ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Однос кон себе

745

Како ќе се поставиме кон самите себе, таков ќе ни биде животот. Ако не веруваме во сопствените вредности, постојано стравуваме, се оптоваруваме со грешките од минатото, живееме со чувство на вина, акумулираме потиснат гнев, манифестираме несигурност и малодушност, тогаш животот ќе ни создаде емоционален товар, притисок и тензија.

Доколку се откажеме од борбата да се хармонизираме на психофизички план и извлечеме од кризата, сами ќе го повикаме поразот. Наместо да одиме напред, ќе гледаме назад и ќе продолжиме да се жалиме и себеобвинуваме за сè што сме пропуштиле во животот. Откажувањето води кон конечен пораз на севкупната личност. На тој начин развиваме психологија на губитник, а да се живее со ореол на губитник воопшто не е добро.

Изборот на доброто секогаш е најдобриот избор – тој ја отвора портата кон позитивните перспективи на животот.

Колку и да ни е тешко во моментот, сигурно постојат убави и позитивни нешта со кои може да се гордееме и на кои треба да се фокусираме. Изборот на доброто секогаш е најдобриот избор – тој ја отвора портата кон позитивните перспективи на животот. Можеби во одреден период или домен од нашето постоење нештата не се одвивале на посакуваниот начин, но тоа не треба да биде причина севкупно да се разочаруваме, да ја губиме волјата и да сметаме дека целосно сме поразени и сме станале губитник во животот. Напротив, кризата е знак дека треба да се пробудиме и да сфатиме каде грешиме и што мора да подобриме и поправиме во своето живеење.

Доколку претходните обиди не се покажале успешни, неопходно е на проблемот да му пристапиме на поинаков начин. Доколку и во тој случај не успееме да ги придвижиме нештата кон позитивната патека, треба да примениме нов пристап, и сè така додека не го решиме проблемот. Решение секогаш постои, а до него ќе дојдеме доколку сме истрајни, мудри, борбени и посветени.

Како да го стекнеме тој цврст непобедлив став?

Главното нешто кое треба да го направиме, никогаш да не зборуваме за пораз и да се окупираме со лошите сценарија во мигот на сегашноста. Треба да знаеме дека перцепцијата и акумулацијата на негативното, секогаш ги зголемува можностите за привлекување на негативното.

Ако акумулацијата на негативната енергија се случувала во долг временски период, детоксикацијата и излезот од кризата ретко можат да дојдат преку ноќ. Затоа, прво што треба да направиме е да не брзаме и да бидеме трпеливи. Грешките секогаш се плод на брзоплетост и на желбата веднаш да се извлечеме од очајот, наоѓајќи експресно решение за проблемот. Тогаш сме најранливи и лесно може да станеме плен на некои лица и ситуации кои можат да ја искористат нашата невнимателност и подложност на туѓите „добронамерни“ влијанија. Кога трпеливо, упорно и посветено работиме на подигнување на самодовербата, позитивните резултати неизбежно ќе пристигнат и ќе создадат ново, посреќно и поуспешно јас.

Францускиот философ Мишел Монтењ има кажано: „Дали настаните во животот ќе бидат убави или неубави зависи пред сè од тоа како ние ги доживуваме“. Фокусот кон позитивното секогаш дава надеж дека ќе го надминеме негативното. Поттикнувањето кон доброто и убавото е основата на среќниот и хармоничен живот. Независно од тоа со која работа се занимаваме, нашиот мозок одлучува што сакаме да правиме под влијание на нашите позитивни и негативни емоции. Ние одлучуваме дали ќе останеме на ниво на лошото чувство поради повредите од минатото или ќе извлечеме поука од тоа што ни се случило и духовно зајакнати ќе тргнеме напред кон перспективите на иднината. „Тежнееме кон посебни цели, кон којзнае какви височини, а нашите реални потреби се многу, многу мали: неопходен ни е чист воздух, простор, топлина, пиење, јадење и она што е најважно – суштинска заинтересираност за самите себе“, напишал рускиот автор Андреј Курпатов.

Во контекст на суштинската заинтересираност за самите себе што е потребно да преземеме за да го постигнеме мирот и хармонијата во животот?

