ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Потиснати емоции

958

Животните ситуации исполнети со страв, неизвесност, немир и самоизолација создаваат силни бранови на негативни емоции и будат несигурност во перспективите на иднината. Кога навиките и стилот на живеење неочекувано се менуваат експонирајќи закани од болест, губење на работно место, финансиска оскудица и разни отуѓувања, во тој случај стресогените фактори, депресијата и кризата земаат сè поголем замав.

Да се биде присебен кога се присутни големи закани, проблеми и притисоци е показател за зрело, мудро и одговорно однесување. Како што железото се кове додека е најжешко, така и човековиот дух се испитува кога е најтешко. Токму во проблематичните животни ситуации се согледува од што е поттикнат (воден) човекот – од силна волја, храброст и посветеност или од лабилност, малодушност и плашливост. Зрелите и одговорни поединци рационално им пристапуваат на тешкотиите и нè дозволуваат емоциите да им создадат манифестација на негативизам, непријателство, гнев и страв. Тие знаат дека подлегнувањето на стресот и ширењето негативна енергија нè придонесуваат за излез од кризата.

Животот е таков, какви што се нашите емоции. Емоционалното страдање и трошењето на умствените сили на празни муабети, празни надежи, негативни лица и негативни вибрации создава неспокојство и дисхармонија.  

Негативните емоции оставаат многу подлабока трага во свеста на луѓето. Кога подолг период чувствуваме дека нештата не се одвиваат како што посакуваме, таквата околност лошо се одразува врз емоционалната стабилност на личноста. Да се биде постојано нерасположен, вознемирен и несреќен значи дека доминираат ограничувања кои бараат подробно согледување, преиспитување и разрешување. Честопати причината за психофизичката криза произлегува од неисполнетите очекувања; професионалната или љубовната нереализираност; блокадата на креативен план; физичката слабост; ниското ниво на позитивна енергија; незадоволството од самите себеси и од околностите на животот.

Да се биде среќен, ведар и полн со елан во овој свет полн со неправди, интриги, лаги и тензии воопшто не е лесна задача. Ведрината, позитивната аура, мирот и насмевката ќе станат дел од нашето живеење доколку ги елиминираме влијанијата кои  будат ниски вибрации, незадоволство и негативно размислување.

Емоционалната вознемиреност поради лица и настани кои нè придонесуваат да се чувствуваме убаво може целосно да ја исцрпи нашата творечка сила. Кога сме под удар на негативни вибрации произлезени од поединци кои постојано се жалат и под влијание на константен смут, критицизам, непочитување, притисоци и неправди на работно место, лажни пријателства и негативни општествени влијанија тогаш внатрешно се разнебитуваме и нема да постигнеме мир со себе. Излезот од дисхармоничните вибрации е процес што бара повеќе да се почитуваме самите себеси; предност да им дадеме на убавите нешта со кои сме опкружени; да се фокусираме кон позитивните мигови и да сфатиме дека со трпеливо работење проблемите можат да бидат надминати.

Оптимизмот и позитивниот дух ги подигаат вибрациите и овозможуваат да се чувствуваме поздраво, да бидеме посилни, да создаваме попријатни односи и да станеме покреативни и попродуктивни во извршувањето на работните обврски. Меѓутоа, ако наспроти визијата за успех дозволиме нашата емоција да биде водена од стравот од неуспех, во тој случај многу тешко ќе напредуваме во животот. 

Недостигот на љубов, почит и внимание се дел од причините за внатрешната криза и за чувството на неисполнетост. Кога сме сакани, позитивно третирани и вреднувани од блиските, тогаш нужно стануваме среќни, задоволни и исполнети. Неретко незадоволството произлегува и од преголемата потреба да им се допаднеме на другите и по секоја цена да бидеме видени и вреднувани од јавноста. Таквата ориентација лесно може да нè направи несреќни, бидејќи туѓите мненија честопати се променливи, несигурни и полни со критицизам и завидливост. Кога не зависиме од судот на јавноста и помалку се потпираме на надворешни влијанија, тогаш имаме поголема шанса да постигнеме мир и хармонија. Главната цел треба да ни биде определбата самите на себеси да си дадеме љубов, почит и внимание. Секогаш се добредојдени искрените зборови и позитивните чувства споделени од блиските, но целосното потпирање на туѓите сугестии и емоционални изблици може да создаде потешкотии за хармонично одржување на интегритетот на личноста.

