ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: ОПСТАНОК НА „НАЈСПОСОБНИТЕ“

1128

 

Човекот е креатор на судбината, така што самиот одлучува како ќе се постави пред вредностите и слабостите на сопственото постоење. Кога владеат неизвесностите, проблемите и тешкотиите оптимистите ја организираат својата сила и наоѓаат начин за успешно елиминирање на ограничувањата. Песимистите потклекнуваат пред тешкотиите, размислуваат за најлошото и ништо нé преземаат негативните состојби да бидат елиминирани.

Судбината е таква, каква со своите избори, размисли и постапки ја замислуваме и создаваме. Добрата судбина е плод на позитивни настојувања, мудри одлуки и дејствувања во насока на моралот, одговорноста и духовните вредности. Себичноста, алчноста, неморалот, негативизмот и уништувањето на колективните добра никогаш не можат да создадат добра судбина. Според законот на кармата „порано или подоцна секој го добива тоа што го заслужува“. Лошите последици следат преку појава на разни болести; елементарни непогоди и загадувања на природата; уништување на семејната хармонија; недостаток на мир и уназадување на заедницата; отуѓување, недоверба и незадоволства помеѓу луѓето. Сите овие нешта би можеле да бидат избегнати доколку се подигне свеста и сфати дека суштината на животот не е во егоистичкиот стремеж за површни задоволства, крадење, ниски страсти, експлоатација и заглупување на народот, туку во определбата да се биде одговорен, позитивен и доблесен.

Здравото општество секогаш е резултат на етички изградени поединци кои креативно дејствуваат и придонесуваат во создавањето „најголемо количество среќа за најголем број луѓе“. Англискиот философ Џон Стујард Мил како највисоко добро ја сметал културната и духовната среќа на луѓето. Тој искажал мошне интересен став: „Подобро е да се биде незадоволно човечко суштество, отколку задоволна свиња; подобро е да се биде незадоволен Сократ, отколку задоволна будала“.

Денешната форма на живеење (владеење) исполнета со многу лаги, манипулации и измами како да го негира овој став на Мил, бидејќи стана несоодветно да се укажува на духовни вредности, чист образ, достоинство, етика и хуманост кога скоро сé е подредено на површност, блуд, моќ, власт, изопаченост, неморал, егоизам и материјализам. Преовладува стремежот за постигнување краткотрајни задоволства, без да се размислува дали со таквото однесување се повредува другиот човек, се уништува семејството, се деградира моралот, се загадува природата, се уназадува заедницата или се изопачува достоинството на личноста.

Живееме во ера на извртени вредности во која трговијата со човечки органи и наркотици; белото робје; детската проституција; предизвикувањето војни и болести поради профит; суровата експлоатација на работникот; додворувањето на „моќниците и штетниците“; наметнувањето високо ризични технологии; уништувањето на шумите; загадувањето на природата и убиството на животот станаа „нормална“ појава за која малкумина размислуваат ѝсе спротивставуваат.

Рамнодушноста, стравот, апатијата, доброволното потчинување, одработување или релативизирање на злото се на сцена. Лошите луѓе ги креираат нештата, а духовно неосвестените и наивците подлегнуваат на креациите и ги трпат последиците.

Задоволството на телото стана исклучива цел на постоењето, така што во името на таа цел бескрупулозно се лаже, краде, изневерува, деградира, уништува и создава лоша практика на неморално и егоистичко дејствување. Малку се размислува за последиците од таквото однесување, а многу се придонесува за уништувањето на семејните вредности, за деградирањето на чесноста во љубовни односи, за отуѓувањето во меѓучовечките контакти и за нестабилноста на општествените текови.

Главното прашање е кон што се движи современиот начин на живеење и за какви вредности може да зборуваме во периодот исполнет со многу искушенија, опасности и тешкотии?