Потрошувачкото општество и опсесивната ориентираност кон материјалното и телесното предизвикаа постојано да ни недостига комфор и да живееме со чувството дека треба да имаме многу повеќе.

Најголемата среќа и највисоката основа е да бидеме во мир со самите себе и да се чувствуваме внатрешно исполнети. Тоа воопшто не е лесна задача, со оглед на разните притисоци, борби и неизвесности присутни во современото живеење. За некои нешта и самиот човек е виновен, зашто воден од своите мегаломански побуди постојано живее со чувство на недостиг и бара да владее, контролира, поседува и ужива во што повеќе и повеќе материјални добра и телесни задоволства. Потрошувачкото општество и опсесивната ориентираност кон материјалното и телесното предизвикаа постојано да ни недостига комфор и да живееме со чувството дека треба да имаме многу повеќе. Сите овие нешта укажуваат дека отсуството на среќа и внатрешниот немир се длабоко вкоренети кај современиот човек.

Смиреноста на духот не може да се постигне со робување на материјалното и телесното, туку со неутрализирање на нивното штетно влијание. Тоа ќе го постигнеме ако не претеруваме во јадењето, пиењето, ги контролираме нагонските импулси на телото, ги избегнуваме пороците, доволно спиеме, престојуваме во природа, не работиме повеќе од што можеме да издржиме, вложуваме во своето знаење, ја будиме свеста, другаруваме со позитивни лица и ја пронајдеме смислата и целта на сопственото постоење. Елиминирањето на потребата секогаш и секаде да им се допаднеме на другите, очекувајќи да бидеме вреднувани, почитувани и видени е патот што води кон избегнување на болката и постигнување на среќата, зашто на тој начин фокусот нема да биде поставен кон надвор, туку кон внатрешното чувство на мир и хармонија со самите себе.

Докажувањето на својата самовредност пред тој што однапред одлучил другиот да го обезвредни е јалова работа која исто така ретко ќе вроди со плод. Најдоброто решение е ние да зрачиме со среќа и позитивна енергија, зашто нема поголема казна за лицето кое сака да ни напакости од можноста да нè види радосни, среќни и исполнети.

Голема среќа е да ги имаме вистинските луѓе покрај себе кои нема енергетски да нè исцрпуваат и емоционално изместуваат. Доколку се случи да бидеме опкружени со негативци кои постојано се обидуваат да ни ја земаат позитивната енергија и лошо да влијаат врз психофизичката состојба на нашата личност, неопходно е веднаш да се дистанцираме или ако е тоа невозможно да пронајдеме начин да им се спротивставиме. Постојаните борби и конфликти не се добро решение, зашто негативците се хранат од негативното, тие немаат емпатија и добро пливаат во матното. Докажувањето на својата самовредност пред тој што однапред одлучил другиот да го обезвредни е јалова работа која исто така ретко ќе вроди со плод. Најдоброто решение е ние да зрачиме со среќа и позитивна енергија, зашто нема поголема казна за лицето кое сака да ни напакости од можноста да нè види радосни, среќни и исполнети. Независноста на духот, чистата совест, недостигот на чувство на вина и високиот морал се голем капитал во борбата со сите оние лица кои неморално постапуваат и негативно дејствуваат.

Кога не можеме да ги избегнеме ударите на негативците или кога чувствуваме внатрешна криза, неопходно е да се смириме и некое време да поминеме во мир со самите себе. Кога преовладува психофизичкиот замор и неубавата емоција треба да се опуштиме колку што можеме повеќе, да го слушаме внатрешниот глас и да се запрашаме која е пораката или што мора да разбереме во таквата ситуација.

Треба да знаеме дека Бог или космосот веќе имаат разработено план за секој од нас – наше е да умееме да ги читаме знаците и да се подготвуваме за моментот кога сè ќе биде добро.  

Само смиреноста привлекува смиреност, а подготвениот ум доживува мудрост. Заклучокот е да не брзаме, да уживаме во искачувањето кон врвот и да не стравуваме од тоа што ќе биде, бидејќи ќе биде тоа што мора да биде, односно ќе биде тоа што ние со својата мисла, волја, верба и дух сме зацртале дека заслужува и вреди да биде.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)