ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Остварување на целите

1928

Многу нешта зависат од пристапот кон животот. Негативната перцепција и преокупираноста со лошото нè создаваат предуслови за напредување и остварување на целите. Песимизмот е показател за неуспех, а оптимизмот е пат за постигнување на успехот. Мислите се најзначајниот фактор во утврдувањето на нивото на нашата среќа, квалитетот на нашите врски и односот кон сопствената личност. Позитивното размислување буди сила за надминување на тешкотиите и за препознавање на можностите за напредување.

За да ги реализираме потенцијалите неопходно е да го визуализираме она што сакаме да го постигнеме. Психолозите сметаат дека „остварувањето на соништата“ им се случуваат на лицата кои позитивно размислуваат, веруваат дека ќе успеат и напорно работат на реализација на своите цели. Од друга страна, негативните мисли фокусирани врз недостатоци, мани, ограничувања, тешкотии и проблеми создаваат несигурност и водат кон стагнација и неуспех.

Имагинација е способност за создавање идеја или ментална слика во нашиот ум. Кога замислуваме убави нешта и длабоко во себеси знаеме дека ќе успееме, шансите за реализација максимално се зголемуваат. Креативната визуализација и силната верба овозможуваат и космичката интелигенција да работи на остварување на нашите цели.

Швајцарскиот психијатар Карл Густав Јунг сметал дека сè е со се поврзано и дека ништо не е случајно. Тој ја развил теоријата на синхроницитет, чија суштина се базира врз следните постулати: Ако човекот силно го посакува успехот и упорно работи на својата цел, тогаш во неговата судбина ќе се случат настани кои ќе го помогнат неговото напредување. Колку и да изгледаат неповрзани и случајни, со текот на времето нештата се вклопуваат во една целина. На пример, одреден економист посакува да стане писател и пишува текстови кои нема каде да ги објави. Еден ден одлучува да ги покаже своите дела на вистински книжевник, но помеѓу своите пријатели нема таков. Два дена подоцна, писателот почетник случајно запознава искусен писател и со негова помош ја објавува својата прва книга. Средбата со писателот се покажала среќна, но таа не била случајна, туку е рефлексија на синхроницитет. Сепак, ништо не би се случило доколку економистот не работел на остварување на својот сон и не верувал во успехот.

Одраз на синхроницитет пронаоѓаме и во случајни средби со саканата личност или кога некоја песна упорно ни се врти в глава, го пуштаме радиото и во тој момент започнува токму таа песна.  Сите овие нешта се производ на длабоката поврзаност со законот на привлечноста. Овој принцип може да се види и кога „случајно“ знаеме кој ни ѕвони на телефон или кога остваруваме средба со лице за кое, токму во тој момент сме размислувале итн.

Спиритуалните знаци се насекаде околу нас, само треба правилно да ги читаме и интуитивно да проникнеме во нештата. Космичките закони укажуваат дека сé што се случува е условено од претходна причина и дека во светот нема случајности. Јунг како голем поборник на астрологијата сметал дека оваа дисциплина функционира според принципот на синхроницитет. Според него, во астрологијата се кријат интуитивните тајни на небесата со чија помош може да се дојде до јадрото на психолошките вистини.

Чудата се случуваат за човекот кој посветено работи, искрено се моли и верува дека Бог или Универзумот ќе му помогнат да ги оствари своите цели. „Верата планини поместува“, така што кога потполно би се препуштиле на духовната сила кон која молитвата ја упатуваме, позитивните резултати нема да нé заобиколат, а мирот и хармонијата ќе станат наше секојдневие.

Редовната концентрираност на одредена замисла ги придвижува механизмите на позитивната вибрација создавајќи предуслови за остварување на  целта. Визуализирањето на здравјето, љубовта, успехот и хармонијата во голема мера ги зголемува шансите за подобрување на состојбата. Менталната фокусираност на позитивни максими е патот за постигнување на смиреноста и благосостојбата.

„Мир, мир и сè ќе биде добро“ – е клучната афирмација за елиминирање на негативните мисли и емоционални немири. Повторувањето на мантрата : „Јас сум силен, способен и спокоен и ќе го остварам тоа што го сакам“, создава чуда и иницира будење на потенцијалите на личноста (сатори) за излез од кризата.

Според зен будизмот: „Мислите создаваат дела; делата ги формираат навиките; навиките го градат карактерот, а карактерот ја обликува судбината“. Законот на кармата потенцира дека човекот е лично одговорен за сè што му се случува во животот. Неговите мисли, зборови и дела ја одредуваат и неговата судбина. Космичката правда укажува дека секој порано или подоцна ќе одговара за своите постапки и дека неминовно ќе го добие тоа што го заслужува.

За синхроницитетот правилно да функционира клучно е да веруваме во самите себеси, јасно да ја формулираме својата цел и посветено да работиме на остварувањето на визијата. Да се визуализира и планира не е доволно, неопходно е да се дејствува. Дури и ако целта е мошне далечна, секогаш може да направиме мал чекор кон нејзината реализација. Јунг верувал дека Универзумот го поддржува човекот и ги помага неговите добри замисли. Но за остварување на своите соништа не е доволно само да имаме цел. Многу поважно е трпеливо и напорно да работиме, трасирајќи го патот за движење кон целта. Упорноста е основа на личната промена, така што секоја трајна внатрешна промена бара време и труд.

Суштината на постоењето е да креираме живот со цел и смисла. Извор на трајната среќа е упорната работа за исполнување на своите цели. Кога не ја гледаме својата цел, тогаш нема да бидеме во состојба да ја погодиме целта. Кога развиваме јорики (јапонски термин што означува концентриран ум) кон главната смисла на својот живот, умот почнува да го филтрира неважното и да се фокусира само на важното.

Во животот е најбитно да ја следиме својата цел и да разбереме дека и најдолгиот пат започнува со првиот чекор. Првиот чекор е да имаме јасна визија на резултатот и да ги конкретизираме своите настојувања. Вториот чекор е да создадеме позитивен притисок кој ќе нè инспирира и одржува будни. Третиот чекор е да не брзаме со определување на целта, сè додека не сме го поставиле рокот за нејзино остварување. За да оживее целта, мора да и дадеме прецизен рок и да разбереме дека не можеме бесконечно да се опседнуваме со одредена цел.

Законот на привлечноста укажува дека енергија со определен квалитет или вибрации привлекува енергија со сличен квалитет или вибрации. Мислата и емоцијата имаат сопствена магнетна вибрација која привлекува вибрација од слична природа. Како што напишала Шакти Гавејн: „Доколку постојано мислите на болест, вие ќе се разболите, ако верувате дека сте убави, ќе станете убави“. Според овој принцип, сè што емитуваме во Универзумот ни се враќа со соодветна манифестација. Физиката утврдила дека „секоја акција, создава реакција“, а народната мудрост забележала дека „што си посеал, тоа ќе жнееш“. Асоцијацијата е дека како зрачиме, така привлекувме; за што размислуваме – тоа повикуваме. Во евангелието според Матеј е напишано: „Сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; тропнете и ќе ви се отвори. Зашто секој што сака, добива, и кој бара, наоѓа, и на оној што тропа, ќе му се отвори“.

Од практична гледна точка, ова значи дека во нашиот живот секогаш го привлекуваме она за што најмногу размислуваме, во што најмногу веруваме и состојбите што кармички ги заслужуваме.

Решението е да иницираме позитивна енергија, да се фокусираме на љубовта, убавината и хармонијата и да визуализираме радост, среќа и успех со цел да ги привлечеме лицата, ситуациите и случувањата кои им одговараат на нашите афирмативни очекувања.

 (авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)