ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Опасност

1847

Оптимизмот и верувањето дека на крајот сè ќе биде добро се клучни за надминување на животните тешкотии и за излез од кризата.

Опасностите го демнат современиот човек, така што колку и да го избегнуваме нивното влијание нема целосно да ги елиминираме. Тоа не значи дека треба да живееме во постојан страв, да шириме паника или да се опуштиме и воопшто да не се грижиме за последиците од сопственото однесување.

Нештата најчесто се такви, какви што со своја мисла, збор и дела ги создаваме – тие не се плод на судбината туку производ на нашиот однос кон вредностите или слабостите во животот. Како им пристапуваме на тешкотиите, такви ќе бидат и решенијата за излез од тешкотиите. Кога живееме во страв, манифестираме неодговорност, неразумност и себичност, тогаш не треба да се надеваме на успех и реализација.

Самосвеста, позитивниот пристап и препознавањето на опасноста се клучни за надминување на проблемите и за излез од кризата. Колку поинтензивно стравуваме, паничиме и нерационално постапуваме, толку побрзо се движиме кон опасноста и го загрозуваме сопственото постоење. Стравот од непознатото е најголемиот непријател на мирот и хармонијата. Кога проектираме црни сценарија и сметаме дека ќе настрадаме, тогаш зрачиме со негативна енергија и несвесно ја оживуваме и повикуваме опасноста.

Преземањето одговорност за сопствениот живот и постапувањето во насока на етиката, дисциплинираноста и добродетелта треба да бидат наш придонес во креирањето решенија за излез од кризата. Доколку со својата неразумност, неодговорност, испаниченост и исплашеност ѝ подлегнеме на негативната енергија, тогаш на какви позитивни резултати треба да се надеваме?

Подигнувањето на свеста и осознавањето на опасноста треба да бидат наши приоритети, надополнети со следење на препораките за избегнување ризични активности. Недостатокот на знаење претставува недостаток на моќ и немање капацитет за излез од кризата. Едно е да осознаеме од каде демне опасноста, а сосема друго е да не знаеме од каде ќе следи опасноста. Препознавањето на опасноста е половина решение за спас од опасноста.

Голема наивност и неразумност е да се потцени силата на опасноста (вирусот) и да се смета дека „јас нема да бидам во загрозените“. Секој може да биде загрозен и со своето неодговорно однесување да придонесе да бидат загрозени и другите луѓе. Од друга страна, опстојувањето во страв, манифестирањето паника и ширењето негативна енергија може да создаде сериозни проблеми за внатрешната состојба на личноста и да ја наруши сигурноста во надворешната околина.

Со долготрајно опстојување во страв, стрес и негативна енергија неминовно го оптоваруваме имунитетот и го ослабнуваме сопственото биополе.

Човекот поседува силни механизми на самозаштита и способност за регенерација. Малодушноста, наметнатиот страв и уверувањето дека сме жртви на судбината, нема да ни донесе ништо добро во животот. Според епигенетските истражувања, надворешните фактори и начинот на живот го условуваат активирањето или исклучувањето на нашите гени. Тоа укажува дека со своето размислување, однесување и дејствување ние сме креатори на сопствената судбина. Од нашиот пристап кон стресот, траумата и тешкотијата во голема мерка зависи квалитетот на животот. Силното емоционално реагирање поради неразрешени трауми, подложноста на константни стресови и негативни вибрации неизбежно го ослабнуваат нашиот имунитет и нè прават подложни на разни болести. Покрај останатото, здравствените опасности неретко произлегуваат и од следните околности: опстојување во нездрава социјална средина;неприфаќање на самите себе; трауматични искуства; депресија; несогледување на вистинските проблеми;живеење со чувство на вина; таложење емоционален отров манифестиран низ гнев, тага и потсвесна агресивност. Храната која ја јадеме, средината во која живееме, социоемотивните односи кои ги развиваме, психичките состојби низ кои поминуваме, стилот на животот кој го водиме во голема мера влијаат врз нашата епигенетика. Нездравата средина, лошите меѓучовечки односи, стресот, стравот и негативните навики имаат моќ да ја нарушат нашата епигенетика и да нè соочат со болести.

