се определуваат и ја бираат патеката на животот. За да го пронајдат вистинскиот пат кон самите себе и кон тоа што е добро, неопходно е да ја развиваат свеста и да го иницираат сфаќањето дека на крајот сé се плаќа и враќа – доброто со добро, а злото скоро секогаш со зло и со негативна карма за себе и за своите поколенија. Со развивање на свеста врз основа на позитивната вибрација и вистинските вредности, луѓето ќе можат да бидат припадници на нешто што е вредно и создавачи на добра карма, како за себе, така и за семејството и општеството во кое живеат, на кое му припаѓаат и во кое создаваат.

Позитивните вредности мора да се крепат, штитат и создаваат, зашто ако се седи на страна и се остави злото и негативните вибрации да доминираат со сеопштото, тогаш какви ќе ни бидат шансите за мирен и хармоничен живот, кои ќе исчезнат дури и за „неутралниот“ поединец. Верувањето во Бога или во космичката интелигенција, подразбира ангажман во името на доброто и позитивното и свест за духовното. Да се биде духовен, пред сé асоцира на етичко, хумано и одговорно постапување, така што и атеистот, кој се води според начелата на моралот и позитивноста, станува духовно воздигнат поединец.

Сите ние треба да знаеме дека духовниот мир и хармонијата се најскапоцените вредности во животот! За да ја почувствуваме нивната убавина, неопходно е да се дистанцираме од лицата кои не знаејќи што со себе и со своите наталожени фрустрации, манифестираат негативна енергија и се обидуваат сопствените слабости да ги маскираат со напаѓање на другите. Таквите личности е исклучително тешко да ги одоброволиме и задоволиме, бидејќи водени од законот на отпорот и негацијата – тие ниту сакаат, ниту умеат да препознаат што е добро и позитивно во животот.

Сознанието дека на земјата не се движат само добрите и духовните, побудува неизвесност и страв за сопствената и колективната егзистенција. Иако не постојат совршено добри луѓе, како што и ретко може да се наиде на радикално лоши луѓе, сепак потребата да се откријат карактеристиките на добрите и лошите поединци, отсекогаш го окупирале човековото внимание. Меѓутоа, недостигот на критериум за тоа што е добро, а што лошо, доведува до ситуации на  релативизирање и на едното и на другото. Затоа, во јавноста често се провлекува тезата, дека не може така лесно да се каже што е добро, а што зло. Секогаш ќе има поединци кои и на најсветлото, ќе му пронајдат некоја црна дамка, како што и на најтемното, ќе сакаат да му додадат некоја светла нијанса.

Философите отсекогаш си го поставувале прашањето: Дали навистина, како што тврдел Томас Хобс: „Човек на човека му е волк“ или можеби е полош и од волкот (зашто волците меѓусебно не се убиваат, освен ако се животно загрозени)? Според арапскиот философ Авицена, човечкото суштество по природа не е ниту добро, ниту лошо, но има поголема наклонетост кон доброто. Подоцна човекот еволуира под влијание на околината и на образовно-воспитниот систем. Ако се навикне на злото, тој станува лош, а ако се навикне на добрината тој станува добар. Слично размислување за вредноста на воспитувањето и образованието искажа и Жан-Жак Русо. Тој сметал дека растенијата се облагородуваат со негување, а луѓето со воспитување. Овие согледби покажуваат оти со вежбање и навика може да се стане добар и да се придонесува за позитивното, зашто во природата на човекот е да биде благороден, емпатичен и хуман – вредности кои под пресијата на негативните цивилизаторски придобивки и лошите општествени околности, почнуваат постепено да исчезнуваат и човештвото да го носат кон деструктивните патеки на постоењето.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)