Човекот е креатор на нештата во себе и надвор од себе. Ние ја создаваме својата стварност во сопствената внатрешност. Според античкиот философ Протагора: „Човекот е мера на сите нешта. На постојните дека постојат, на непостојните дека не постојат“. Тој сметал дека нема апсолутна вистина – таа е онаква каква што му се претставува на некој човек. Асоцијацијата е дека секој сам за себеси е најголем авторитет и самиот одлучува што ќе застапува, кому ќе верува и какви промени ќе воспоставува. Мислите не се нешто што можеме да го контролираме, но можеме да ги контролираме нашите постапки.

Најважните аспекти во однос на неочекуваните животни ситуации е да не стравуваме од промените; да не се доживуваме за жртва на промените и да ја промениме претставата за нештата што ќе следат откако промената пристигнала. Размислата дека настанатата промена (губење работно место, раскин на врска, селидба, прекин на пријателство итн) ќе предизвика да стане многу полошо е катастрофално за мирот и хармонијата на личноста. Најопасно за духот на човекот е емоционално да се врзува за нештата и да смета дека сé може да контролира и врз сé може да влијае. Врз судбината е невозможно е да се влијае ако „така ни било пишано“, но можеме да влијаеме врз сопствените реакции во однос на надворешните настани. Неретко „ставањето на нештата под тепих“, односно одолговлекувањето да се соочиме со проблематичните состојби (љубов, работа, здравје или односи) може да предизвика интензивирање на проблемите и губење на опцијата за излез од кризата.

Оптимизмот и вербата дека ќе успееме, ќе се искачиме, ќе истраеме и ќе напредуваме се клучот на среќата. Честопати мислиме дека среќата е целта, заборавајќи дека среќата е патот, без оглед дали тој пат е трновит и полн со искушенија. Треба да ја земеме во обѕир можноста дека многу промени исполнети со неизвесност, на крајот се покажале дека се промени на подобро.

Некои промени изгледаат дека се промени на полошо. Но, што се однесува на задачата на душата, секоја промена е совршено формирана за да го унапреди нашиот личен развој; да ни донесе побогато животно искуство и да поттикне повисока свест за нашиот вистински идентитет. Поединецот кој инвестира во себеразвојот и духовноста, невозможно е да биде жртва на промените. Кога личноста ќе сфати дека секоја промена е за подобро, неизбежно ја менува и својата реакција на промените. Фрустрацијата, немирот и гневот ги заменува со прифаќање, радост и возбудување. Така се менува и енергетската проекција и се подобрува перспективата. Лозунгот на едукативната психологија е: „Како размислуваме, така повикуваме и доживуваме“. Кога предност и даваме на позитивната енергија, тогаш и позитивната судбина чука на нашите порти. Спасителот Исус Христос има кажано: Чукни за да ти се отвори; побарај за да ти се даде; верувај и ќе постигнеш мир и спасение.

Енергијата привлекува енергија, позитивната мисла создава позитивна животната перспектива. Ако кон нештата во себеси и надвор од себеси иницираме убава енергија, тие нешта убаво ќе се чувствуваат и обратно. Со менување на внатрешната реакција на промената, човекот отвора можност за менување и подобрување на надворешната околност. Затоа, треба позитивно да гледаме на промените и секогаш да размислуваме дека ќе биде подобро.

Промената на личен план е основна за постигнување мир и хармонија во животот. Мирот е најскапоцена вредност кон која треба да се стремиме. Клучни техники за постигнување на мирот се: себеспознание; посветеност; дисциплина и фокус кон мигот на сегашноста.

Луѓето се спиритуални битија кои поседуваат тело, ум и душа. Секој човек треба да се запраша себеси: зашто дојдов на овој свет? Која е смислата на моето постоење? Откога ќе почнеме да се себеспознаваме, да се посветуваме на духовните вредности, да манифестираме одговорност и дисциплина и да се  фокусираме на позитивните цели, тогаш ќе започне и нашето движење кон вистинската насока на животот. Затоа, мора да се договориме со самите себеси што сакаме и која е нашата цел. Дали предност ќе му дадеме на телото, материјалното и егото или духовно ќе еволуираме и ќе станеме што подобра верзија на самите себе. Мерилото на среќен и исполнет живот секогаш е поврзано со внатрешното спокојство и со придонесот за напредок на заедницата.

Секое случување треба да го сфатиме како повик за усовршување на својата душа. Односите, парите и здравјето ги креираат луѓето. Многу нешта со кои се соочуваме треба да ги сфатиме како прилики и позиви. Најмоќната животна мисија се остварува кога имаме правилен однос кон самите себеси и придонесуваме за напредокот на другите. Смислата на нашиот живот не е исклучиво врзан со нас самите, туку со животот на блиските врз кои влијаеме и духовно ги допираме. Многумина сметаат дека смислата на односите е да придобијат нешто од другите или од општеството. Постојано себеси се ставаат во преден план и мислат Јас сум најважниот, Јас сум најспособниот, а другиот е тука да ме слуша или да ми слугува. Себичноста секогаш е знак за духовна сиромаштија и за празнина во душата. Односите постојат за да вложуваме во нив и да се градиме и воздигнуваме себеси низ корелацијата со другите. Треба да гледаме што можеме да му понудиме на животот и како да престанеме да се окупираме со површни и минливи нешта. Позитивниот дух, алтруизмот и емпатијата се како светилник што го осветлува патот и придонесува за благородноста на постоењето.

Живеењето со емоционален отров произлезен од разочарувањата и повредите од минатото, ништо добро не може да ни донесе. Простувањето, покајувањето и духовното воздигнување се еликсир за душата. Треба да бидеме љубезни кон себе, да си ги простиме грешките и да изградиме здрав однос со самите себе.

Можеме да ги промените своите емоции, доколку го промениме мислењето за нештата што ни се случиле. Умот е полн со невистинити информации и умислени сценарија. Колкумина имале искуство дека одредена промена била најлошото нешто кое им се случило, за потоа по 2-3 месеци или по 1 година разбрале дека тоа било најдоброто нешто кое им отворило нова димензија во животот. Повеќе од 95% од луѓето рекле: Да, да јас тоа сум го доживеал. Мудрец е оној кој тоа однапред го знае, зашто ја променил претставата за доживеаните промени. Не морал да чека 1-2 години за да види како тоа испаднало. Учел од претходните искуства и размислувал дека сé ќе биде добро. Дури и кога нештата ќе излезат на лошо, продуховните личности неприликите ги искористуваат за да растат до највисокиот можен духовен степен.

Основата на личниот развој започнува со промена на идентитетот на жртва и со развивање на идентитетот на победник. Секој што успеал да ги победи малодушноста, негативизмот, егоизмот и стравот од промени може себеси да се нарече победник.

Низ страдањата се јакнеме, а преку ниските страсти пропаѓаме. Затоа, треба да почнеме да ја прошируваме свеста кон вистинските вредности, а не постојано да зависиме од насладите на телото и да развиваме его тенденции. Доколку сакаме да постигнеме среќен и хармоничен живот, ќе треба самите себеси да се промениме и подобриме, а не постојано да очекуваме луѓето, опкружувањето и општеството да се променат и подобрат. Кога иницираме коренити внатрешни промени, тогаш нашата душа и целиот наш живот ќе ја следат таа промена. Ѝ тогаш ќе разбереме дека сé било за наше добро и дека сé што не успеало да го уништи нашиот дух, само придонело тој да стане уште посилен.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)