ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Пат кон успехот

334

Секој човек тежнее да постигне високи професионални остварувања и напредок во животот. Успехот има витална важност, така што исклучително битно е да станеме реализирани и значајни во тоа што го работиме. Мотивацијата за остварување на целите и за реализирање на потенцијалите е насушна потреба на секој поединец кој афирмативно, креативно и трудољубиво дејствува. Успехот на професионален план е значаен за да се чувствуваме сигурни со самите себе и за да постигнеме финансиска независност и егзистенцијална стабилност. Тој поттикнува самодоверба и чувство на исполнетост, нагласувајќи ја важноста на давање личен придонес за напредокот на општеството во кое живееме и компанијата во која работиме.

Секој сака да постигне успех, но дали секој умее да ги реализира потенцијалите и да ги препознае вредностите што водат кон напредокот и успехот?

Клучот на успехот е во утврдувањето на целите, планирањето, дисциплината, упорноста, мотивацијата, етиката, управувањето со промените и фокусирањето кон позитивните можности на животот.

Успехот бара да инвестираме време, труд и напор, но и да се откажеме од многу нешта, со цел да оствариме напредок и да ги реализираме потенцијалите.

Сепак, мерилото за успех кај сите луѓе е различно. Некои лица вредноста ја наоѓаат во напредокот на семејството, во воспитувањето на децата, посветеноста на брачниот однос и љубовта, други се насочуваат кон едукацијата, надградбата на знаењето или усовршувањето на личноста, трети се определуваат да создадат што повеќе капитал, интензивно да работат, да вложуваат во кариерата итн.

Без оглед кој за какви приоритети ќе се одлучи, успехот не паѓа од небо туку секогаш доаѓа како резултат на претходни акции и јасно дефинирани цели.

Професионалната реализација произлегува од добрата организираност, самодисциплината, едукацијата и позитивното искористување на психофизичките капацитети на личноста. Успехот не е нешто што едноставно „се случува“. Тој е резултат на неуморни, конкретни акции што се вршат со текот на времето. Само единките кои дејствуваат со соодветен став и со соодветни акции постигнуваат успех и го одржуваат успехот. Гранд Кардон запишал дека понекогаш успехот можеби малку зависи и од тоа дали ќе ве послужи среќата, ама секој човек на кој „му се посреќило“ ќе ви рече дека неговата „среќа“ е правопропорционална со тоа што го сработил. Асоцијацијата е дека колку повеќе разумни акции преземаме толку поголеми шанси имаме „да нé послужи среќата“.

Причината поради која успешните луѓе изгледаат како да ги служи среќата е тоа што успехот природно овозможува уште повеќе успех. Американскиот писател Зиг Зиглар потенцирал дека „многумина не разбираат дека успехот и среќата не се производ на шансата туку на изборот“.Впрочем, секој индивидуално одлучува што сака да прави во животот и како ќе се постави кон самиот себеси, кон работата и кон перспективите на сопственото постоење.

Одредени поединци сметаат дека не е важно на кој начин се постигнува успехот – битно е да се оствари тоа што се сака. Затаквите единки воопшто не е срамно што со своите постапки го срозуваат достоинството на професијата, ја девалвираат работната етика и се деградираат самите себеси,притоа нарушувајќи го угледот на компанијата или напредокот на државата којаја претставуваат. Честопати се случува одредени раководители да изнедрат и заштитат неетични индивидуи, кои во името на „повисоките интереси” се толерираат или,пак, наградуваат со значајни функции.

Успехот кој се остварува преку експлоатација на другите, уништување на општото добро, непочитувањето на деловната етика, проневери, измами, блуд и полтронство не е вистински успех, бидејќи не придонесува за развојот на компанијата, заедницата и за суштинската афирмација на личноста.

