ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: ПОБЕДНИЦИ ИЛИ ГУБИТНИЦИ?

520

 

Луѓето се разликуваат по многу нешта, но најмногу по својот победнички или губитнички менталитет – тој во голема мерка го определува нивото на успех или неуспех во животот. Да се верува во себе, да не се потклекнува пред ударите на судбината и да се одржува достоинството кога нештата не се одвиваат на посакуваниот начин, претставува камен-темелник за градење на победничкиот дух и напредокот.

Сé зависи од тренингот на умот, волјата и од силниот дух. Клучот е поединецот (или народот) позитивно да се поттикне и да почне да ги менува наметнатите матрици дека е „слаб, мал, обичен, несреќен и неуспешен“. Победникот не се раѓа, туку се создава низ постепено иницирање на новиот пристап исполнет со позитивни вибрации, повисоко ниво на самопочит и верба во сопствените вредности.

Никој не се родил со готови решенија и со среќна ѕвезда за сé во животот да му се одвива како што посакува. Секој мора да помине низ разни борби и искушенија и да ја тестира својата ментална сила кога е најтешко. Некој потклекнал пред товарите и прифатил дека нема полза од обидот да се менуваат нештата, друг во ударите на судбината препознал шанса да научи нешто за себе и за луѓето, и тоа му помогнало да го зајакне карактерот и да го зацврсти духот. Таквиот поединец сфатил дека тешкотиите го активираат умот, исто како што физичките вежби и работните ангажмани го зајакнуваат телото.

Да се биде верен на сопствените идеали, непоколеблив во бранењето на своите права и настојчив во градењето на позитивните насоки е знак за победнички менталитет и успех во животот.

Во поразот и разочарувањата, губитникот наоѓа оправдување дека не му е дадено да биде среќен, исполнет и реализиран. Победникот, пак, во ограничувањата и тешкотиите пронаоѓа начин да ги организира своите потенцијали и да почне постепено да се искачува кон поставените цели.

Победникот знае дека ништо не доаѓа лесно и без труд, туку дека само со упорна и посветена работа се пристигнува на целта. Тој учи од лошите искуства и се води од начелото дека патот кон горе, секогаш почнува оддолу.

Губитникот најчесто не знае што сака, брзо се откажува од целите, ги обвинува другите за своите неуспеси и постојано ги преповторува погрешните матрици на однесување. Тој е љубоморен и завидлив на туѓите успеси, живее според импулсот на телото и потребите на егото, сметајќи дека секогаш го дава најдоброто, а го добива најлошото. Губитниците не поминуваат најубаво во животот бидејќи се полни со гнев, страв, себичност, крутост и неспособност да ги прифатат позитивните можности и да ги забележат туѓите вредности. Тие постојано тонат надолу, свесно или несвесно обидувајќи се да ги повлечат кон дното и другите личности. Неразмислувањето за последиците, површното однесување, погрешните постапки и потценувањето на тоа што го имале, нужно ги одвело кон амбисот на љубовните односи и лошите животни околности.

Со кого сме, такви стануваме, затоа клучно е да ги избегнуваме или да се заштитиме од лицата кои поседуваат самоуништувачки синдром. Тие лесно можат да им го префрлат својот губитнички порив на блиските и да им ги уништат можностите за напредување. Негативизмот и незадоволството од постоечкото ги трансферираат кон другите, набивајќи им чувство на вина и грижа на совеста за сé што им се случува во животот.

За разлика од губитникот, победникот афирмативно влијае врз луѓето и придонесува тие да се чувствуваат добро. Во фокусот на победникот е да учи корисни лекции од негативното и секогаш да се стреми кон позитивното. Тој знае дека пораз во една битка не значи и губење на волјата за остварување победа. За него, животот е искуство, предизвик и борба со наметнатите концепции дека секогаш и во сé мора да се биде најдобар. Напротив, победникот е свесен за своите несовршености и дека нема успех без истрајност и упорно работење. За разлика од губитникот кој се повлекува во себе обвинувајќи ја судбината за сé што му се случува во животот, победникот храбро се соочува со ограничувањата и не дозволува стравот од пораз и негативниот суд на јавноста да го парализираат неговото битие.

Победникот верува во сопствените вредности и позитивната сила на Божјата промисла, бидејќи знае оти на крајот сé ќе биде добро. „Само тој што не се обидел, не успеал“ е максимата на победниците – тие сфатиле дека патот кон убавината, мирот и успехот никогаш не е поплочен со злато, туку со трње, пот и солзи.

За да бидеме победници врз сопствените слабости, ниски страсти, егоборби и стравови, неретко мора да жртвуваме дел од себе и во името на позитивното дело и животната мисија да го направиме тоа што се очекува од нас.

Светите книги порачуваат дека лицето кое упорно и себично се држи за тесните интереси и за своето мало и ситно его, нужно ќе се загуби себеси осознавајќи дека „живеело, а како воопшто да не живеело“. Поединецот, пак, кој во името на Бога, вредноста и должноста се подредил себеси, вечно ќе живее и ќе го осветлува патот со своето битисување за доброто на самиот себе, за другите и за општеството во кое опстојува.

За вредноста на таквиот животен избор сведочат големиот број светители, револуционери, реформатори, хуманисти и духовно воздигнати личности. Тие со својата позитивна аура ги приближиле Божјите благодати и поуки до луѓето, осветлувајќи им го патот кон мирот, хармонијата и среќата.

За да станеме победници врз лошото со благородната сила на доброто, не е потребно да се просветлиме, доволно е само да станеме чесни, верни, посветени, морални и насочени кон исполнување на должноста во своето секојдневно работење и функционирање.

Иако судбината неретко може да биде мошне сурова и да предизвика вредните да не бидат препознаени; победниците да бидат напаѓани од губитниците; духовно неосвестените, суровите и површните да удираат по светите, мудрите и духовните; сепак мора да сфатиме дека сé е производ на Божјата промисла. Кога не би постоела темнината, немаше толку многу да ја почитуваме светлината; ако не го вкусевме страдањето, немаше да дојдеме до откровението; ако врз себеси не ги почувствувавме ударите на нељубовта, немаше да уживаме толку многу во љубовта и ако не беше искушението, немаше толку многу да му се радуваме на спасението.

За да се вброиме во редот на победниците, неопходно е да почнеме многу повеќе да ја сакаме татковината во која живееме; да не бараме раски во очите на лицата кои ги љубиме; да уживаме во тоа што го работиме; да се радуваме што постоиме; да не ги мразиме лицата кои нé повредиле; да веруваме дека Бог ги наградува праведните и дека на крајот сé е за добро на душата. Таа ги избрала местото, луѓето и околностите со цел да научи вредни животни лекции и да стане победник онаму каде што парите, моќта, славата, статусот и егото стануваат неважни.

Иако не знаеме каде се наоѓа тоа место, сепак знаеме дека не е потребен рај за да се почувствуваме вредни, среќни, горди и исполнети. Потребно е само да станеме посвесни дека сите ние сме дел од одреден народ, одредено семејство, однос, врска и духовна цел – себеси да се наречеме човек.

Таа привилегија е достапна за многумина, но не и за малите духовно осиромашени човечиња, кои смислата и вредноста на своето постоење ја пронаоѓаат во крадењето, лажењето, манипулирањето, експлоатирањето, изневерувањето и неизвршувањето на својата професионална и човечка должност – секогаш да инвестираме во душевниот мир и да придонесуваме за напредокот на општеството во кое живееме.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)