ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: ОТПОР И КОНФЛИКТИ

212

Дали во денешно време е реално да се надеваме на искрена, долготрајна и вистинска љубов?

Проблемот не е во постоењето, туку во опстојувањето на љубовта. Прашањето е колку долго ќе траат страста, надополнувањето, менталната поврзаност и емоционалната блискост или, пак, можеби се работи за љубовен импулс, кој со текот на времето ќе загуби од својот интензитет. Според одредени научници, љубовниот занес е најсилен на почетокот од врската, потоа, како што најчесто се случува, хормоналната привлечност се намалува и на површина излегува реалната слика за квалитетот на односот. Добро е да постои флуид и страст, но најважно е да се согледа колку и дали партнерите се надополнуваат и на духовна основа.

Денес сè поретко сме сведоци на вистинска љубов, бидејќи повеќето луѓе се преокупирани со материјалното, со кариерата или со работата, така што помалку се вложуваат во љубовниот однос со партнерот.

Брзото темпо на живеење ја наметна концепцијата на индивидуализмот. Тоа подразбира свртеност кон себе и потреба да се биде концентриран кон создавањето успех, висок статус и материјални добра. Како резултат на таквото тежнеење, многумина чувствуваат психофизички замор и не се во состојба соодветно да го возвратат вниманието и да споделат страст и емоции со својот партнер. Притоа очекуваат другиот целосно да им се приспособи и да ги прифати околностите и ограничувањата присутни во љубовниот однос. Проблемот е што таквите барања се премногу себични и нереални, бидејќи невозможно е едниот постојано да се подредува и да му биде на услуга на другиот.

Проблемите се јавуваат доколку двајцата негуваат сличен пристап и постојано анализираат кој колку дал и вложил во љубовниот однос.

Дали во тој случај се работи за вистинска љубов?

Главно начело на љубовта е: сподели позитивни емоции, уживај, чувствувај се исполнето, бидејќи ти сакаш така, а не затоа што некој го бара тоа од тебе. Суштината е во иницирањето на љубовните вибрации, особено ако тие ни овозможуваат убаво да се чувствуваме и да станеме посреќен и подобар човек. Таквиот пристап е плод на афирмативната насоченост и на законот на позитивната енергија. Тоа целосно се разликува од аналитичкиот пристап и од законот на отпорот, кој гласи: колку љубов ќе  добијам, со толку ќе возвратам, односно очекувам соодветно да ми биде возвратено за љубовта што ја вложувам. Овие ментални борби и преиспитувања почнаа доминантно да надвладуваат, поради што се наметна прашањето: Каде се наоѓа љубовта во таквиот однос?

Кога го истакнуваме крутиот разум, а го потиснуваме срцето, многу тешко ќе се воздигнеме во љубовта и ќе бидеме сплотени со партнерот.

Сите ние живееме во светот на рациото, кое целосно доминира над срцето. Затоа се наметна мислењето дека не постои вистинска љубов, бидејќи сé е водено од интерес и физичка привлечност. Љубовните импулси, наместо да се темелат врз емоционална блискост и посветеност, многу повеќе се водени од страст и површни задоволства.

Во некои други времиња, љубовта подразбираше подготвеност за жртвување, себепотиснување и целосна посветеност и насоченост кон партнерот. За таквиот тип на љубов пишувал и Јохан Гете во книгата „Страданијата на младиот Вертер”, во која укажал дека среќата на саканата личност треба да биде ставена пред сопствените тесни интереси и дека вистинската љубов не е водена од разумот, туку од срцето.

За да се воспостави вистинска љубов, неопходно е  двајцата партнери да бидат среќни, задоволни и исполнети. Ако не постои вистинска љубов, тогаш двајцата ќе страдаат – мажот ќе се чувствува осамен и нереализиран, а жената ќе смета дека е неприфатена и ќе стане несреќна и емоционално неисполнета. Љубовната нереализираност подеднакво ги погаѓа и мажите и жените.

Овој свет се прокламира како свет на материјата, парите, моќта и страстите, поради што уште од праисториската епоха мажите тежнееле да освојат, да поробат, да бидат ловци, да се борат против непријателските животни околности со цел да го прехранат семејството. Во денешно време, нештата се променија, така што и жената почна да обезбедува средства и финансиски да придонесува за себе и за семејството. Пред повеќе од 50 години, мажот ги обезбедувал средствата, додека жената најчесто била ориентирана кон семејството, се грижела за децата и се истакнувала во домаќинството. Тој шаблон на семејна организираност целосно се почитувал, така што жената си го наоѓала своето место во заедницата, без оглед дали и колку ја исполнувало сето тоа.

Свесни дека не постои друга опција, многу од жените биле задоволни од таквата наметната улога. Од друга страна, мажот бил должен да се докаже преку обезбедувањето средства, грижа и заштита на семејството. И денес, мажот не е ослободен од тие задолженија, бидејќи ретко која ситуирана и статусно етаблирана жена ќе одлучи да влезе во брак со маж кој работи на ниско платено работно место или, пак, нема висок капацитет за стекнување материјални добра. Повеќето од таквиот тип жени без размислување ги игнорираат овие мажи, дури и по цена да останат сами. Еманципацијата колку што ги истакна позитивните вредности на жените толку им создаде и проблеми и ги остави без слободно време и со хроничен замор, бидејќи им наметна високи барања и ги направи поиндивидуално насочени кон животот.

Жените станаа автономни креатори на својот живот, тие повеќе не се орудие во рацете на мажот и не чекаат на неговите средства, туку самите ги обезбедуваат.

На одредени жени во прилог им одат и константната едукација и вложувањето во личниот развој. Сето тоа придонесе за нивна независност и способност да ги воспостават и одбранат своите индивидуални права.

Во претходните векови, жените немале многу опции, затоа морале да трпат разни шиканирања и да треперат пред авторитетот на мажот. Денес, ретко која жена ќе се задоволи со половични решенија, така што повеќето од нив вршат притисок врз партнерот, кој и во современата епоха е должен да обезбедува средства за семејството и да се докажува во креветот. Тоа отсекогаш било прашање на машкоста.

Негативниот пристап кон нештата може да создаде фрустрација и незадоволство кај партнерите, да предизвика  конфликти и да ги направи подложни на нервозни реакции.

Личното незадоволство и еготенденциите создаваат терен едниот партнер да се изживува врз другиот, да иницира расправии и да манифестира нетолеранција доколку неговите/нејзините барања не бидат миговно исполнети и одобрени.

За напредок на љубовниот однос, клучно е да постојат почит, тактичност и културно однесување. Тоа не значи дека треба да ги потиснуваме своите барања и да не очекуваме партнерот да ни помогне во одредена ситуација. Напротив, односот е успешен, хармоничен и функционален само ако партнерите си помагаат еден на друг и се надополнуваат во разни животни ситуации. Но доколку, наместо разбирање, толеранција и почит кон тоа што го работи партнерот, доминираат наредби, критики и барања, кои го нарушуваат мирот на другиот, тогаш таквиот однос однапред е осуден на неуспех.

Затоа не треба да се претерува со наметнувањето барања за нешта што не се итни и неопходни, ниту, пак, да вршиме притисок врз партнерот за работи што и самите можеме да ги извршиме, особено доколку другиот во моментот не чувствува потреба да го направи тоа што ние го бараме од него.

Треба да имаме на ум дека повеќето од љубовните проблеми почнуваат од ситници и од неисполнети очекувања кои толку многу сме ги предимензионирале, што од мравка сме направиле слон.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)