ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: ОДРЖЛИВО ОПШТЕСТВО (2)

184

Подемите и падовите се составен дел од животот, така што е мошне битно како се снаоѓаме во период на кризи и тешки егзистенцијални околности. Многу фактори влијаат врз просперитетот или стагнацијата на човековото живеење.

Илузорно да се надеваме дека во нашиот живот единствено ќе доминираат среќата, задоволствата, напредокот и успехот. Сите ние сме подложни на удари на судбината кои можат да произлезат од духовната неосвестеност или од колективна загрозеност поради разни заканувачки ситуации (пандемија, економска рецесија, војна, елементарни непогодби, климатски промени итн).

Без оглед дали се работи за општество или за поединец, секој од себеси го излева тоа што го поседува. Ако вложуваме во духот, внимаваме на сопствените постапки и се дистанцираме од лицата кои себично и неморално постапуваат, тогаш излеваме мир, хармонија и душевна убавина. Единките кои нé водат сметка за моралот, духовноста и позитивните вредности нужно зрачат со негативна енергија, фрустрација и манипулација. Од друга страна, општеството во кое преовладуваат криминалот, корупцијата, ниската свест за општото добро, неправдата, неодговорноста и неисполнувањето на професионалната должност неизбежно ги осудува своите граѓани на несреќи, фрустрации, ментални и физички болести, страв, сиромаштија и несигурност. Затоа, исклучително битно е да инвестираме во себеси, но и да придонесуваме за квалитетот на живеење во општеството во кое опстојуваме. Едното без другото не оди. Не вреди професионално и духовно да сме воздигнати, доколку околу себе имаме несреќни и незадоволни поединци кои не умеат да излезат на крај со разните егзистенцијални проблеми и тешкотии. Воедно, не вреди да живееме во совршено организирано општество во кое доминира безбедноста, еко свеста и материјалната благосостојба, доколку длабоко во себеси ние сме разнебитени, несреќни, дисхармонизирани и подложни на носталгија или недостиг.

Клучна цел е да работиме на подигнување на својот дух, да вложуваме во знаењето, да практикуваме морално однесување и да внимаваме какви вредностни начела воспоставуваме во заедницата во која живееме. Доколку опстојуваме во неодржливо и заболено општество, тогаш на каква среќа, хармонија и позитивна иднина треба да се надеваме?

„Општественото опкружување го обликува поединецот. Но и општествените институции се обликуваат според барањата на поединците што ги сочинуваат“, сметал Џордан Питерсон.

Општо познато е дека состојбите кои владеат во одредено општество длабоко влијаат врз квалитетот или дисхармонитетот на човековото живеење. Наездата на пандемијата покажа колку луѓето се ранливи и лесно подложни на негативни и загрозувачки состојби. Заканата од ковид-19 длабоко го поткопа начинот на живеење предизвикувајќи големи удари врз здравството, образованието, стопанството, безбедноста, економските текови и др. Човештвото се соочи со новонастанати околности кои почнаа од корен да го менуваат дотогашниот начин на опстојување. Глобалната здравствена закана создаде социјална отуѓеност и дистанцираност, но го интензивира ѝ стравот од болести, сиромаштија, осаменост и здодевност. Допрва ќе ги видиме последиците од пандемијата на психофизички план и како ќе течат работите на полето на економијата и развојот на стопанствата.

Гледано од психолошки аспект, колку поинтензивно стравуваве, паничиме, неодговорно и нерационално постапуваме, толку побрзо се движиме кон опасноста и го загрозува сопственото здравје и здравјето на другите. Во период на пандемија (ризикот од ковид-19 се уште е присутен), подигнувањето на свеста и осознавањето на опасноста треба да бидат наш приоритет, надополнет со следење на препораките за избегнување ризични активности. Стравот од непознатото е најголемиот непријател на мирот и хармонијата. Кога проектираме црни сценарија и сметаме дека ќе настрадаме, тогаш зрачиме со негативна енергија и несвесно ја оживуваме и повикуваме опасноста. Основно е да внимаваме на себеси и на лицата кои не опкружуваат, но не и да станеме параноидни и да проектираме песимистични мисли дека најлошото само што не пристигнало.

Многу нешта зависат од пристапот кон животот и од несублимираните потсвесни аспекти на личноста. Целокупната фројдова теорија за нагонот се темели на антрополошката претпоставка дека конкуренцијата и взаемното непријателство се својствени на човековата природа. Тоа укажува дека луѓето наместо кон соработка, емпатија, морал и позитивна интеракција, многу почесто се насочени кон егоизам, натпревар, неморал и потреба за моќ и превласт врз другиот. Суштината на конструктивизмот е да не форсираме неразумни однесувања, да не бидеме непријателски расположени и подложни на разни надворешни провокации, манипулации и стравови. Жан Пијаже (основач на конструктивизмот) има кажано дека човекот треба да биде самокритичен, одговорен и темелен во остварувањето на своите лични цели и визии, но истовремено да развива позитивен пристап кон визиите, мислењето и активностите на другиот. Асоцијацијата е да го подржиме тоа што е добро, но критички да пристапиме кон тоа што е лошо, без притоа да ја напаѓаме личноста на другиот, туку неговата погрешна идеја или постапка.

Кога сме водени од етичките начела, вложуваме во едукацијата и имаме јасна претстава што сакаме да работиме, тогаш нашиот живот е креиран од целта и смислата. Луѓето доживуваат позитивни емоции кога се во корелација со смислата или ја препознале вредната цел. Општеството напредува кога младите предност им даваат на учењето, себеосознавањето, добрите меѓучовечки односи и градењето на својата животна цел. Сепак, колку ѝ оптимистички да размислуваме, треба да бидеме свесни дека постојат голем број закани што младиот човек можат да го оттргнат од мирот, хармонијата и зацртаната цел во животот. Сите луѓе не се добри, етични и одговорни кон својата заедница, така што во името на парите, болните амбиции или потребата за моќ, може негативно да влијаат врз другите и да ги навлечат на разни зависности или да ги мотивираат кон лоши постапки. Затоа, ако сакаме да креираме одржливо општество, секогаш треба да бидеме ментално будни и свесни за разните опасности кои ги демнат луѓето, а особено младите зошто „младите се иднина на секое општество“.

Начелата на одржливото општество, помеѓу останатото се темелат и врз обезбедувањето на сигурност, безбедност, едукација и мотивација со кои младите ќе можат да се себеразвиваат и да придонесуваат за себеси и за својата заедница. Структурата на младата личноста се гради низ текот на годините и сé додека не постигне емоционално-духовна зрелост, лесно може да ја загуби својата емоционална стабилност и да потпадне во психофизичка криза. Постојат многу фактори кои претставуваат закана за развојот и сигурноста на младиот човек. Најголемите опасности произлегуваат од сé што може да го загрози мирот, хармонијата и здравјето на поединецот. Заканата од пандемијата влијаеше катастрофално за општата сигурност и стабилност, создавајќи  страв, паника и чувство на загрозеност, кои не ги заобиколија ниту младите луѓе. Овие опасности делумно се неутрализирани, но не и целосно оттргнати.

Пандемијата уште повеќе ја нагласи важноста за креирање одржливо општество втемелено врз индивидуални и колективни права и вредности. Ако не сакаме да живееме во заболено општество, неопходно е сите ние да преиспитаме кон какви начела го водиме својот живот и дали придонесуваме вредностите да станат секојдневие во непосредното опкружување и во заедницата во која опстојуваме.

(продолжува)

 

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)