ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Опасна закана

1589

Живееме во време на темнина – ја бараме светлината, но таа останува скриена. Несигурноста, јанѕата и немирот длабоко го поткопуваат егзистенцијалниот темел на постоењето. Песимизмот и стравот од иднината целосно се надвиснаа. Голем број луѓе се чувствуваат несреќно, осамено и отуѓено. Не знаат кому да веруваат и на што да се потпрат. Фрустрациите и незадоволствата се присутни на секој чекор.

Злото се заканува сè да однесе кон бездната, наметнувајќи систем на вредности креиран врз лаги, манипулација, контрола, неслобода, принуда и зависност. Моралот, умереноста и совеста ја губат битката со алчноста, површноста и неукоста. Смислата на животот почна да зависи од нагонската волја за уживање, консумеризмот, сладострастието и  потрошувачкото општество. Се наметна уверувањето дека угледот и почитта од заедницата произлегуваат од финансиската моќ и високиот статус, а не од акумулираното знаење, етичката свест, духовните вредности и придонесот за општото добро. Врвните спортисти (фудбалери) се далеку повеќе ценети и подобро платени од најпознатите доктори и научници кои помагаат да се спасат човечки животи. Етаблираните политичари имаат многу повеќе следбеници и „заслепени“ поддржувачи од најголемите духовни просветители и етички реформатори. Така било порано, така е и денес – изборот паѓа(л) на разбојникот (Варава), наместо на спасителот (Исус Христос).

Затоа не треба да се чудиме што постојат измамници кои во името на профитот, моќта и себичоста шират страв, создаваат ригорозни мерки и притисоци, наметнуваат ниски вредности и ги деградираат хуманите аспекти на битисувањето. Таквите поединци бескруполозно го експлоатираат работникот, го загрозуваат немоќниот, предизвикуваат несигурност кај заболениот, манипулираат со гласачот и си поигруваат со напредокот (судбината) на народот.

Историјата покажа дека човековата природа е наклонета да предизвикува зло, но и очајна за прошка, покајување (откуп) и ослободување од сопствените емоционални товари и гревови. Проштевањето, сочувството и меѓусебното почитување се основни за еволуцијата и опстанокот на човештвото. Позитивните вредности се плод на духовниот пристап кон животот. Негативните постапки се производ на духовната неосвестеност и нискиот степен на развој на личноста.

Еволуциски гледано луѓето се разликуваат според нивото на свест, емпатија, знаење и воспитание, како и според способноста за инкорпорирање на социјални, морални и духовни норми на однесување.

Кога ги потиснуваме аспектите на светлината, тогаш неизбежно ги вкусуваме последиците од препуштањето на темнината. Тие се одразуваат низ сè поприсутните болести, наездата на разводи, уништувањето на семејната клетка, егзистенцијалната несигурност, опасноста од губење на работно место, понижувањето на човековото достоинство, оддаденоста на ниските страсти и разните изопачени дејствија карактеристични за современиот начин на живеење.

Духовната неосвестеност и константната подложност на гревовни активности се патокази што водат кон пропаста и ништожноста на постоењето. Не преземањето одговорност за сопствените постапки создава навика вината за лошите околности да се префрла врз другите луѓе, заедницата или судбината. Нема ништо пострашно од гревот, лошите мисли и негативните постапки што преминале во навика. Св. Јован Златоуст има кажано: „Не е страшно за човек да падне во грев, тоа е човечки, но страшно е човек да остане во гревот – тоа е демонско“.

Најголемиот проблем е што гревовните навики, негативните постапки и коруптивните практики на распродажба на националните вредности (богатства) се релативизираат, озаконуваат и стануваат нормална форма на живеење. Дискутабилно е дали единките оддадени на негативизмот, измамата, алчноста и ниските страсти се свесни за своите злодела и какви последици си предизвикуваат на самите себеси и на заедницата која ја застапуваат или во која опстојуваат. Времето е најдобриот судија за сè  – тоа непогрешливо покажува дека поединците кои западнале во гревовни навики и иницирале негативни постапки, само навидум изгледаат задоволни со себе и спокојни, а всушност живеат обвиени со страв, црнила и болка.

