ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Осаменост

1716

Осаменоста сè повеќе станува болест на 21 век. Лошите брачни и љубовни односи, наездата на разводи, избегнувањето да се влезе во брак, форсирањето на индивидуализмот, интензивната предаденост на работата, лажните пријателства, немањето осет за семејна хармонија и емоционалната дистанцираност се само дел од причините поради кои многумина се чувствуваат отуѓени и осамени. Ако кон тоа го додадеме и стравот од емоционално врзување поради претходно љубовно разочарување, тогаш не треба да се изненадиме што осаменоста е сè поактуелна.

Капиталистичкото општествено уредување предизвика висок степен на егзистенцијална неизвесност, отуѓеност и осаменост. Културата на индивидуализмот и самодоволноста зема замав така што искрениот, позитивен и емпатичен однос сè поретко е присутен. Брзото темпо на живеење придружено со општата трка за што повеќе пари, моќ, професионален успех и висок статус создаде отуѓување, чувство на несигурност и епидемија на осаменост. Таквата состојба иницира висок степен на апатичност, незадоволство, фрустрации, стрес, песимизам и депресија.

Осаменоста создава голема празнина, тегобност и чувство на изолираност, кое не престанува ниту кога сме во друштво со други луѓе. Од друга страна, самотијата може да биде корисна состојба кога сме во мир со себе и кога немаме потреба од други луѓе.

Познато е дека квалитетните меѓучовечки односи го намалуваат стресот, го јакнат имунитетот и му даваат смисла на животот. Истражувањата покажале дека осаменоста може да биде мошне штетна за психичкото и физичкото здравје, бидејќи ја зголемува опасноста од кардиоваскуларни болести и депресија. Докажано е дека луѓето кои не се чувствуваат осамено и кои создаваат хармонична интеракција со другите, живеат подолго и посреќно.

Причините за осаменоста може да ги побараме во недостигот на емпатија за блискиот, доминацијата на разводи, продолжувањето на животниот век, намалувањето на семејните врски и во зголемениот број луѓе кои живеат како самци.

Ориентацијата кон површните задоволства, немањето критериум во избор на партнер, присутноста на разните искушенија и преголемата предаденост на телесните страсти, создадоа општо чувство на несигурност и недоверба за креирање стабилна, посветена и хармонична љубовна врска.

Многумина се осамени поради одредени љубовни разочарувања произлезени од минатото, така што чувствуваат дека може да доживеат слични искуства и повторно да бидат емоционално повредени. Затоа, максимално го подигнуваат својот критериум, со што свесно или несвесно одлучуваат дека осаменоста е подобра опција отколку да бидат со партнер кој не ги заслужува. Некои други, пак, сметаат оти постојано наидуваат на лица кои не се доволно добри за нив, така што копнежливо трагаат по својата сродна душа и ретко влегуваат во љубовни односи. Постојат и поединци кои константно размислуваат негативистички, дистанцирајќи се од сè што може да им понуди одредена љубовна ситуација. Кај нив преовладува песимизмот и недовербата во себеси и во вредностите на другите, поради што доброволно се отуѓуваат и живеат осамено. Но, постојат и лица кои сакаат да бидат во љубовен однос, копнеат за емоционална блискост, но не можат да најдат соодветен партнер со кого ќе се сплотат во семејна заедница.

Ако сакаме да напредуваме во љубовта и да се дистанцираме од осаменоста, неопходно е да се ослободиме од следниве размислувања: Преовладуваат неморалот, измамите и неверствата, затоа подобро да бидам сам/а, отколку со  партнер на кого не можам целосно да му верувам; Емоционалната повреда од минатото ме спречува да се препуштам на љубовта бидејќи лошите искуства можат да се повторат; Не се отворам лесно за љубовта, бидејќи луѓето се егоистични и сакаат да манипулираат и искористуваат; Зашто да придонесувам за другите, кога многумина се неморални и гледаат исклучиво за себеси? Овие стравови во најголема мера се нереални, бидејќи сите луѓе не се искористувачи, неморални, себични, неверни или деструктивни.

Како и за сè во животот, така и во љубовта, неопходно е да пристапуваме со позитивна мисла, надеж и верба дека ќе биде добро и дека вреди да се љуби, зашто само љубовта може да привлече љубов.

