ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Нова карма

937

Животот честопати знае да биде тотално непредвидлив, тежок и полн со проблеми и ограничувања. Во таквите ситуации до израз доаѓа силниот дух, менталната издржливост, трпеливоста и храброста во справувањето со искушенијата или, пак, слабоста, ранливоста, несигурноста и стравот од соочување со предизвиците. Затоа некои реагираат енергично и веруваат дека ќе најдат решение за проблемите, додека други се повлекуваат во себеси, постојано стравувајќи од најлошото.

Да се задржат оптимизмот и присебноста во екот на најголемите опасности е показател за силна волја, ментална цврстина и позитивен дух. Од другата страна, константната подложност на страв, стрес и негативни вибрации не може да донесе ништо добро, освен што ќе предизвика потиштеност, несигурност и неспособност за справување со тешкотиите.

Колку повеќе се жалиме и плашиме од ударите на судбината, толку помалку ќе успееме да се извлечеме од кризата.   

Честопати дармата (можност за правилно постапување) нè поставува пред животен крстопат, соочувајќи не со опцијата за автономно бирање на патот по кој ќе се движиме. Во тој момент, лично сме одговорни за донесената одлука и врз основа на тој избор кармата нè соочува со добри или лоши последици. Неукоста, наивноста, заслепеноста, па и тврдоглавоста неретко не ставаат во мошне незавидни животни ситуации, затоа што не размислуваме за последиците кои произлегуваат од неразумните однесувања. Во народните умотворби за лицата кои настрадуваат поради своите лоши постапки е кажано: „ѓаволот дојде по своето“.

Според будизмот, противници на духовното ослободување и иницијатори на негативните кармички последици се следните дејствија: алчност, омраза, гнев, измама, љубомора и заслепеност од негативно определени водачи.

Ригорозниот аспект на кармата асоцира дека никој не може да избега од последиците на своите дела или недела, така што „секој го добива заслуженото“. Од другата страна, флексибилниот аспект на кармата отвора можност со молитва, покајување, духовна посветеност, трпеливост, насоченост кон доброто и низ осознавање на животните лекции да го отплатиме кармичкиот долг и да се спасиме од тешките удари на судбината. Хиндусите тоа го објаснуваат со терминот „мокша“ (ослободување). Според будизмот, противници на духовното ослободување и иницијатори на негативните кармички последици се следните дејствија: алчност, омраза, гнев, измама, љубомора и заслепеност од негативно определени водачи.

Правилното морално постапување (дарма) отвора можност да ја олабавиме железната нужност на кармичките влијанија и да почнеме слободно да дејствуваме. Кармата обично не се рефлектира врз сите области од нашето живеење, туку загрозува некои домени. Поради разни причини поврзани со гревови од минатото (сопствени или на предците) некој трпи кармички удари во полето на љубовта, друг во работата, трет на семејно, финансиско или на здравствено поле итн. Одредени учења укажуваат за постоење на колективна карма, така што има нации и фамилии (кланот на Кенедиеви, Оназис, Грималди, Гинис итн.) кои трпат трагични кармички влијанија. Швајцарскиот психијатар Карл Густав Јунг има пишувано за архетип на колективното несвесно (духовно искуство) кое предизвикува одредени народи со милениуми да негуваат воинственост и освојувачки менталитет, а некој други со векови да бидат подредени, плашливи и подложни на туѓи влијанија, притоа собирајќи несозреани, неуки, алчни, поткупливи и превртливи водачи.

Кога сме под влијание на строга кармичка законитост и животни последици со кои мораме да се соочиме (ненадминлив здравствен проблем, љубовни или семејни загуби, финансиски или работни тешкотии), тогаш не ни преостанува ништо друго, освен достоинствено да го изодиме патот што ни е пропишан од судбината.

Излезот е во прифаќањето на нештата и во уверувањето дека ништо не е случајно и дека сé си има свое зошто и поради што (некоја причина). Одредени нешта морале да ни се случат и ние треба да ги прифатиме. Решение за излез од кармичките долгови натрупани со нашето „неодговорно“ живеење се наоѓа во повисоката свест за вредностите на постоењето. Со позитивен пристап, посветеност на Бога, неутрализирање на негативните вибрации, непотпаѓање на ниските страсти и его-борби во голема мера можеме да ја исчистиме кармата и да спречиме таа да се пренесува врз идните генерации (поколенија).

