ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: ПРИОРИТЕТ ИЛИ ОПЦИЈА

912

Дали на саканото лице во љубовта треба да му станеме опција или приоритет?

Дефинитивно, треба да сме му приоритет.Но, што се случува во односите, дали на саканото лице секогаш сме му приоритет или сме му некоја опција и што претставува едното наспроти другото?Приоритетот асоцира дека саканата личност се интересира и насочува кон нас, гради хармоничен однос, размислува за нашите потреби, отворена е за соработка.Приоритетот претставува позитивен пристап, бидејќи нештата ги прави од срце, со добра намера и со тенденција да успее љубовната врска.Кога постои опцијата, тоа значи дека сме негов избор, секогаш кога нема некоја друга опција.

Односот се проблематизира кога кај двајцата партнери приоритетите се поставени на различно поле.

Добро е да умееме да се приспособуваме и да ги прифаќаме различните приоритети и ситуациите кога партнерот е должен предност да им даде на кариерата, фамилијата, родителите, пријателите, децата итн.Но, лошо е доколку тоа почесто се случува и нема доволно слободно време за да биде со нас.Таквиот пристап ќе предизвика да се почувствуваме запоставено и да „умислиме” дека недоволно ни се возвраќа или дава љубовта.Овие околности, неизбежно ќе нé направат незадоволни и ќе создадат тензија во љубовниот однос.

Кога сме опција, бидејќи приоритет му се другите, тогаш нема да се чувствуваме исполнето, туку фрустрирано, несреќно и дисхармонично.

Тоа подразбира дека партнерот нема потреба и желба за комуникација, за страст, за излегување, за споделување на убавите мигови со нас, туку можеби, приоритет ќе му бидат пријателите со кои почесто ќе излегува и со нив ќе го надополнува или креира слободното време. Истото може да го направи и со родителите, колегите од работа, а не со лицето со кое се наоѓа во љубовен или брачен однос.Тоа не значи дека другите треба да се игнорираат и партнерот да биде единствена опција или главен приоритет.За да биде еден однос богат и исполнет, треба да е надополнет со многу нешта. Тоа значи, ако се има деца и тие да си го најдат своето место; ако се живи родителите да се комуницира со нив, да се отиде на посета или да се повикаат на гости; да се најде време за комуникација и со роднините; како и да се излегува со пријателите; да се следат културни манифестации и да се вложува во личниот развој. Поентата е да се надополни животот со сето она што двајцата партнери ги прави среќни, задоволни и исполнети во даден момент.

Така, освен што градиме хармоничен однос со саканата личност, а која ја чувствуваме како приоритет, ние наоѓаме начин да оствариме позитивна комуникација, блискост и сродност и со другите лица присутни во нашиот живот.

Може само да замислиме каква перспектива ќе има љубовната врска, доколку приоритетот го ставаме врз пријателите и со нив константно одиме на разни културни манифестации и седенки, а многу ретко го правиме тоа и со партнерот. Во тој случај, каква е таа врска, каков е тој однос и дали може да има напредок?

Секако дека не може да има напредок, затоа најдобро е да размислиме, сето тоа кон што ќе нé однесе.

Тоа го има и во пријателството, каде одредени личности нé третираат како опција (посебно кога се осамени) и сакаат да другаруваат со нас, само затоа што немаат друг избор или приоритети. Овие нешта ретко се забележуваат, но може да се почувствуваат преку вибрацијата што ја шират, бидејќи на таквите „пријатели” им е потребен некој што ќе им ја пополни празнината и ќе им се „најде” во одредена ситуација. Како и да е, не е убаво чувството кога сфаќаме дека сме нечија опција.Од друга страна, не треба да се опседнуваме со барањето кај другите да станеме врвен приоритет, ниту пак, да дозволиме некој нам да ни биде единствен приоритет, а сé друго да запоставиме во животот.Клучно е другите да не ги врзуваме премногу за себе и да бараме тие да се однесуваат според нашиот терк.Исто така, не треба да ја загубиме сопствената независност и да дозволиме некој да нé креира и води на начинот како што тој си замислил да нé води.Сето ова укажува на потребата да не западнеме во замката на посесивност.

Мудро постапување е кога даваме, тогаш вреди и да бараме.

Неретко партнерите забораваат дека треба да даваат, а не само да земаат, проектирајќи дека недоволно добиваат од другиот.

Со позитивна енергија, со прифаќање, надополнување, спонтаност, неприсила и со чувство дека имаме вистински пријател, партнер, роднина, нештата може да одат напред и да се развиваат по хармоничната патека.Добро е ако во било кој сегмент од животот, наспроти површноста владее суштината и вредноста, но мора да се биде реален – денеска ретко постојат нешта кои се константно позитивни и сигурни.Како што нештата околу нас се менуваат, така и туѓите карактери се менуваат и кога очекуваме другиот да нéвреднува и третира како врвен приоритет, тоа можеби на крајот нема да се случи.Затоа треба да се заштитиме себеси и да нé очекуваме премногу од другите, но и да настојуваме да го добиеме тоа што реално сметаме дека го заслужуваме.Во еден љубовен однос тоа би требало да биде насмевка, бакнеж, нежност, привлечност, страст, надополнување, комуникација итн.Дали сите тие нешта спаѓаат во доменот на приоритетите кои се нормални и очекувани?

Понормални приоритети не постојат, инаку ако се неприфатливи и нереални, тогаш што би требало да доминира во љубовната врска?Дали треба да дозволиме да доминираат лагата, дистанцата, отуѓувањето, неприфаќањето, непосветеноста, отпорот и студенилото?Ако работите не функционираат подолго време, тогаш зошто би се одржувала врската и би се туркала како опција?За да одиме напред во животот, не ни треба таков однос, таква врска и таква опција.Напротив, треба да се дистанцираме и со текот на времето да оствариме љубовна врска која ќе се гради врз темелот на позитивните приоритети и надополнувања со партнерот.

Приоритетот најсуштински се воспоставува кога ние самите на себе сме си најголем приоритет.

Најголемата љубов мора да ја има секој за себе.Доколку ја немаме, бараме тој недостаток и таа празнина да ни ја надополни партнерот.Но, никој никогаш не може толку целосно да го посвети својот живот задоволувајќи ги туѓите приоритети и потреби.Во суштина, не треба премногу да очекуваме од другите, ниту пак, премногу да се притискаме себеси, клучно е да се спознаеме, вреднуваме, но и да го почитуваме тоа што го имаме и добиваме од животот. Тоа подразбира, ако другите не се такви какви што очекуваме да бидат, не треба да тагуваме и да страдаме, зашто и покрај сé, ние се имаме самите себе, како и можноста да бираме, да се движиме, да размислуваме. На тој начин, ќе се определиме да бидеме во мир со себе и ќе ја негуваме надежта дека утре ќе биде подобро (зашто и добрите и лошите мигови се само мигови и поминуваат).Па, можеби лицето кое нéпоставило во доменот на опцијата, еден ден ќе сфати каде погрешно се постапило или ќе почувствува поинаква потреба.Но, и да не дојде до тоа, сигурно ќе се појави некој нов партнер, кој можеби многу посуштински ќе нé надополнува и нема да нé третира како опција, туку како приоритет.

 (авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)