Некои луѓе ни ја држат среќата, така што подобро е да сме сами отколку да одржуваме врска во која се чувствуваме несреќно, нереализирано и фрустрирано. Кога ги напуштаме таквите поединци, енергијата почнува да ни се буди и полека осознаваме дека непотребно сме ги запоставувале своите потенцијали

Иако осаменоста и самотијата често се поистоветуваат во секојдневниот говор, помеѓу нив постои разлика. Осаменоста создава голема празнина, тегобност и чувство на изолираност, кое не престанува ниту кога сме во друштво со други луѓе. Впечатокот дека сме оставени сами на себе, предизвикува внатрешен немир, фрустрација, незадоволство и непријатност од состојбата во која се наоѓаме. Свесноста дека сме хронично осамени иницира самосожалување, страв, беспомошност, ниско ниво на самопочит, недостиг на мотивација и депресија.

Од друга страна, самотијата може да биде корисна состојба кога сме во мир со себе и кога немаме потреба од други луѓе. Таа ја реорганизира нашата креативна енергија, го обновува психофизичкото здравје, не соочува со самите себе и буди состојба кога сме сами, но не сме осамени. Конструктивното предавање на самотијата можеме да го искористиме за читање, размислување, прошетки во природа, спортување и детоксицирање од негативните вибрации на околината.

Јохан Волфганг Гете рекол дека „самотијата е убава ако човекот сам со себе живее во мир и ако се занимава со нешто корисно”.

Постојат личности кои иако се во одредена врска чувствуваат голема емоционална празнина, отуѓеност и осаменост. Тука се поставува прашањето, дали реално се осамени или самите си умислиле дека се осамени. Ако навистина се осамени треба да најдат начин тоа да го променат. Прашањето е зашто одржуваат врска во која се празни, отуѓени и осамени? На овие лица им се препорачува да размислат дали е подобро одреден период да бидат сами отколку со партнер кој постојано ја спушта нивната енергија и не придонесува да се чувствуваат мирно и опуштено. Актерот Робин Вилијамс таквата состојба ја објасни со зборовите:„Некогаш сум мислел дека во животот најтешко е кога ќе останеш сам. Не е. Најтешко е кога си опкружен со луѓе покрај кои се чувствуваш сам”.

Дон Мигуел Руис е во право кога вели дека „ако некој не ве сака и не ве почитува, вистински благослов е ако тоа лице ве напушти. Ако тоа лице не ве напушти, несомнено ќе доживеете со него многу години страдање. Заминувањето може да боли извесно време, но вашето срце на крајот ќе зацели. Тогаш ќе можете да го изберете она што навистина го сакате. Ќе откриете дека не мора да им верувате на другите онолку колку што мора да си верувате себеси за да го направите вистинскиот избор”.

Асоцијацијата е дека некои луѓе ни ја држат среќата, така што подобро е да сме сами отколку да одржуваме врска во која се чувствуваме несреќно, нереализирано и фрустрирано. Кога ги напуштаме таквите поединци, енергијата почнува да ни се буди и полека осознаваме дека непотребно сме ги запоставувале своите потенцијали. Одлевањето на емоцијата и енергијата за личност која тоа не го заслужува туку сака да не види паднати, слаби и беспомошни претставува сигурен пат кон страдањето и себеуништувањето.

Самотијата не секогаш е промисла на судбината туку сопствена одлука за дистанцирање и оттргнување од негативните лица и ситуации.

Така постапувале многу мудри умови. Откако сфатил дека му завидувале и љубомореле на генијалноста, Микеланџело донел одлука да се повлече од јавноста и да ги избегнува луѓето. Херман Хесе препорачал секој да почувствува нешто од суровоста на осаменоста, а Иво Андриќ тврдел дека таа е раскош на богатите духови. За Леонардо да Винчи само во самотијата можеме да си припаѓаме на себеси. Артур Шопенхауер велел дека само луѓето со богат дух уживаат во самотијата. Тој на младите им препорачал да ја препознаваат самотијата, бидејќи таа е извор на среќа и душевен мир.

Заклучокот е да не стравуваме премногу од самотијата, бидејќи подобро е одреден период да бидеме сами со себе отколку да одржуваме односи во кои не чувствуваме радост, мир и духовна исполнетост.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)