Секој различно пристапува во доменот на љубовта и има свои емоционални барања и очекувања од саканото лице.

Зависниот тип тежнее да се приврзе за партнерот. Тој не успеал да создаде стабилно одржување на својата внатрешна емоционална состојба. Нему секогаш му треба партнер што ќе му ги регулира емоциите и ќе придонесе да се чувствува стабилно. Не умее самостојно да функционира и за него/неа најголем страв претставува чувството на осаменост или отуѓеност. Кога ќе остане без партнер, целата негова физиологија е во состојба на стрес и тогаш тежнее по секоја цена да се приврзе (вклопи) со другата личност. Но, ако во тоа не успее запаѓа во состојба на стрес и поради опаднатиот имунитет почнуваат да му се појавуваат многу болести. Низ слични психофизички манифестации поминуваат и плашливите типови. Зависните типови кога се во криза реагираат со зголемување на емоциите, а дистанцираниот тип реагира со спуштање на емоциите. Кога се случуваат караници, зависниот тип ќе ги интензивира емоциите, ќе вика, ќе плаче, а дистанцираниот тип ќе стиска сè во себе и ќе се потруди што помалку да чувствува. Колку дистанцирачкиот тип емоционално се затвора, толку зависниот тип посилно ќе притиска и ќе стане поразјарен и повеќе ќе напаѓа. Убеденоста дека партнерот ги изневерил неговите очекувања ќе му предизвика чувство на отфрленост, со што дополнително ќе се разнебитни на психофизички план и ќе го разниша и онака своето ниско ниво на самопочитување. Во стварноста одвојувачкиот тип ги пакува куферите и се заканува дека ќе се разведе, а врзувачкиот тип смислува начин како да го врати. И едниот и другиот манифестираат образец соодветен за нивната потсвесна љубовна мапа на функционирање. Суштината е да го надминат механизмот (за кој не се свесни) што им ги дисхармонизира емоциите и уништува животот.

Дистанцираниот тип не сака да го притискаат и контролираат, а зависниот тип не сака нештата да му избегаат од контрола. Затоа, свесно или несвесно го притиска другиот, барајќи константно внимание и потврдување на љубовта. Плашливиот тип има негативна слика за самиот себеси и тешко стекнува доверба. Во односот помеѓу два плашливи типа, честопати едниот го доживува другиот како опасна личност, поради што доаѓа до физиолошка реакција при појава на конфликти и недоразбирања. Дистанцираниот негува позитивна слика за самиот себе, но ретко манифестира длабоки емоции. Плашливиот тип вели: „ќе те сакам доколку не ме оставиш и емоционално повредиш“; биди постојано покрај мене, за да почувствувам дека вистински ме сакаш. Најчестата љубовна комбинација е помеѓу зависниот и дистанцирачкиот или контролирачкиот тип. Секој од нив ја повторува својата матрица на однесување и станува емоционално повреден на ист начин. Двајца дистанцирани типа го одработуваат бракот како форма, а не како суштина. Дистанцираниот другите ги согледува од негативен аспект, така што честопати критикува или ги негира туѓите вредности. Слични се и контролирачките типови – тие во никого не веруваат, а најмалку веруваат во самите себеси.

Најголем проблем во бракот не се караниците, туку отуѓувањето. Клучното прашање е: Дали во брачниот (љубовен) однос се чувствуваме сигурно, поврзано и дали вистински се сакаме. Ако одговорот е позитивен, може да постојат караници и спротивставувања, но тие нема длабоко да влијаат врз партнерите. Бракот е во криза кога исклучиво ги слушаме своите емоции и кога сме незаинтересирани за тоа што партнерот го чувствува.

Отуѓувањето предизвикува да не можеме емоционално да се поврземе со партнерот, така што прашање на време е кога врската ќе отиде кон целосен неповрат.

Паровите најчесто се во судир поради една причина. Во бракот (врската) го пренесуваат своето несвесно од детството и навиките произлезени од односот со најблиските. Семејството го формира нашето искуство и влијае врз структурирањето на нашата личност. Емоционалните доживувања и искуства создаваат слика за најважните личности во нашиот живот.