Позитивниот пристап, оптимизмот и добрата волја се главните вредности што и се потребни на нашата личност. Кога внимаваме на самите себе, манифестираме одговорност кон другите луѓе и стануваме свесни за потенцијалните опасности, тогаш ја зајакнуваме сопствената енергетска состојба и психофизички напредуваме.

Имунитетот е тесно поврзан со енергетската состојба на нашето битие. Научно е докажано дека емоциите силно влијаат врз имунитетот. Губењето надеж, ослабената волја, потиштеноста и обесхрабреноста длабоко ги поткопуваат можностите за излез од кризата и за надминување на опасноста. Во фолклорните умотворби е запишано: „Кога човекот ќе ги спушти крилјата (се откажува од борба), набргу му се зголемува шансата да заболи од тешка болест“. Научно е докажано дека имунитетот ја губи својата моќ кога живееме во константен стрес, страв и тага. Според рускиот истражувач Сергеј Лазарев: „Депресивната состојба провоцира закани од разни болести и активира напади од некои вируси“.

Постои голема поврзаност помеѓу нашето физичко и психичко здравје, така што одредени физички симптоми произлегуваат од психички причини. Се смета дека органите можат да се разболат кога сме постојано гневни, кога губиме вера во Бог (или судбината) и кога душата почнува да страда.

Кога внатрешно сме разјадени со црни песимистички мисли и живееме во страв и бесмисла, тогаш неизбежно стануваме подложни на разни болести. Со губење на волјата за перспективите на иднината, со долготрајна потиштеност и подложност на стрес го дисхармонизираме своето биополе и ја уништуваме способноста на имунитетот да ги идентификува и уништува штетните бактерии и вируси.

Најголемата опасност произлегува од немирот во душата, заглупувањето на духот и од предаденоста на ниските вибрации на телото. За да оздравиме треба да се грижиме за душата. Современата медицина е фокусирана на телото – таа на душата не и посветува доволно внимание.

Кога на внатрешен план погрешно се однесуваме, кога ја ослабнуваме верата и ја зголемуваме агресијата, тогаш на потсвесно ниво го вклучуваме програмот на самоуништување. Со односот што го развиваме кон етиката, духовноста, социјалната средина и природата веќе е вклучен програмот на самоуништување на ниво на целото човештво. Општ заклучок е дека љубовта сè помалку вирее на нашата планета. Цивилизацискиот напредок отвори простор за индустријализација, технологизација и сателитизација, но ги деградира моралот, чесноста, одговорноста и семејните вредности. Емпатијата, грижата, духовноста и сомилоста ја загубија битката со култот на парите и со разулавеното предавање на ниските страсти и задоволствата на телото. Сето тоа создаде лоши последици за психофизичката структура на човекот, сериозно загрозувајќи го опстанокот на човештвото, кое сè повеќе влегува во агресивно-депресивна состојба.

Кога не водиме сметка за љубовта, одговорноста и духовноста неминовно ги разгоруваме гневот, алчноста и себичноста. Тогаш не размислуваме за последиците од своето однесување, туку исклучиво сме заинтересирани за егоистичните цели и интереси. Во периодите на најголемите опасности да се беснее, манифестира површност и неодговорност кон сопственото и туѓото здравје значи дека некои луѓе не го положиле испитот на зрелоста, туку поседуваат ментален склоп на „едноклеточни организми“.

Ако човекот не ги почитува законите, се однесува себично и неморално, тогаш во душата му се намалува љубовта. Кога таквиот поединец ќе се навикне на неморалното, за него станува вообичаено да се одрече од љубовта, и потоа тргнуваат проблемите.

За да престанеме да грешиме неопходно е да ја преземеме одговорноста за сопствениот живот и да ја подигнеме свеста на повисоко ниво. Работењето на заедничките интереси е основно за излез од кризата и дистанцирање од негативноста.

Единствено со љубов, морал и верба во Бог може да се спасиме од најголемите опасностите. Правилниот однос е залог на опстанокот. Во тој правец одат и мудрите поуки запишани во Библијата: „Патот на праведните е да се отстрануваат од злото, и кој внимава на својот пат, го чува својот живот“.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)