Отуѓеноста сé повеќе станува дел од современото живеење исполнето со многу фрустрации, проблеми и тешкотии. Разните егзистенцијални закани и опасности наметнаа колективна судбина на страв, неизвесност и несигурност. Човештвото се соочува со новонастанати околности кои почнаа од корен да го менуваат досегашниот начин на опстојување. Корона вирусот предизвика социјална отуѓеност и дистанцираност, но го интензивира ѝ стравот од болести, сиромаштија, осаменост и здодевност.

Отуѓеноста го зема својот данок – луѓето сé почесто се несреќни, незадоволни и осамени. Оваа опасна „болест“ на 21 век е поприсутна во големите градови. Човекот е социјално битие, така што отсуството на друштво влијае врз психата и го деградира чувството на сигурност и емоционална припадност.

Социјалните врски повеќе не се такви, какви што некогаш беа. Индивидуализмот, егоизмот и материјализмот станаа насушна потреба во екот на најсилното влијание на капитализмот, консумеризмот и потрошувачкото општество. Скоро сé е подредено на поривот за стекнување што повеќе пари, телесни страсти, волја за моќ и егоистички стремежи.  Хуманиот, посветен и искрен однос е во тотално опаѓање, додека неморалот, лагата и измамите се третираат како снаодливост, немоќ пред искушенијата и искористување на приликата, наместо како одлика на нечесност и негативност. Општото чувство на недоверба, страв и несигурност предизвика луѓето да станат емоционално затворени, отуѓени и себични.

Сите овие нешта предизвикаа современиот човек да биде сé поосамен и натрупан со лични и семејни проблеми. Многумина целосно се индивидуализираа и воопшто не размислуваат за создавање брачна или семејна заедница. Други имаат големи тешкотии да остварат однос со сродна, хармонична и посветена личност. Постојат и поединци кои целосно им се препуштаат на слободните врски, давајќи им предност на телесните задоволства и површните односи.

Брзото темпо на живеење и работните ангажмани наметнаа постојано да бидеме во трка со времето, затоа недоволно другаруваме со блиските или ретко наоѓаме време за мир, релаксација и посветување на самите себеси. Општ впечаток е дека сите некаде брзаат, чувствуваат психофизички замор и константно решаваат свои или туѓи проблеми. Традиционалната навика седнување на кафе муабет, заменета е со современата форма на комуницирање спроведена низ социјални мрежи и виртуелни пријателства.

Во екот на технолошкиот напредок и информатичката револуција комуникацијата го достигнува својот врв, но воедно и отуѓувањето и осаменоста се шират со незамислива брзина. Можностите за брза и лесна комуникација рапидно се зголемија, а блискоста, искреноста и довербата драстично се намалија. Луѓето како никогаш претходно се блиску едни до други низ комуникациска форма, но далеку од духовната суштина и душевната близина. Живеејќи во страв од осаменост, многумина ги спуштаат критериумите и дозволуваат во нивниот интимен простор да навлезат залутани и некомпатибилни поединци. Неразумното подредување на ниските вибрации и прифаќањето сé и сешто асоцира дека одредени лица го загубија чувството на самовредност, морал и естетика. Тоа услови да преовладува максимата: „Подобро нешто, отколку ништо“. Таквата ориентација создаде несигурни, фрустрирани, очајни и внатрешно осиромашени поединци кои постепено се соочуваат со распадот на личноста.

Човекот не е создаден својот живот да го помине во осаменост и отуѓеност, но истовремено не е должен да биде со секој, колку да не биде сам со себе. Најлошо е кога не припаѓаме на самите себеси, туку сме сечии. Неретко многу подобро е да бидеме сами, отколку да опстојуваме во однос со поединец кој негативно влијае врз нашата личност. Чувството на површност и лажна среќа се насекаде околу нас. Кога прифаќаме сé и сешто и не водиме сметка за честа, достоинството и полнотата на личноста, неизбежно стануваме лесен плен на депресијата, неуспехот и празнотијата. Прифаќањето на самите себеси значи дека добро се чувствуваме во својата кожа и умееме да им се радуваме на нештата што ги имаме. Секој човек треба да биде верен на сопствените цели исвесен за сопствените вредности.