Со текот на годините ние „созреваме“ и бираме партнер во кого се вљубуваме. На другата страна, гледаме личност која многу нé привлекува. Се чувствуваме прекрасно. Тоа е т.н. романтична љубов со партнер од нашите соништа. Исполнети со радост и среќа влегуваме во врска, но, не знаеме дека во нашата потсвест, во позадината се врти програм кој не спарува со некој што е сличен на лицата кои се грижеле за нас.

Проблемот е што романтичната привлечност најчесто е плод на потсвесната слика која не спојува со личност само врз основа на нагонот, страста и физичката привлечност. Природата функционира на таков начин. Зближува луѓе кои не се духовно компатибилни, иако тие мислат дека се. Сепак, за лицата со повисоко ниво на самосвест, карактерните разлики ќе иницираат постапка на меѓусебен развој и душевно исцелување. Некомпатибилната личност ќе влијае врз нашите матрици на однесување, отворајќи можност за елиминирање на потсвесните програми кои негативно се одразуваат врз целовитоста на личноста.

Како што утврдил хрватскиот истражувач на феноменот „потсвесно програмирање“ Томислав Куљиш: „потсвеста не спојува со личност која ќе ни ги донесе најлошите фрустрации, а не најдоброто искуство, како оние кои сме ги доживеале со луѓето кои се грижеле за нас“. Иако изгледа како личност од нашите соништа, таа/тој ќе стане личност од нашите ноќни кошмари. Многумина поминале низ овие животни искушенија во доменот на љубовта, бидејќи во нивната потсвест останале закопани стравот од напуштање; несигурноста во сопствените вредности и трауматичните искуства од детството. И така, низ еден вид љубовна шок терапија, ние доживуваме болки и страдања, но и можност за осознавање на причините за внатрешните борби и страдања.

Константните несогласувања и отуѓувања резултираат со борба за превласт и затоа некои од паровите одат на терапија или љубовните проблеми ги потиснуваат длабоко во себеси, сметајќи дека е рано да се побара експертска помош. Тие не разбираат дека колку отуѓувањата се посилни, толку помали се шансите да се спречи распадот на врската. Повеќето терапевти им помагаат на брачните парови подобро да комуницираат, да ги решаваат проблемите и конфликтите. Но, тоа неретко не е доволно, бидејќи потребна е когнитивна и бихевиористичка интеракција, односно коренити внатрешни промени и афирмативен начин на однесување кај двајцата партнери.

Личното незадоволство, неразрешените трауми од минатото, ниското ниво на самопочитување и неснаоѓањето во доменот на работата, честопати знаат да иницираат проблеми и тешкотии, дури и во врските каде што недоразбиразњата се минимално присутни. Себеприфаќањето, внесувањето ведрина во животот, негувањето на убавите страни од односот и решеноста да се надминат слабостите, се клучот на успехот и пат што води кон надминување на недоразбирањата и креирање на хармонијата.

Суштината е паровите да ја променат сликата на сопствената лоша интеракција и да почнат да ги акцентираат позитивните страни на односот. Најголемиот проблем  произлегува од фокусирањето на тоа што не е добро во врската и од преувеличувањето на тоа што е лошо кај партнерот. Наместо преокупирање со недостигот, фокусот треба да биде ставен врз заедничките вредности и интереси. Така врската ќе стане посигурна, а партнерите поопуштени. Ако врската не е сигурна, тогаш партнерите ќе го вклучат одбранбениот систем научен во детството и ќе почнат меѓусебно да се борат за превласт, обвинувајќи се со зборовите – „ти си виновен за сè“.

Несигурноста во врската создава страв и емоционално затворање, а сигурноста гради доверба и заемно почитување. Затоа, треба да научиме да создаваме сигурност во љубовта. Сигурноста е важна поради поврзаноста (приврзаноста). Поврзаноста е битна затоа што сме суштества кои тежнеат кон сигурност и припадност. Љубовното поврзување не е чувство, туку стварност која треба позитивно да ја восприемаме и постојано негуваме.

(продолжува)

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)