ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Позитивен пристап

1019

За секој од нас е исклучително битно да умее да го направи вистинскиот избор и да се насочи кон позитивната патека на сопственото постоење. Погрешниот избор секогаш е знак дека не чекаат многу болки, страдања и тешкотии во текот на животот. Затоа, едно од клучните прашања е: Како да се поставиме кон самите себеси, кон другите луѓе и кон искушенијата, без притоа да се доведеме во ситуација да погрешиме и покаеме за своите постапки?

Наместо да создаваме конфликти во односите со другите, многу подобро е да се обидеме позитивно да дејствуваме и напредуваме во доброто. Суштината на успехот е да направиме сé што е во наша моќ за да се чувствувамепозитивно и убаво со самите себе. Секогаш е полесно да најдеме причина за да се чувствуваме неубаво, лошо и дисхармонично. Доволно е да се преоптоваруваме со неубавите нешта од минатото и постојано да размислуваме за лицата кои ни предизвикале разочарувања, болки и страдања и на тој начин да се преполниме со негативни вибрации.

Најбитно е да се прифатиме самите себе и да го направиме пристапот кој психофизички нé подига, без притоа да им наштетува на другите.

Позитивен пристап е да прошетаме во природа, да комуницираме со добронамерници, да му се јавиме на пријателот, да ги поттикнеме блиските да напредуваат, да создаваме хармонија и креативни дела, да споделиме позитивни емоции и искажеме убав збор со саканата личност итн. Тоа се постапки на афирмација, на позитивно чувство и на правилен избор – тие секогаш ни помагаат убаво да се чувствуваме и да напредуваме во доброто.

Од друга страна, кога се лепиме за негативните лица и неубавите животни ситуации, тогаш несвесно се навикнуваме на негативните лица и неубавите ситуации.

Поединецот кој живее во депресија и меланхолија, насекаде ги забележува меланхоличните и депресивни изблици на животот.

Многу нешта произлегуваат од состојбата на духот и од навиките кои ги стекнуваме во текот на животот. Затоасакаме да комуницираме со луѓе кои ја шират радоста, бидејќи таа и нас нé опфаќа, а бегаме од лицата и ситуациите кои енергетски нé истоштуваат и вознемируваат. Поединците кои постојано шират песимизам, негативизам и незадоволство може да го загрозат нашето биополе и максимално да нé исцрпат на психофизички план, предизвикувајќи ни негативно чувство, енергетска слабост и емоционална ранливост.

Ако имаме можност да бираме, добро е да го избереме тоа што нé воздигнува, радува и развива. Слушањето пријатна музика, читањето интересна книга и гледањето убав филм нé расположува и опушта. Со будење на сопствените квалитети и вредности ние отвораме позитивни можности и нови перспективи. Пасивниот пристап кон нештата и избегнувањето да се дејствува и презема одговорност за сопствениот живот, исто така е еден вид на избор. Тоа значи дека избираме да живееме во рестрикција, пасивизација и стагнација. Суштината на вредноста е да се определиме да живееме во експанзија, мотивација и реализација – тоа подразбира позитивен пристап, развој, ширење и активирање на сопствените потенцијали и вредности.

Соработката, односот и разговорот со другите лица се корисни и добри за нашата личност, доколку овозможуваат надградба, усовршување и хармонично чувство. Секогаш треба да преиспитаме дали лицата со кои остваруваме комуникација шират позитивна вибрација, го вадат и поттикнуваат најдоброто во нас или ни создаваат тензија, не ограничуваат и напнуваат. Некои од нив може да ни наметнуваат негативни тези и матрици на однесување, да не ставаат во ситуација да стравувамеод нивните реакции, да не заплашуваат колку нештата во нашиот живот се неубави, тегобни и мрачни. Ако се навикнеме на таквите вибрации, нужно ќе страдаме и дисхармонизираме на емоционален план.

