ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Преземање ризик

684

Опасно е да дејствуваме и да донесеме некоја важна одлука, без притоа да собереме најголем можен број информации и внимателно да ги разгледаме ризиците. Но, уште поопасно е да очекуваме патот да биде кристално чист, па тогаш да го иницираме дејствувањето. Народната мудрост вели: „Кој не ризикува, не добива“! Значи, нема успех и реализација, доколку не ги прифатиме ризиците и не се соочиме со опасностите.

Многу од успешните поединци константно се соочувале со искушенијата при градењето на кариерата, статусот и успехот. Во нивниот животен пат постоеле разни предизвици, ризици и пречки, но тие со одржување на духот, со негување на вредноста, со иницирање на волјата, успеале да ги распрснат сите ограничувања и да ја остварат целта. Но, бидејќи животот не е праволиниски зацртан, секогаш може да се соочиме со нови предизвици и искушенија и со тоа одново да бидеме ставени пред дилемата: дали вреди да ризикувам или подобро е да го чекам вистинскиот момент за дејствување?

Впрочем, таков е животот, таква е и суштината на поредокот што владее во универзумот, каде изгрејсонцето секогаш одново и одново се раѓа, будејќи ја надежта во духот на човекот дека ќе успее и дека сé ќе биде добро. Тоа асоцира оти животот константно е опфатен со ризици, но може и треба да биде опфатен и со трпеливост, мудрост и активност. Од другата страна, доколку претпочитаме секогаш да одиме на сигурно, сметајќи дека навреме ќе се дистанцираме од сé што може да не загрози, ќе бидеме во голема заблуда, зашто опасните ситуации неретко се производ и на надворешните околности, на судбината или на божјата промисла.

Во одредени случаи, колку и да се обидуваме да се заштитиме, нема целосно да ги избегнеме опасностите и ризиците. Сепак, за многу нешта што ни се случуваат во животот и ние самите сме одговорни, бидејќи со своето однесување ги предизвикуваме и повикуваме опасните ситуации. Некој тоа го прави со невнимателно и ризично учество во сообраќајот, друг со неодговорен однос кон материјалните добра, трет со оддавање на разни зависности, некои со агресивност и конфликтност во односите со другите лица итн. Значи, и нашиот карактер ги предизвикува лошите нешта, така што без работа на себеси, многу тешко ќе успееме да се дистанцираме од ризичните и опасни ситуации.

Мудрост е да сфатиме дека не постои совршенство и дека не треба да дозволиме проблемите и потрагата по идеалот да ги пасивизираат нашите сили и да не оддалечат од борбениот, активен и дејствителен пристап кон животот.

Кога ќе го прифатиме фактот дека проблемите се неизбежен дел од животот и значаен катализатор на напредокот, ќе престанеме опсесивно да се грижиме и ќе почнеме похрабро да им се спротивставуваме. Човекот треба да биде подготвен секогаш одново да ги докажува своите таленти и способности, да се бори против надворешните ограничувања и внатрешните кризи и да сфати дека ризиците и неизвесностите се составен дел од неговото постоење. Минатиот труд и позитивните резултати се показатели дека ќе успееме, но тие не даваат гаранција оти со сигурност ќе бидеме поефикасни и подобри од претходно.

Секоја потрага по успех и награда со себе носи ризик, зашто сé си има своја цена. Ако навистина сакаме да ги реализираме целите и да ја оствариме својата животна мисија, мораме да бидеме подготвени да го прифатиме ризикот и да платиме цена, без оглед колкава и да е. Бидејќи, како што пишува Андреј Курпатов: „Не е тешко да се обвинат сите околу нас за нашите незгоди. Меѓутоа, потребен е огромен напор себеси да си го дадеш правото на грешка, да ја пронајдеш, платиш за неа и да почнеш се отпочеток“.

Само со фанатична работа, професионализам, волја, работни навики и верба во сопствените вредности може да се стане победник.

Како што наведува Норман Винсент Пил: „Сме гледале луѓе кои имале и цел и мотив, кои работеле и се бореле, размислувале и се молеле. Меѓутоа, бидејќи секогаш сé не се одвивало онака како што сакале, со текот на времето се заморувале, се обесхрабрувале и најпосле се откажувале. Подоцна, честопати, излегувало дека ќе го постигнеле посакуваниот резултат само ако можеле да гледаат малку нанапред и да издржеле уште малку“.

Од друга страна, некои поединци не сакале да се помират со ограничувањата, туку претпочитале да работат, да се надеваат, да се борат и да дејствуваат. Тие докажале дека тешките времиња ја унапредуваат моќта на карактерот и дека кога постои силен мотив, шансите за постигнување на успехот максимално се зголемуваат. Впрочем, карактерот не може да се развива во мир и тишина, рекла Хелен Келер. „Само низ искушенија и страдања душата може да се зајакне, видот да се разбистри, амбицијата да се вдахнови и успехот да се постигне“.

Поуката е дека големиот талент, бара уште поголем труд, силна волја и карактер, многу откажувања и целосна посветеност кон тоа што се работи. Затоа, кога ќе го откриеме својот дар и цел, тогаш треба да разбереме дека најголемиот ризик е да не ризикуваме.

Секој нов момент е и неизвесен момент, така што и најдобриот студент не е извесно дека ќе помине успешно на испит, посебно ако не се насочил кон градивото, не се подготвувал и не учел. Скоро за ништо не постои гаранција, бидејќи сé е ризик, сé е опција, сé е можност и на крајот сé е неизвесност. Многу нешта зависат од тоа што сме го вложиле во себеси, од тоа што сме го осознале, но и од тоа што сме го акумулирале во резервоарот на сопствената потсвест или сопствената мудрост. Иако факторот среќа е мошне значаен и без него многу потешко може да се постигне успехот, сепак макотрпната работа, дисциплинираноста и посветеноста, на крајот се исплаќаат.

Колку повеќе акумулираме позитивна енергија, знаења, искуства, сила и волја, толку полесно и поуспешно ќе се справиме со искушенијата на животот.

Клучот е да не се грижиме премногу поради поразите во минатото и неизвесната иднина, туку да го јакнеме духот и насочиме кон единствената работа која навистина ја имаме – сегашноста.

Сите ние треба да знаеме дека силата се гради од неуспесите, а не од успесите, бидејќи како што вели Коко Шанел: „Треба да научиме да пливаме наспроти текот на реката“. Кога имаме дилема и кога се сомневаме дали може да оствариме нешто што сме го зацртале, клучно е во себе да ги поседуваме волјата, менталната сила, самодовербата и подготвеноста да се издржи кога е најтешко. Во таквите моменти многу луѓе покажуваат малодушност, страв, размислуваат дека нема да успеат, дека ќе потклекнат и нема да ја остварат целта. Впрочем, тоа е суштината на животот, да бидеме најсилни, кога е најтешко. Зашто, кога има убавина, раскош и благосостојба и кога постигнуваме победи, лесно е да се дејствува и да се оди напред во животот. Сепак, не постојат само радоста, убавината и благосостојбата, туку и ограничувањата, страдањата и разочарувањата. И треба да бидеме подготвени за таквите ограничувања, да не ги повикуваме и очекуваме зад аголот на секојдневието, но треба да бидеме свесни дека нема откровение без страдање, како што нема ни напредок без настојчивост, упорностипосветеност. Затоа, во сé што работиме треба да влеземе со позитивни мисли, верба и визија дека ќе успееме, постигнеме и реализираме, бидејќи неретко, токму од начинот на размислување зависат хармоничните перспективи и напредокот во животот.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)