Отплатата на кармичкиот долг ќе го почувствуваме откога ќе постигнеме мир со себе, станеме повитални, посреќни, поопуштени и свесни дека повеќе не сме зависни и подредени на одредени лица, ситуации и животни околности.

Затоа, клучно е да престанеме свесно да им се предаваме на гревовните активности и да се натрупуваме со нови кармичките долгови. Најдобрата работа што може да ја направиме за својата душа е да го постигнеме ослободувањето од кармичките влијанија и да почнеме самите да одлучуваме за патиштата по кои ќе се движиме во животот. Отплатата на кармичкиот долг ќе го почувствуваме откога ќе постигнеме мир со себе, станеме повитални, посреќни, поопуштени и свесни дека повеќе не сме зависни и подредени на одредени лица, ситуации и животни околности. Себеспознанието, зрачењето на духот и личната преобразба се најголемиот показател дека се движиме по вистинскиот пат и дека сме под влијание на правилното морално постапување (дармата). Треба да знаеме дека не постои само лоша карма, туку има и добра карма, а таа се стекнува со позитивни постапки и следи како награда (духовна заштита) за сите благородни и богоугодни дела.

Што треба да направиме за да се спасиме од лошата карма?

Треба да сфатиме дека животот е непрекинат процес во кој дармата и кармата, подемите и падовите, успесите и неуспесите, задоволствата и болките, надежта и безнадежноста постојано ги менуваат местата создавајќи волја, силина и духовност или, пак, слабост, апатија и криза. И како што секоја криза е шанса за создавање ново и подобро Јас, така и секоја промена е можност за развој или за соочување со некоја нова криза. Од човекот зависи дали од кризата ќе создаде шанса за позитивна промена или со промената ќе потпадне во уште поголема криза.

Каков однос градиме кон минатото, таква перспектива отвораме за иднината. Од нас зависи дали на белиот лист хартија ќе почнеме да ги запишуваме црните точки на животот или во најцрната ноќ погледот ќе го насочиме кон сјајот на ѕвездите, надевајќи се дека светлината ќе ја победи темнината, а радоста ќе ја замени тагата. Кога се фокусираме кон сето добро во нашето постоење; кога го прифаќаме тоа што не можеме да го промениме и кога позитивно се насочуваме кон нештата врз кои можеме да влијаеме, тогаш нема причина за стравување туку за радување зашто со оптимизам, верба и надеж влегуваме во Новата година, отворајќи се за прекрасните денови кои следат во нашето живеење.

Годината што измина беше опфатена од многу темнина, изолација, губитоци, стравови и убедувања дека најлошото само што не пристигнало. Но, таа година колку и да беше исполнета со губитоци и тешкотии со себе донесе и увид во силината на човековиот дух, моќта на надежта, вредноста на човечноста и флуидот на поврзаноста.

Како што лозата ја боли кога ја кројат и лее солзи по својата младост, така таа иста лоза напролет кога ќе види колку грозје родила на своите гранки, ќе крикне од радост и веднаш заборава на претрпената болка, зашто дрвото што не раѓа се сече и става во огнот!

Така е и со животот, во него ако недостасува темнината, не би умееле вистински да ја милуваме светлината; ако не го осознаеме злото, не би ја ценеле хармонијата произлезена од добрината; кога не би ја осетиле горчината на нељубовта, не би уживале во блаженоста на вљубеноста; кога не би постоело соочувањето со болеста, не би ја почитувале вредноста на здравјето.

На крајот, откако сме успеале да се сочуваме себеси и своите најблиски од најлошото, треба да се радуваме што постоиме и што ја имаме можноста да се надградуваме, менуваме и подобруваме, притоа насочувајќи ги своите мисли и отворајќи го своето срце кон сите оние лица за кои божјата промисла определила душата да им престојува во еден поубав свет на постоење каде болестите исчезнуваат, стравовите избледуваат, а материјалните и статусни разлики не опстојуваат.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)