Емоциите се тесно поврзани со физичкото здравје, а многу болести се предизвикани од пресилни чувства или од нивно потиснување. Заблудите, идеализациите и потиснувањата нè можат да донесат ништо позитивно во животот.

Постојаната подложност на стрес, освен на менталното здравје, влијае и врз физичкото здравје. Истражувањата утврдиле дека постои „синдром на скршено срце“, а кое е последица на душевна болка предизвикана од голема тага, емоционална вознемиреност и анксиозност по смрт на сакана личност; напуштање или изневерување на партнер/ка; губиток на работно место; страдања во семејството или финансиски банкрот. Симптомите на синдромот се слични на оние кои се јавуваат при инфаркт и можат да вклучат болка во градниот кош, проблеми со дишењето, низок крвен притисок, аритмија и привремен застој на срцето. Исто така, „скршеното срце“ (емоционалниот стрес) влијае и врз имунолошкиот систем што може до доведе до разни воспаленија и слабеење на способноста на организмот за одбрана од вируси и инфекции.

Потиснувањата на емоциите (психичките трауми) предизвикуваат негативни ефекти, бидејќи го „јадат“ телото однатре. Решението е во пронаоѓање емоционален вентил преку кој ќе се ослободат гневот и тагата, без притоа да им се наштетува на другите луѓе. Физичката и креативна активност можат многу да помогнат во неутрализирањето на негативните емоции. Прошетките во природа, спортувањето, медитацијата, цртањето или пишувањето се идеални стратегии за постигнување смиреност.

Акумулираните и неизразени тага, жал и лутина можат да бидат значаен фактор за појава на чир, мускулна тензија, колитис, депресија, покачен крвен притисок итн. Многумина ги потиснуваат своите чувства со цел да не биде забележана нивната емоционална слабост и ранливост. Таквите поединци велат: „Ако ги препознаам и истакнам тагата и стравот, јавноста ќе открие дека не сум цврста и силна личност, дека лесно можат да ги повредат моите чувства“. Тоа предизвикува да  замижат пред своите болни емоции, дозволувајќи ѝ на фрустрацијата длабоко да се вкотви во нивното битие. Проблемот е што неизразените емоции (сеќавања) нè исчезнуваат, туку се враќаат на уште потежок и повознемирувачки начин, иницирајќи несигурност, анксиозност и ирационалност во постапките. Долготрајната подложност на анксиозност создава потешкотии во поглед на концентрацијата, меморијата, спиењето и односите со другите луѓе.

Неразрешените трауми и потиснатите емоции ја уриваат самодовербата и можат да предизвикаат психофизички замор, панични напади, главоболки и стомачни проблеми.

Древните Кинези сметале дека треба да се избегнуваат пресилни емоции, зашто тие ја исцрпуваат енергијата на телото. Според нивната философија на живеење, „мудро ќе постапиме доколку успееме да ги контролираме емоционалните изблици произлезени од пресилна радост, гнев, страв, мака, загриженост, тага и емоционален шок“.

Голем број од проблемите произлегуваат од насобраниот емоционален отров, од ниското ниво на самопочит, од губењето на надежта и од чувството на безизлез. Умереноста, сталоженоста и позитивниот пристап се клучни за воспоставување психофизичка хармонија и напредок.

Секој човек поседува моќ и сила за креирање позитивна промена. Со промена на менталната матрица и со духовно зајакнување на личноста можеме да ја исцелиме душата и да се ослободиме од наталожените грижи и фрустрации. Креативната визуализација, молитвата, контактот со природата, прегратките со најблиските, фокусот кон убавото и пронајдената смисла во животот создаваат чуда, бидејќи ги будат позитивните вибрации и го неутрализираат емоционалниот отров.

Заклучокот е да се потпреме на самите себеси, да бидеме со добри луѓе и да научиме правилно да ги управуваме своите емоции, зашто кога умот царува, а душата се радува – животот хармонично напредува.