ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Прифаќање на болката

632

Духовното созревање и надградбата на личноста се основни за надминување на сопствените слабости и за ментално ослободување од негативните удари на судбината. Инвестирањето во себеси ќе ни помогне да најдеме решение за наталожените грижи, разочарувања и неуспешни обиди за подобрување на односите со другите луѓе.

Опстојувањето со немир, чемер и емоционален отров не може да ни донесе ништо добро. Преголемата фокусираност на болките и страдањата произлезени од минатото, нужно ги стопира нашите можности за напредување и реализирање на потенцијалите. Не постои човек кој не се разочарал во нешто и нé потклекнал пред проблематичните животни ситуации.

Суштината не е да стравуваме од непознатото, туку разумно да се носиме со последиците произлезени од непознатото. Предизвиците се насекаде околу нас, и неретко поради духовна неосвестеност, наивност или желба да внесеме нешто ново и возбудливо во својот живот, непромислено им се предаваме на искушенијата и тргнуваме кон ризиците.

Грешките се составен дел од животот и тие треба да се сфатат како значајни поуки, без кои нема да успееме да ја тестираме својата ментална сила и да се надградуваме како личност. Невозможно е постојано да постигнуваме успеси и секогаш да бидеме на висина на задачата. Треба да се стремиме кон подоброто и да преземеме сè што е во наша моќ за да постигнеме успех. Но, ако не успееме во намерата, неопходно е да бидеме толерантни кон самите себеси и да не се разочаруваме. Ако денес не сме успеале, утре ќе успееме. Таков е пристапот на лицата кои веруваат во себеси, се борат и оптимистички се движат низ животот.

Не постои безгрешен човек, како што не постои ниту идеално мудар поединец кој ќе умее секогаш да ги предвиди ризиците и да се заштити од разочарувањата. Цврстината на карактерот не се согледува преку пасивноста и дистанцираноста од искушенијата, туку низ борбата и способноста за справување со ударите на судбината. Суштината е да станеме кога ќе паднеме, да извлечеме поука од неубавото искуство и да продолжиме напред кон новите перспективи на постоењето.

Нема духовно откровение, без страдание. Во мигот кога човекот ќе ја допре точката на најголемото страдање, кај некои луѓе се буди импулсот на верата и силната насоченост кон Бога. Тогаш нивната фаталистичка помиреност ја победува болката, отворајќи го патот кон исцелувањето на душата и психофизичкото хармонизирање на личноста.

Најлошото кое можеме да си го предизвикаме на самите себеси е да ја монополизираме победата и да сметаме дека поразот никогаш нема да тропне на нашата порта. Но, едно е што посакуваме, а сосема друго е што судбината ѝ подготвила на нашата личност. Нема духовно откровение, без страдание. Во мигот кога човекот ќе ја допре точката на најголемото страдање, кај некои луѓе се буди импулсот на верата и силната насоченост кон Бога. Тогаш нивната фаталистичка помиреност ја победува болката, отворајќи го патот кон исцелувањето на душата и психофизичкото хармонизирање на личноста. Философот Фридрих Ниче тоа го објасни со терминот „љубов кон судбината“ (amor fati), како асоцијација за прифаќање на болката и за миговно предавање на тагата. Во моментот, на сите почитувачи на ликот и делото на Ѓорѓе Балашевиќ не им останува ништо друго, освен да ја прифатат тагата бидејќи големиот уметник и миротворец го напушти овој свет, отпловувајќи кон ангелите.

Предусловот за позитивната промена е поврзан со елиминирањето на омразата, гневот, огорченоста, јадот и потребата да им напакостиме на тие што емоционално нè повредиле. Погрешно е сфаќањето дека поривот за одмазда ги движи луѓето. Напротив, нејзината моќ е да нè однесе кон амбисот на самоуништувањето, иницирајќи го вртежот во кругот на заемното дисхармонизирање и повредување. Наместо постојано да се гневиме и емоционално да страдаме поради претрпените неправди, најдобро е да разбереме со какви лица си имаме работа. Тие што нè повредиле, само ни покажуваат со каков духовен материјал е изградена нашата личност; од што треба да се ослободиме; што треба да исцелиме и што треба да преобразиме со цел да бидеме во мир со самите себе. Опстојувањето со емоционален отров, себеразјадувањето и очекувањето на другиот да му биде лошо, само ќе предизвика нам да ни стане уште полошо. Големиот духовник и философ на православието Максим Исповедник има кажано: „Оној што со своето срце забележува траги на омраза кон некој човек заради некоја негова постапка, е целосно туѓ на љубовта кон Бога. Бидејќи љубовта кон Бога не трпи омраза кон човекот“.