Новонастанатата криза произлезена од пандемијата ја потврди културолошката загаденост во која живееме. Наместо да станат свесни дека со неодговорното однесување го загрозуваат сопствениот живот и здравјето на другите, одредени поединци тврдоглаво инсистираат да го истуркаат своето, покажувајќи елементарна незаинтересираност за сигурноста и стабилноста на заедницата.  Ароганцијата, игнорирањето на чувството за колективна припадност, недостигот на емпатија и солидарност, егоцентризмот и ниското ниво на свесност стануваат поголема пандемија од пандемијата предизвикана од корона вирусот. Што да се каже за супер богатите чии фирми придобија финансиската помош од државата; за функционерите кои немаат доблест да се откажат од дел од своите високи месечни примања; за лидерите кои наместо да се загрижат за нестивнувањето на пандемијата, се надмудруваат кога да ги закажат изборите; за тотално неодговорните кои не ги запазуваат препораките од надлежните, туку се групираат по парковите, домовите, кафеаните итн.

Сите овие нешта укажуваат дека незрелоста, површноста, себичноста и нечовечноста се сериозно наметнати, заканувајќи се сé да однесат кон провалијата. Кризата со Ковид-19 предизвика јазот помеѓу екстремно богатите и крајно сиромашните уште повеќе да се зголемува. Тие што имаат најмногу, сакаат да имаат уште повеќе. Пензионерите со ниски примања и социјално загрозените слоеви во општеството се ставени на маргините. Многу лесно може да се случи темните облаци надвиснати врз човештвото да предизвикаат економска рецесија, а со тоа и уште поголема паника, чувство на загрозеност, страв и несигурност. Некои поединци и групации чекаат шанса уште повеќе да профитираат, додека многумина стравуваат да не го загубат и тоа малку што го имаат.

Иднината на човештвото не е розова, бидејќи на многумина им е помило да бидат задоволни штетници, отколку незадоволни луѓе кои бараат начин за извлекување од кризата и за воспоставување нови и похумани вредности на постоењето. Теоретичарите на заговор дополнително го разгоруваат стравот и несигурноста, ширејќи тези дека „сé е масло на креаторите на новиот светски поредок кои сакаат да ја намалат светската популација“. Дали се работи за оживување на еволуционистичката теорија на философот Херберт Спенсер (1820-1903) „за опстанок на најспособните“, ќе покаже времето кое е пред нас.

Како и да е, судбината на Земјата, напредокот на заедницата, хармонијата во семејството и среќата на личноста зависат од индивидуалните ангажирања и колективните настојувања за создавање позитивни вредности на животот.

Факт е дека светот во кој живееме е исполнет со многу неправди, себични побуди, негативни вибрации и лоши практики на однесување. Сите овие нешта го поткопуваат духот на човекот, оневозможувајќи го да ја пронајде светлината на постоењето. Сепак, судбината ја создаваме ние самите и ако сакаме да биде исполнета со благосостојба, мир и хармонија, неопходно е почнеме да работиме на елиминирање на сопствените слабости и да престанеме среќата во животот да ја мериме според задоволствата на телото, парите, титулите и предметите што ги поседуваме.

Време е да се свртиме кон позитивните вредности и да се обидеме општеството во кое опстојуваме да го направиме поубаво место на живеење. Одговорноста, самосвеста, духовноста и придонесот за општото добро се вредностите што го создаваат мирот и среќата.  За да ги оствариме, корисно е да ги имаме на ум препораките на Херман Хесе: „Бидете свои, поставете си ваши сопствени и единствени цели во животот, бидете оригинални и несекојдневни и пробајте да го пронајдете патот кој води до вас самите, пат кој ќе ве ослободи од стегите и предрасудите и пат кој ќе ве направи посреќни и поисполнети. Само така духовно ќе напредувате и бидете вистински среќни, реализирани и исполнети личности“.

Како заклучок ќе наведеме дека клучната цел не е да ја добиеме војната со вирусот (вируси постоеле и секогаш ќе постојат), туку како, пред сé, да го зачуваме сопственото достоинство, да ги сочуваме блиските и да придонесеме мирот, здравјето и среќата да станат наше секојдневие. Тоа ќе го постигнеме ако се определиме да му служиме на доброто, бидеме психофизички здрави и постигнеме  хармонија со самите себеси – тогаш не треба од ништо да стравуваме, бидејќи со Божја милости силна волја сите слабости ќе ги победиме.