Да се постигне мир со себеси претставува најтежок предизвик кој создава најголема среќа. Не постои повеличествено знаење од умешноста да бидеме задоволни со себеси и со она што го имаме. Секогаш постојат нешта кои ќе ни недостигаат. Ставањето фокус кон тоа што го немаме, неминовно предизвикува несреќа, немир и фрустрацијата. Негативната перцепција, отпорот кон иницирање промени, духовната затвореност, емоционалниот отров и ниското ниво на самопочит се главните причинители на отуѓеноста. Кога долг период одржуваме негативна слика за самите себеси, тогаш неизбежно се движиме кон болката, страдањето и отуѓеноста.

Од друга страна, колку и да се трудиме духовно да се зајакнуваме отуѓеноста е присутна насекаде околу нас. Таа стана главна карактеристика на современото живеење. Постои професионална, национална, културна, социјална отуѓеност итн. Постои и отуѓеност од природата, бидејќи алчните, корумпирани и духовно неосвестени индивидуи не сфаќаат дека со загадувањата и уништувањата на еко средината го уништуваат и сопственото постоење. Може да постои и отуѓување од работното место или од трудот, постои отуѓување во брачните и семејни односи, како и во доменот на пријателствата. Но, ниедно од овие отуѓувања не е толку опасно, колку што е отуѓеноста од самите себеси.

Отуѓениот поединец не е во контакт со самиот себе, ниту е во сооднос со светот што го опкружува. Тој живее во немир, страв и со оддаденост на безизлез, песимизам и тага. Тоталната изолација не е добра за ниту еден човек кој претпочита да живее слободно, опуштено и позитивно. Кога не сме опуштени, не излегуваме, не другаруваме и не се отвораме за задоволствата, во тој случај нужно се отуѓуваме од другите лица и манифестираме депресивни мисли. Албер Ками има кажано: „Најголемата великодушност кон иднината се состои во тоа да и дадеме сé на сегашноста“. Барањето на смислата, пронаоѓањето на целта и остварувањето на визијата се лек за отуѓеноста. Кога нема за што да се бориме, кога не веруваме дека ќе успееме и кога не сме ослободени од чувството на вина за грешките од минатото, тогаш душевно венееме, емоционално страдаме и психофизички се отуѓуваме.

Една од причините за сé поголемата доминација на отуѓеноста е стравот произлезен од егзистенцијалната несигурност. За да се чувствуваме опуштено и хармонизирано неопходно е на работен план да бидеме исполнети, реализирани и уверени дека ќе биде подобро. Нискиот личен доход, подложноста на мобинг, експлоатацијата, креативната стагнација и обезвреднувањето на професионалните квалитети се само дел од негативните изблици кои предизвикуваат отуѓеност од трудот.

Социјализмот овозможуваше сигурни работни места и загарантиран личен доход, така што луѓето беа поопуштени и имааа повеќе време за другарување и слободни активности. Денес, ако не работиме или немаме доволно пари неизбежно ќе чувствуваме страв, несигурност и негативен набој, поради што ќе страдаат ѝ нашите односи во надворешната средина. Во капитализмот отуѓувањето се наметна како стил на живеење, бидејќи поретко ги посетуваме роднините, помалку се гледаме со пријателите и не другаруваме со соседите. Таквата околност предизвикува да се отуѓуваме од другите, а со самото тоа да се отуѓуваме и од самите себеси.

За факторите кои ја создаваат отуѓеноста (алиенацијата) има пишувано германскиот философ Карл Маркс. Главниот виновник за отуѓувањето Маркс го лоцира во експлоатирачкиот капиталистички систем. Теоријата е дека сé започнува со отуѓувањето од производите на трудот, зашто средствата за работа и плодовите од трудот наместо да им припаднат на директните создавачи на добрата – производителите (работниците), тие целосно паѓаат во рацете на профитерски ориентираните работодавци (капиталистите).

Заклучокот е дека суровата експлоатација предизвикува луѓето да се отуѓат од трудот, а со отуѓувањето од трудот тие нужно се отуѓуваат и од самите себеси. Кога сме отуѓени од самите себеси, тогаш неизбежно се отуѓуваме од другиот човек и од заедницата во која живееме.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)