ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Површни цели

491
Прифаќаме некои нешта, иако можеби знаеме дека љубовниот однос нема да ни донесе хармонична перспектива, туку единствено ни создава краткотрајни телесни задоволства. Дали ги прифаќаме задоволствата на телото, само поради потребата да ја избегнеме болката, без да сфатиме дека со тоа уште повеќе ја зголемуваме болката? Потребата да се биде со некого, колку да не се биде сам, еден ден нужно ќе нè соочи со прашањето: Каде сме? Што сме? Со кого сме? 

Луѓето ретко претеруваат со одаденоста кон потрошувачкото општество, така што стануваат тотално зависни од потребата да трупаат гардероба, да купуваат разни технички апарати или да му се предаваат на консумеризмот. Но, дали облеката, техничките апарати, импулсивните набавки ќе им го зголемат чувството на среќа, дали кога ќе се облечат во некоја брендирана гардероба и излезат пред јавноста се поисполнети од обично или со тоа ја маскираат сопствената празнотија, чувството на незадоволство, емоционалната неисполнетост или стравот од иднината?

Гардеробата, посетата на стилисти и салоните за убавина, навистина може да ни помогнат да се почувствуваме убаво, па и да надополниме одредена празнина, барем делумно да потиснеме некое неубаво искуство и за миг да се почувствуваме повредно. Истото тоа, може да го направиме и со предавањето на импулсот на страста, односно на краткотрајните еротски задоволства. Но, дали таквите задоволства на телото, всушност претставуваат бегство од болката; од чувството дека сме осамени (дури и тогаш кога физички сме опкружени со луѓе); дека имаме празен и неинвентивен живот; дека немаме љубов каква што посакуваме и дека не знаеме што сè може да ни донесе иднината?

Прифаќаме некои нешта, иако можеби знаеме дека љубовниот однос нема да ни донесе хармонична перспектива, туку единствено ни создава краткотрајни телесни задоволства. Дали ги прифаќаме задоволствата на телото, само поради потребата да ја избегнеме болката, без да сфатиме дека со тоа уште повеќе ја зголемуваме болката? Потребата да се биде со некого, колку да не се биде сам, еден ден нужно ќе нè соочи со прашањето: Каде сме? Што сме? Со кого сме? Дали имаме контрола врз сопствениот живот или сме водени од монотонијата и празнотијата? и конечно: Кои сме?

Како што убавата гардероба нема да нè направи целосно среќни, така и сексуалните авантури и подложноста на ниските страсти нема да нè направат позадоволни.

Овие површни нешта, го мотивираат и крепат духот на човекот, терајќи го да се ориентира кон телесните задоволства, сè со цел да ја избегне празнотијата и болката. Голем број од луѓето се така структурирани и карактерно изградени, поради што сметаат дека најклучни се страстите. Нивната филозофија е да има што повеќе страсти и краткотрајни задоволства, експанзија на површни врски, што помалку одговорност и доминација на несериозната поставеност кон вредностите и целите на животот. Главно мото им е: Како ќе му дојде, не треба многу размислување!

Ако посуштински проникнеме во карактерниот профил на таквите личности, можеби ќе откриеме длабоко незадоволство од самите себе, од животот, од перспективите, недостаток на верба, заглавени чувства на проживеани тегобни, мачни и тешки животни ситуации и постојан недостиг на вистинска љубов. Поради сето тоа, многу од нив не сакаат да се врзуваат и се определуваат за краткотрајни задоволства и авантури кои миговно ги крепат и водат низ животот.

Животот носи многу промени и неизвесни ситуации. Решение не може да биде постојано да бегаме од самите себе и да стравуваме туку да се соочиме и да направиме сè што е во нашата моќ за животот да не ни помине во празнотија и бесмисленост, отворајќи се за смиреноста и похармоничната вибрација.

Тие како да не сакаат да сфатат дека суштината на љубовта е во припадноста, посветеноста и хармонијата. Тоа е основата која секој од нас треба да ја бара. Но, постојат поединци кои се определуваат за сè што е краткотрајно и површно, веројатно со цел да го избегнат стравот дека можеби ќе страдаат ако вистински и со силни емоции ѝ се предадат на љубовта. Животот носи многу промени и неизвесни ситуации. Решение не може да биде постојано да бегаме од самите себе и да стравуваме туку да се соочиме и да направиме сè што е во нашата моќ за животот да не ни помине во празнотија и бесмисленост, отворајќи се за смиреноста и похармоничната вибрација.

