Будењето на личните потенцијали и фокусот кон тоа што е добро во нашето постоење се основни за постигнување значајни резултати во животот. Никој не може да ни помогне толку многу, колку што можеме да си помогнеме самите себеси. Воедно, никој не може да ни наштети толку многу, колку што со својата неодговорност, негативност, критицизам и лошо постапување можеме да си наштетиме самите на себе. За да постигнеме позитивни резултати или за да се заштитиме од негативните влијанија неопходно е да вложуваме во личниот развој, да се себеспознаеме и да сфатиме што треба, но и што не треба да правиме во животот. Разумното постапување, одговорноста и согледбата на предностите или слабостите на сопствената личност се клучни за остварување на целите.

Кога имаме јасна претстава за самите себеси, многу повеќе ќе ги почитуваме своите вредности и ќе се справиме со потенцијалните ограничувања наметнати од надворешната околина.

Осознавањето на самите себеси е клучно за да имаме позитивна визија, среќа и напредок во животот. Претставата која ја имаме за себе е во тесна корелација со нивото на самопочитта и самодовербата, така што таа е мошне значајна за градење на личноста и однесувањето. За да ги иницираме хармоничните нешта, неопходно е да вложуваме во себеспознанието и да веруваме во своето вистинско „јас“. Тоа ќе го постигнеме ако негуваме здраво самопочитување и не стравуваме слободно и креативно да се изразиме. Секое потиснување на сопствените вредности, нема да ни донесе успех и реализација, бидејќи како што вели Иво Андриќ: „Постоеја толку многу работи во животот од кои се плашевме. А не требаше… требаше само да живееме“. Преголемата концентрација на надворешните околности и подложноста на туѓите негативни вибрации, може сериозно да го загрозат нашето „јас“ и да не направат ранливи во борбата со искушенијата. Доколку дозволиме надворешните случувања да го обликуваат нашиот дух, нужно ќе ја загубиме моќта да ја контролираме својата судбина. Но, кога се имаме себеси и кога знаеме со какви потенцијали располагаме, многу похрабро ќе се справиме со ограничувањата и ќе го трасираме патот кон успехот и хармонијата.

Позитивното размислување функционира само доколку е длабоко вкоренето во нашата личност и е составен дел од претставата која ја имаме за себе.

Нашата личност, она што сме ние, не е најтесно поврзана само со она што го правиме, туку и со она во што веруваме. Афирмативното себедоживување е силен штит и моќен импулс на позитивна вибрација, која во себе го крие златното правило на популарната психологија: како што размислуваш, таков и ќе станеш! Затоа, треба да внимаваме на мислите, бидејќи тие се почетокот на постапките. Негативната перцепција, песимизмот и несвесноста за сопствените вредности, предизвикуваат најголемиот дел од животот да го живееме како во сон, со погрешен идентитет, со внатрешен трепет и страв од дејствување. Тоа е така, бидејќи голем дел од нашите внатрешни доживувања и фрустрации извира од неспособноста да се разбереме самите себеси и од неградењето позитивен пристап спрема луѓето, тешките ситуации и предизвиците. Според Антони Де Мело: Ако не сфатиме како функционира нашиот ум ќе се потпираме само на нашите ментални конструкции, и така ќе станеме заложници на имагинациите на сопствениот ум, наместо да ја видиме реалноста онаква каква што е. Оваа размисла укажува дека немирот и незадоволството неретко можат да бидат плод и на нашите ментални фикции, односно на чувството дека некои нешта се многу лоши, незадоволителни и опасни.

Кога добро се познаваме себеси и веруваме во сопствените вредности, нема така лесно да се вознемируваме и да проектираме негативистички размислувања.

Во тој контекст, мошне поучна е согледбата на Фјодор Достоевски: „Човекот е склон да ги набројува своите неволји, но никогаш не ги набројува своите радости. Кога би ги наброил како што тие заслужуваат, би согледал дека секој има причина за доживување среќа во животот“. Тоа не значи дека треба да ги потиснеме неубавите нешта, туку пред сé, да ја насочиме свеста кон убавите, зашто само низ афирмирање на хармоничното и проектирање на позитивното, ќе научиме успешно да постапуваме и оптимистички да промислуваме. Кога ќе почнеме да ги применуваме овие ментални формули, ќе ни се отвори нова врата и ќе стекнеме подобро чувство за тоа кои сме и за што сé сме способни. Всушност, ако имаме јасна слика за самите себе, многу поуспешно ќе ги искористиме сопствените вредности, ќе оствариме напредок и ќе постигнеме нешто вредно во животот.

Свест е способност да го анализираме начинот на кој ја филтрираме реалноста, а надсвест е мудрост која ни овозможува позитивно реализирање на вредностите и можностите во животот.

Во современиот начин на живеење, освен професионалната ангажираност и материјалната реализираност, клучно е да вложуваме и во духовноста и да имаме чувство на смиреност и внатрешна исполнетост. Бидејќи не е сé во парите, иако за реализација на потенцијалите важни се и парите, најсуштинската вредност ќе ја постигнеме ако ги воспоставиме  духовната хармонија и себеспознанието. Затоа мора да имаме јасна претстава за сопствените вредности, да знаеме кои сме, какви сме, со што се карактеризираме, како може да се справиме со потенцијалните ограничувања, како да се дистанцираме од сé што е лошо, од сé што не затрупува со негативна вибрација и песимизам. Иако Џек Лондон ќе каже дека „за човекот е опасно да се види себеси во вистинска светлина: тогаш животот станува неподнослив“. Сепак, без себеспознание и без преиспитување на некои нешта што ни се случиле во минатото, исклучително е тешко да се воспостави мирот, па и успехот во животот. Кога чувствуваме дека поразот и неуспехот се надвиснале врз нашата глава, неопходно е да ја перципираме внатрешната причина за таквата импресија. Затоа, ситуацијата треба да ја согледаме не само однадвор, туку и однатре, бидејќи како што кажал Епиктет: „Ниеден човек кој не е господар на самиот себе, не е слободен“.

Многумина едноставно не сакаат да се себеосознаат и одбиваат да се соочат со стварноста. Вистинскиот развој на личноста започнува кога ќе решиме да не се криеме од самите себе, туку одлучно ќе почнеме да ги преиспитуваме нашите постапки, потенцијали и слабости. Со иницирање на законот на позитивна перцепција ќе го согледаме потенцијалот што го имаме во себе, и со самото тоа ќе ја активираме силата која ќе го ослободи тој потенцијал, ќе го развие и ќе го поттикне кон успешно дејствување.

Треба да знаеме дека талкањето без цел, стравот од пораз, внатрешната несигурност, крутиот карактер и зависноста од влијанија на другите се главните причини за неуспех и за ниското ниво на себеспознание.

Од друга страна, барањето вредносна смисла, определбата да се движиме по позитивната патека на постоењето и воспоставувањето самопочит, самодоверба и самовредност треба да бидат темел на нашата личност. Кога се осознаваме себеси, знаејќи што бараме и што сакаме да постигнеме во животот, тогаш колку и да е тешко ќе успееме да го оствариме тоа што го можеме и ќе го постигнеме тоа што го заслужуваме.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)