Бог го посакуваа спасението на сите, но не сите го добиваме бидејќи спасението зависи од нашата волја, верба и духовна посветеност, односно дали вистински го посакуваме и со колкава смиреност кон него се движиме.

Решението е да научиме да им простуваме на другите, да си простиме на самите себеси и да итаме напред кон светлите основи на постоењето.

Отпорот да се препознае тагата е пат за константно живеење со тагата. Прифаќањето е најдобар лек за болката и најсилен мотив за ослободување од лошото и фокусирање кон доброто. Животот поминува толку брзо, така што немаме време да трчаме по погрешни патишта и да се оптоваруваме со нештата кои поминале. Најголема грешка е постојано да тагуваме по сè што сме можеле, а сме пропуштиле да го направиме.

Обично осветлениот пат е тој кој најмногу го посакуваме, но од кој најсилно се плашиме. Преземањето одговорност за сопствениот живот за многумина е невозможна мисија. Кога сме поставени пред самите себеси, станувајќи свесни дека лично сме одговорни за сè што правиме или не правиме, во тој случај нужно ја отвораме можноста за создавање позитивни промени. Сè додека ги обвинуваме судбината, минатото, општеството или другите луѓе за борбите и тешкотиите низ кои поминуваме, сè дотогаш нема да напредуваме и создаваме хармонија во своето живеење. Самовредноста се тестира низ неповолните животни ситуации, а силата произлегува од визијата, храброста и подготвеноста да се иницираат промени.

Многумина опстојуваат во однос, работа, место на живеење или пријателства во кои не чувствуваат љубов, напредок и хармонија, туку лажна сигурност и нецелосна присутност. Бегството од празнотијата на животот помага, но само накратко. Ниту еден проблем во светот не е решен ако избегаме од него. Соочувањето со проблемот е клучот за разрешување на проблемот.

Суштината на постоењето е да станеме подобра верзија на самите себе, да ги надминеме личните слабости и да создадеме похармоничен однос со другите. Тоа нема да го постигнеме ако не се бориме и не веруваме во позитивните можности.   

Голем број од луѓето стравуваат од промените, упорно држејќи се до ситуациите и односите што делумно им создаваат задоволство, среќа и исполнетост. Овие поединци сметаат дека новите почетоци се апсолутна илузија. Нивната теза е дека не вреди да започнат сè од почеток, бидејќи животните кризи и тешкотии ги потрошиле како личност и дека повеќе немаат сила и волја да се борат. Тие не сфаќаат дека суштината на постоењето е да станеме подобра верзија на самите себе, да ги надминеме личните слабости и да создадеме похармоничен однос со другите. Тоа нема да го постигнеме ако не се бориме и не веруваме во позитивните можности.

Античкиот философ Хераклит потенцирал дека „сè тече, сè се менува“, така што ако некој однос бил лош, тоа не значи дека така ќе биде и во иднина. Од нас зависи како ќе му пријдеме на блискиот и кон што ќе се фокусираме. Ние одлучуваме дали ќе ги гледаме убавите нешта или постојано ќе критикуваме, шириме негативизам и незадоволство. Кога поседуваме внатрешен мир и знаеме дека клучот не е во менувањето на другите, туку во подобрувањето на самите себеси, тогаш отвораме можност и блискиот да ги увиди своите погрешни постапки и да се подобри како личност (партнер).

Од другата страна, кога на односите кои завршиле неуспешно нема да гледаме како на искуства кои ни го загорчиле животот, туку како на поуки кои ни помогнале да си го вратиме и осветлиме животот, тогаш неизбежно ќе напредуваме, станувајќи поуспешна верзија на самите себеси и подобра личност за сите кои вистински нè сакаат.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)