Во екот на пандемијата многумина разбраа дека поврзаноста со блиските, семејната хармонија и моралните вредности се многу побитни отколку ниските страсти, површните задоволства и неверствата. 

Бегството од духовните вредности и од вистинската љубовна посветеност, прават целите да ги насочуваме кон страстите и задоволството на телото, опсесивно определувајќи се премногу да вложуваме во надворешниот изглед. И тоа до одредена мера не е лошо, зашто може да го надополни духот на човекот, давајќи му самовредност и себеактуализирање. Но тоа не е доволно, зашто тоа не е суштината, тоа не може да нè крепи целиот живот и да ни ја замаскира болката и дистанцира од стравот и неизвесноста. Напротив, тоа само покажува дека живееме под одредено влијание на немирот и несигурноста, кои, пак, ја продуцираат нашата потреба константно да се разубавуваме, да се експонираме пред другите, да им се предадеме на страстите, да покажеме дека сме поубави и повредни од останатите.

Филозофијата на животот произлезена од потребата по секоја цена „да пронајдам некој што ќе биде заинтересиран за мене, кој ќе ме загледува и ќе се врти по мене”, зборува за внатрешна празнина, недостиг на духовна суштина и зависност од туѓите влијанија. Ваквите личности во суштина бараат партнер кој ќе им ја пополни празнината која е настаната како резултат на недостигот на љубов кон самите себеси. И тогаш сè зависи од партнерот – среќата и задоволството или тагата и незадоволството целосно ќе зависат од тоа што тој прави или не прави за нас. Дали навистина на ваков начин може да се пронајде внатрешен мир и да се постигне трајна среќа?

Оттука и прашањето, каде може да ги пронајдеме вистинските задоволства?

Задоволствата се вистински доколку нè крепат, водат и поттикнуваат кон позитивните вредности и изникнуваат од длабочината на нашето битие. Тие со себе носат мигови на среќа, кои мора постојано да се градат и создаваат, бидејќи ништо не доаѓа само по себе.

Наспроти телесните и материјални нешта, многу поклучни и потрајни се духовните вредности, зашто тие опстојуваат сè додека опстојува и човекот

Духовните задоволства се длабоко вкоренети во потсвеста на нашата личност и се во тесна корелација со позитивните искуства во љубовта, работата, постигнатиот успех, радоста или хуманата активност. Без оглед од што произлегло духовното задоволство, тоа е нешто кое е вредно, суштинско и трајно и тоа никогаш не се заборава (исто како што не се забораваат и болките и страдањата). Од друга страна, краткотрајните задоволства, телесните страсти и моментната среќа поради купената гардероба и физичкото разубавување, не можат да создадат врвна среќа. Тие се минливи и претставуваат маска со која го компензираме недостигот на вистинска среќа и духовна исполнетост.

Некои лица интензивно и без размислување им се предаваат на минливите и краткотрајни задоволства. Таквиот пристап ги прави фрустрирани, незадоволни и критички ориентирани. Живеејќи со голем чемер и јад и посакувајќи барем за миг да избегаат од празнотијата на сопствениот живот, тие уште повеќе им се препуштаат на краткотрајните врски, телесните страсти, консумеризмот и потрошувачкото општество. Сето тоа им создава зависност од краткотрајните задоволства, односно од сè што миговно ги задоволува.

На современиот човек, како сè повеќе да му станува тешко искрено да ја сподели љубовта, да го отвори срцето, да ја иницира радоста, да каже убав збор. Многумина ќе кажат: Што има јас да се трошам и да им се давам на другите, кога и онака никој не го цени тоа. Доколку од старт размислуваме дека не вреди да се даде и сподели љубовта, тогаш нужно ќе се дистанцираме од вистинските задоволства и од вредноста на позитивната емоција.

Затоа, некои лица интензивно и без размислување им се предаваат на минливите и краткотрајни задоволства. Таквиот пристап ги прави фрустрирани, незадоволни и критички ориентирани. Живеејќи со голем чемер и јад и посакувајќи барем за миг да избегаат од празнотијата на сопствениот живот, тие уште повеќе им се препуштаат на краткотрајните врски, телесните страсти, консумеризмот и потрошувачкото општество. Сето тоа им создава зависност од краткотрајните задоволства, односно од сè што миговно ги задоволува.

Поуката е да не дозволиме да нè сомелат ниските страсти, лажните вредности и потрошувачките нагони, каде сè повеќе се размислува за телесното, сетилното и површното, а најмалку за психофизичката состојба на личноста и за вистинската љубовна сродност и посветеност.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)