ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Позитивна година

774

Позитивниот пристап кон перспективите на животот е клучен за реализација на целите и за подобрување на состојбата во која се наоѓаме. Надежта дека ќе биде подобро, надополнета со очекувања за посреќни мигови исполнети со мир, здравје, љубов и хармонија никогаш не треба да нè напушти.

Без оглед на тешкотиите, борбите и неизвесностите, човекот ја поседува способноста да ги менува нештата и да создава подобри услови за среќно и хармонично живеење. За да го постигне тоа, неопходно е да верува во сопствените вредности и да ја негува надежта дека судбината ќе му биде наклонета и дека Бог ќе му помогне да се избави од проблемите. Во Библијата пишува: „Според вашата вера ќе бидете наградени”, односно „чукни за да ти се отвори, побарај за да најдеш, посакај за да ти се даде“. Асоцијацијата е дека колку ќе се потрудиме толку ќе постигнеме, но колку повеќе придонесуваме и веруваме во силата на доброто толку поретко ќе бидеме во допир со лошото и под влијание на негативните вибрации на околината. Секогаш треба да ја имаме на ум максимата забележана во многу религиозни списи: „Прави добро и ќе бидеш награден со добро, тргај се од злото за да не те стигне лошото“.

Оптимистичкото размислување и желбата да биде подобро не се доволни за да ги придвижиме нештата кон афирмативната патека на животот. Клучот на успехот се наоѓа во преиспитувањето на погрешните постапки; конечното расчистување со негативните лица и ситуации од минатото и во позитивната фокусираност кон предизвиците на иднината. Кога веруваме, зборуваме и дејствуваме во насока на доброто, тогаш нема да имаме време и енергија за да се окупираме со лошото туку целата своја сила ќе ја насочиме да станеме посреќен, поуспешен и подобар човек.

Психолошкото значење на новата година е во тоа што отвора можност да се соочиме со самите себе и да размислиме што направивме; кон какви вредности се движиме; во каква состојба се наоѓаме и што треба да постигнеме. Самокритичноста и преземањето одговорност за мигот на сегашноста е знак дека сме ја сфатиле лекцијата и дека сме подготвени за нови поубави и посреќни мигови во животот.

Што треба да поставиме како цел во новата година?

Да научиме повеќе да се опуштаме; да се детоксицираме од негативните вибрации на околината; да живееме со цел и смисла; да работиме на подигнување на свеста; да сфатиме дека ништо не е поважно од мирот во сопствената душа; да бидеме искрени пред самите себе, но и да не се товариме со нештата што не сме ги направиле; да вложуваме во љубовта, зашто само љубовта може да ја создаде љубовта; да го симнеме психолошкиот јарем што самите на себе сме си го поставиле со ставот дека сме помалку вредни од другите; да не стравуваме од промени; да немаме отпор за нешто ново и интересно во животот; да го јакнеме својот дух; да не го уништуваме моралот и достоинството на личноста; да ги избегнуваме завидливците и негативците кои постојано сакаат да нè обвинуваат и критикуваат; да не дозволиме ниските страсти да го завладеат нашето тело и да разбереме дека верата, вербата и духовноста се спасот за душата.

Нема човек кој не се надева дека ќе биде подобро. Оптимизмот, визијата и иницијативноста се клучни за постигнување на успехот, како и решеноста зад себе да ги оставиме неубавите искуства и лошите настани од минатото. Вербата во сопствените потенцијали и уверувањето дека „ништо не може да ме спречи да го дадам најдоброто од себе и да го остварам тоа што го сакам”, треба да биде нашата идеја-водилка во 2020 година. Транзитот на планетата Јупитер во знакот на Јарец е добра основа да почнеме повеќе да го цениме тоа што го имаме, да искажуваме благодарност, да се радуваме што постоиме и позитивно да се однесуваме кон самите себе и кон лицата кои ја почитуваат и сакаат нашата личност.

„Среќен е човекот кој може да бира”, зашто во текот на оваа година да не ги избереме мирот во душата, уживањето во мигот на сегашноста, импулсот на љубовта, силниот карактер и патот кон доброто?

Кога ќе разбереме дека патот кон среќата, хармонијата и убавината секогаш започнува од љубовта кон себе и од позитивниот однос кон сопствените вредности, тогаш и Бог ќе ни помогне со милоста своја и ќе нè награди за афирмативниот пристап кон нештата. Во Светата книга е запишано: „Сакај ги другите, така како што се сакаш самиот себе”. Тоа значи дека сè зависи од емпатијата што ја поседува човекот, од нивото на неговата свест и изборот што го прави во животот – тој е творец на љубовта, среќата и добрината или на омразата, злото и несреќата. „Сакајте се помеѓу себе и бидете семе од кое ќе никнат најубавите плодови на радоста, вистината и среќата” е лозунг на сите религии кои ги учат луѓето да се натпреваруваат во добрина и да споделуваат љубов, хармонија и убавина.

Патот кон позитивните вибрации започнува откако својата свест нема да ја насочуваме кон неубавите нешта од минатото, престанеме да им се докажуваме на негативците и се дистанцираме од завидливците. Ние сме владетели на сопствениот живот и време е да го направиме тоа што е најдобро за нашата личност.

Среќата е ќерка на духот, а мирот во душата е сестра на совеста, чесноста и искреноста. Кога сме во мир со себе; задоволни од тоа што сме; позитивно фокусирани кон тоа што треба да биде и определени за светлата страна на животот, тогаш среќата нема да биде сон туку светлина која ја грее душата и буди радоста.

Време е да ја промениме навиката првично да го забележуваме лошото, а потоа да го бараме доброто. Зошто да се лепиме за темнината кога можеме да уживаме во светлината? Нека светлината на нашиот дух биде никулецот на промената што ќе го развие цветот во душата, создавајќи го новиот концепт во животот креиран од вербата, љубовта и позитивноста. Народната мудрост кажува: „Каков што е човекот такви му се пријателите”  – тоа значи, каков однос градиме кон самите себе такви ќе ни бидат релациите со другите личности. Кога самите за себе ќе станеме љубов, среќа и хармонија, тогаш ќе привлекуваме луѓе кои поседуваат и споделуваат љубов, среќа и хармонија.

Лошото треба да го оставиме зад себе, да не размислуваме за тоа што било и како требало да биде туку целата своја сила да ја насочиме кон мигот на сегашноста, стремејќи се кон перспективите на иднината.

Новата година ветува многу повеќе радост, мир и хармонија. Да ја пречекаме со насмевка и со чувство дека ќе стане многу подобра од претходната.  Затоа, да си ветиме самите на себеси дека вредиме, можеме и ќе бидеме опфатени од среќата и исполнети со ведрина, душевна убавина и позитивна енергија.

Мудриот човек нè чека судбината да му ги создаде условите за среќа, напредок и хармонија туку тој самиот го трасира патот и ги пронаоѓа решенијата за реализација на целите.

Заклучокот е да не размислуваме за неубавите нешта доживеани во минатото, време е да се радуваме, да уживаме и да им се препуштиме на прекрасните мигови споделени со своите сакани, токму во деновите кои најдобро сведочат дека љубовта е секогаш посилна од омразата, светлината помоќна од темнината, а вистината победник врз лагата.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)