Секој разумен и самосвесен поединец е должен да работи, со цел да заработи. Капитализмот наметна дека ако немаме пари, ништо немаме. Сето тоа предизвика современиот човек сè повеќе да се фокусира кон работните обврски и материјалните добра, а сè помалку да има време за себеси, за блиските, за духовните вредности и за позитивниот начин на живеење. Во животот нужно е да работиме, но мора да размислуваме и за здравјето, за социјалната интеракција со другите и за релаксирачките активности што придонесуваат да се чувствуваме среќни и опуштени. Треба да знаеме дека „постојано високи резултати постигнува оној кој одржува рамнотежа меѓу работата и слободното време“.

Од друга страна, во суштината на човекот е да се стреми кон повеќе и повеќе. Секој сака подобра љубовна врска, повеќе квалитетно поминато време со саканите, повеќе впечатливи искуства, подобра физичка и здравствена состојба, поголема енергија, подлабоко духовно знаење, постојан успех и поинтензивен придонес за општото добро. На луѓето им е заедничка желбата за подобрување на сопствениот статус и за постигнување повисоки резултати со цел да станат пореализирани, посреќни и поуспешни. Многумина си го поставуваат прашањето: Кое е тоа едно и единствено својство/дејство што ќе осигури дека некоја личност ќе создаде извонреден успех?

Доследноста, исполнителноста, упорноста и фокусираноста овозможуваат реализација и напредок во кариерата. Меѓутоа, „постојат и лица кои имаат совршени оправдувања за неисполнувањето на своите обврски; тие станале експерти во објаснувањето на своите неуспеси“. Неуспешните се оправдуваат; успешните напредуваат бидејќи сфатиле дека позитивните резултати и позитивните дела се најважни.

„Да се успее“ буквално значи нешто да заврши добро или да се постигне некоја посакувана цел. Цената на успехот секогаш е многу пониска од цената на неуспехот. Мотивацискиот говорник Денис Вејтли има кажано дека „на врвот се наоѓаат оние што повеќе ги интересирале активностите за постигнување цели, додека просечните луѓе се повеќе склони кон активности кои ослободуваат од напнатост“. Тоа подразбира дека успешните луѓе повеќе ги интересирале позитивните, долгорочни последици од нивните постапки, додека неуспешните повеќе ги интересирало уживањето и моменталното задоволување на желбите.

Најважната карактеристика на луѓето кои постигнале значаен успех е имањето долгорочна перспектива и чувство дека прават нешто корисно за себеси и за заедницата. Најголеми непријатели на успехот и на остварувањето на личните потенцијали, најнапред е линијата на помал отпор, а потоа и факторот на моментална корист. Многумина најчесто го избираат најбрзиот и најлесниот начин да дојдат до тоа што го сакаат веднаш, при што водат малку или воопшто не водат сметка за долгорочните последици на своето однесување. Со други зборови, „повеќето луѓе повеќе сакаат да го прават тоа што донесува моментална корист, тоа што е забавно и лесно, отколку она што е неопходно за успехот“, потенцирал Брајан Трејси.

Самодисциплината, посветеноста и инвестирањето во сопствената надградба се основа на напредокот и без нив не е можен траен успех.

Клучот е да бидеме во состојба да го одржуваме успехот, а не само да го постигнеме. Не е доволно само да учествуваме во работниот процес; многу е важно да научиме константно да постигнуваме значајни резултати и постојано да се надградуваме.

Писателот Иан Симор има кажано: „Кога се стремиш кон некоја цел, не запирај кога ќе ја поминеш линијата. Наместо тоа, постави си нова цел, нова линија – која ќе ти ја замени онаа преку која веќе си поминал“.

Секогаш треба да имаме на ум дека вистинската прилика за успех се крие во човекот, а не во работата. Силниот дух, одлучноста и иницијативноста укажуваат дека најбрзо ќе стигнеме до врвот ако тргнеме од дното – постепено совладувајќи ги предизвиците.

Асоцијацијата е дека треба постојано да се стремиме кон успех бидејќи тоа е наша должност, обврска и одговорност. За да го постигнеме успехот мора да поставиме јасна цел, да бидеме истрајни, дисциплинирани, фокусирани и пред сè да веруваме во сопствените вредности.

 (авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)