Определбата да опстојуваме со тело на болка создава предуслови да живееме живот исполнет со болка. Голем број луѓе се обидуваат преку оддаденоста на ниските страсти и пороци да ја избегнат болката и главната закана – здодевноста и бесцелноста на сопственото постоење. Тоа предизвика да градат површни љубовни врски, неискрени пријателства и отуѓени семејни односи. Моралот, чесноста и достоинството на личноста сè повеќе се подредуваат на побудите поврзани со задоволствата на телото, сладострастието и искористувањето на можностите за препуштање на искушенијата, бидејќи „животот е краток за да се пропуштат нештата“.

Сиромаштвото на духот наметна консумеризмот, развратот и расипништвото да станат главна цел  во животот. Евидентно е дека култот на парите и ниските страсти го имаат приматот врз моралната свест и чувството за општото добро. Сè додека не се подигне колективната свест и не се препознаат вистинските вредности, сè дотогаш темните сили ќе управуваат со човештвото и ќе го држат човекот во страв, незнаење, подреденост и несигурност.

Позитивниот став е исклучително битен за да се чувствуваме добро со самите себе и за да изградиме моќна самозаштита од лошите влијанија на околината. Увидот во состојбата во која се наоѓаме е клучен за воспоставување позитивни промени во животот. Сепак, колку и да сакаме позитивно да гледаме на нештата, честопати животните околности нè принудуваат да се соочиме со горчливата вистина.  

Светот во кој живееме не е совршен, бидејќи повеќето од луѓето се несреќни, незадоволни и фрустрирани. Процесите кои се случуваат на глобален план нé ветуваат мир и хармонија – во ек сме на технологизација и роботизација кои лесно може да станат најголема закана за здравјето и сигурноста на луѓето. Последиците од воведување нови и недоволно испитани технологии (5Г-мрежа), можат да ја отворат „Пандорината кутија“ и да создадат потенцијална опасност за човештвото. Пандемијата на коронавирусот предизвика повеќе ништо да не биде исто. Современиот човек се соочи со големи предизвици и со отежнувачки околности кои сериозно може да ја загрозат неговата слобода, сигурност и стабилност. Сите овие искушенија, неизвесности и тешкотии условија нов пристап кон нештата, промена на досегашниот начин на живеење и реогранизирање на психофизичките капацитети на личноста.

Да се биде мирен, опуштен, задоволен и исполнет во свет (социјална средина) во кој преовладува критицизмот, примитивизмот и негативизмот воопшто не е лесна работа.

Критицизмот и негативната енергија произлегуваат од неисполнетите очекувања и незадоволството од перспективите на животот. Задоволниот, среќен и исполнет поединец не им завидува на другите, не прави пакости и не го оневозможува напредокот на заедницата. Живеејќи со тело на болка, таквиот човек свесно или несвесно се обидува својата внатрешна состојба на немир и фрустрација да им ја пренесе и на другите луѓе. Ниту еден диктатор, уништувач, тиранин и мачител на човечкиот род не се карактеризирал со внатрешен мир, хармонија и емоционална исполнетост. Омразата, уништувањето, негативизмот и суровоста се производ на сиромашниот дух, психопатолошките својства на личноста и заболеноста на душата.

Каков пристап треба да развиваме за да создадеме хармонични услови на опстојување и постигнеме мир со самите себеси?

Главно е да сфатиме дека колку и да се големи проблемите, должни сме да се бориме и да бараме начини за излез од дисхармоничната ситуација. Позитивниот став и вербата дека ќе биде подобро се клучните импулси за создавање нови поубави основи на постоењето. Претопувањето во матното, прифаќањето дека владее нечестивата енергија и релативизирањето на злото нема да ни донесат излез од кризата.

Решението е да почнеме да се бориме за тоа што го сакаме и заслужуваме – слобода, здравје, право на достоинствено живеење, мир и хармонија, бидејќи само така ќе се ослободиме од лошите влијанија и ќе ги неутрализираме опасните закани за хуманото битисување.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)