Решението е да внимаваме на самите себеси и да не се ставаме во ситуација целосно да зависиме од реакциите, постапките и размислувањата на другите. Според филозофот Епиктет: Треба да се дружиме со луѓето кои нé почитуваат, воздигнуваат и од нас го извлекуваат најдоброто.

Многумина искусиле разочарувања и неубави животни лекции бидејќи биле жртви на неправди, напади и обезвреднувања од страна на негативно определените поединци. За да се спасиме од таквите ситуации, неопходно е навреме да ги препознаеме туѓите негативни вибрации. Да се биде селективен, аналитичен и внимателен во контактите е еден од начините за сочувување на сопствениот мир и позитивната енергија. Доколку согледаме дека одредени поединци немаат капацитет да не разберат и да создаваат хармонична соработка, туку лошо влијаат врз нашата личност, најдобро е да ги игнорираме или да се дистанцираме. Но, ако се работи за блиски лица од кои не можеме целосно да се дистанцираме, тогаш ќе мора да ги прифатиме и да несе жалиме што сме морале да ги прифатиме.

Максимата гласи: “Прифати го, но не се изместувај на психофизички план”. Наша задача е да најдеме начин убаво да се чувствуваме со самите себе и да не страдаме поради туѓата неосвестеност, себичност и неодговорност. Мудрост е да не влегуваме во расправии и да ги избегнуваме контактите со лица кои постојано не вознемируваат, оптоваруваат и изместуваат на емоционален план.

Негативниот пристап не донесува решенија за тешкотиите во животот. Песимистички определените поединци предност му даваат на законот на отпорот и негативното доживување на нештата, размислувајќи на следниот начин: не можам да влијаам и да допрам до саканата личност; не можам да пронајдам вистинска љубов; не можам да најдам решение за проблемот; не можам да успеам во работата; нема да се снајдамво јавноста итн.

Во животот е потребно да се поседува оптимистички дух, верба и волја за да се успее. Клучни зборови на законот на позитивната вибрација се: ќе се обидам; ќе најдам; ќе постигнам; ќе се сродам; ќе пробијам и ќе надминам. Тенденцијата на фаворизирање на зборовите: “не можам да пронајдам; не можам да успеам;не вреди да се обидам”, нужно ја парализира нашата волја инé води кон пасивност, неуспех и нереализираност. Секогаш треба да се определиме за позитивните вредности и за афирмацијата, иако современиот човек како многу повеќе претпочита да се лепи за негативните и неубави нешта.

Главната максима на успехот е: можам, вредам и ќе постигнам. Дали размислата не можам, всушност значи не сакам? Наместо да кажуваме: “не можам да најдам партнер каков што посакувам”, треба да кажеме: “сакам да бидам со партнер каков што заслужувам”. Сличен пристап треба да развиваме и во доменот на работата, во создавањето материјални добра, во воспоставувањето на внатрешниот мир, во градењето хармонични односи во семејството, во иницирањето патувања, напредок итн. Доколку вложуваме во подигнување на свеста, се надградуваме и веруваме во моќта на позитивното мислење, тогаш космичката интелигенција ќе направи се за да го добиеме тоа што го заслужуваме. Секогаш треба да имаме на ум дека нештата во кои веруваме и за кои размислуваме го обликуваат нашиот карактер и ги диктираат вредностите и приоритетите кои ги прифаќаме или кон кои се насочуваме.

Подложноста на законот на отпорот и негацијата е најголемиот непријател на внатрешниот мир, успехот и среќата. Ако самите на себе си кажеме: “не можам да бидам среќен, исполнет и радосен”, тогаш илузорно е да очекуваме дека ќе станеме среќни, исполнети и радосни. Поединецот кој постојано повторува не можам, нема да најдам, нема да успеам, ниту нешто ќе најде, ниту нешто позитивно ќе успее и нема да постигне значаен напредок во животот. Наспроти таквиот пристап, многу покорисно е да постапуваме според зборовите на Исус Христос: “Чукни за да ти се отвори, посакај за да ти се даде, побарај и ќе најдеш“.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)