ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: НЕМИР ПОРАДИ НЕДОСТИГ

516

Неразрешените емоционални шеми од минатото влијаат врз нашето однесување и можат да ни создадат конфликти и недоразбирања со другите лица. Дали е тоа поради емоционалната шема на ранливост, па брзо се возбудуваме и стануваме  ранливи за сè и сешто? Можеби некој нема намера да нè повреди, но ние чувствуваме дека сме атакувани, дека некој кон нас оди критички и со тенденција да нè омаловажи. Одредени ситуации и туѓи постапки ги активираат нашите емоции, предизвикувајќи ни бурна реакција и внатрешен немир, многу повеќе отколку што претполага ситуацијата.

Некој друг, пак, живее со потреба во сè да постигне перфекционизам, веројатно со цел да докаже дека вреди и дека е посебен. Живеејќи со таква емоционална матрица, тој нужно станува незадоволен и неисполнет. Затоа, колку и да му даваме љубов и да му посветуваме внимание, ќе смета дека тоа е недоволно, така што ќе продолжи во сè да го бара перфектното и идеалното. Таквите поединци манифестираат незадоволство и кон самите себе, бидејќи опсесивно се стремат кон „повисокото”, „помоќното”, „поуспешното” и доколку не ги остварат целите, неминовно стануваат незадоволни и фрустрирани.

Одредени лица имаат голем страв од напуштање. Затоа, често се чувствуваат стегнато, блокирано и се во постојана психоза и страв партнерот да не ги напушти, да не ги изневери или да не им наштети. Како реакција на таквиот страв, тие неретко одлучуваат и самите да напуштаат, сè со цел да го спречат ризикот да бидат напуштени. Кај некои од нив, можеби родителот ги напуштил, можеби доживеале трагични ситуации во детството или, пак, во младоста имале љубовни врски кои завршиле трауматично. Тој страв од напуштање длабоко се вкоренил во нивната потсвест, па во одредени ситуации (посебно кога се чувствуваат загрозени од другите) манифестираат нервозно, фрустрирано, конфликтно, нерационално и импулсивно однесување.

Лицето кое живее со емоционална шема на критичар, виновникот за кризата и проблемите во врската, речиси секогаш го бара кај другиот. Менталниот напад најчесто го изразува со следните зборови: Ти си виновен/виновна, во тебе е проблемот; поработи малку на своите манири; покажи чувства и љубов овде и сега; ми проаѓа животот поради твоите стеги и комплицираност; не знаеш да се опуштиш и да ме направиш среќна/среќен; ако не правеше така, немаше да биде вака; само да се насмевнеше, да прифатеше и сè ќе беше добро; попреку ме гледаш и лошо се однесуваш со мене, наместо да си среќен што ме гледаш, ти манифестираш незадоволство и фрустрираност.

Добар дел од овие забелешки не се реални, туку се плод на фикција и погрешна перцепција.

Овие лица претпочитаат да се себенаметнуваат врз другите и да ги воспоставуваат сопствените мерила за исправност, бидејќи сметаат дека секогаш се во право, иако тоа нема врска со реалноста. Треба да научат оти стварноста на другите луѓе е еднакво реална и еднакво вредна.

Секој најчесто го гледа тоа што сака да го види или неретко, тоа што го носи во себе.

Личноста така ги доживува и перципира нештата кај другиот, мислејќи дека „не сака да ѝ се насмее, да ѝ изрази љубов или да ѝ искаже убав збор”. Барајќи скриени причини за таквиот однос, едниот почнува вербално да напаѓа и обвинува, без притоа да преиспита во каква емоционална ситуација се наоѓа партнерот: дали го измачува некој проблем, дали е психофизички истоштен, дали убаво се чувствува, дали имал мирен сон, дали се соочува со некои работни, здравствени или егзистенцијални проблеми. Влегува низ вратата и веднаш оди критички, негативистички и со напад, само затоа што „партнерот не ѝ се насмевнал”! Дали тука може да се зборува за вистинска љубовна припадност или за некој патолошки тип на однесување?

Впрочем, ако во животот и љубовта сè зависи од насмевката, тогаш лесно се решаваат проблемите. Напротив, проблемите многу повеќе се производ на нарушените односи и губењето на темелот на заемната блискост и посветеност.

Одредена личност живеејќи под емоционалната шема на недостиг (лишеност), ги гледа и доживува проблемите и онаму каде што, фактички, тие не постојат. Од друга страна, пак, може да се прашаме и колку секој од нас е свесен како изгледа во очите на другиот и колку ние самите сме способни објективно да процениме каква енергија зрачиме за партнерот? Секогаш е многу полесно за своето однесување да најдеме вина кај другиот, така што кај партнерот ја забележуваме реакцијата, но не и нашето однесување кое можеби довело до таквата реакција. Сепак, факт е дека најчесто луѓето се расправаат за најбанални ситници, за не толку важни нешта, и тоа само затоа што чувствуваат дека егото им е повредено или дека „недоволно” им е возвратено за љубовта што ја даваат. На тој начин, тие самите себеси се повредуваат, затоа што не пораснале на духовен план, ниту имаат разрешено некои трауми, тегоби и емоционални шеми произлезени од претходната љубовна врска или брак, од детството или од животот. Неразрешените ситуации им создаваат несвесна фрустрација и проекција дека нештата не се доволно добри, што од друга страна, ги тера да заземат одбранбен став и опсесивно да се штитат од другите. Нивното мото е: Дај ми љубов за да ти дадам; усреќи ме, па јас истото ќе го направам за тебе. Сепак треба да сфатиме дека токму малите нешта го прават животот убав. Позитивниот момент, споделеното чувство, покажаното внимание – тоа се тие делчиња на мозаикот наречен среќа.

Тука ќе елаборираме две решенија, кои може да ни помогнат да најдеме излез од таквата ситуација.

Прво, треба да знаеме дека атакуваниот поединец како и да се однесува, што и да прави, нема да биде најсигурен дали неговото однесување позитивно ќе влијае врз расположението и очекувањата на другиот. Да ја земеме за пример изразената насмевка. Ако таа не е рефлексија на природна реакција, многу брзо ќе бидеме обвинети од партнерот дека вештачки се смееме – став кој можеби е далеку од вистината. Од друга страна, пак, ако посегнеме по решението да одглумиме насмевка, да ги исконтролираме реакциите и да внимаваме на однесувањето (за случајно да не го изнервираме партнерот), прашање е дали и тоа ќе вроди со плод. Кадија те суди, кадија те тужи, така што засегнатата страна одлучува што е вистина, а што лага.

Второто решение е малку порадикално. Тоа препорачува да го заштитиме своето ментално здравје и да ја напуштиме индивидуата која постојано манифестира незадоволство. Предвид може да ја земеме и следната опција: повремено да се дистанцираме од негативната енергија на партнерот и да престанеме да се расправаме и труеме за небитни работи од типот дали насмевката била вистинска или не, дали поканата за средба со пријатели била искрена или формално кажана итн.

Бидејќи во животот нештата треба добро да се обмислат пред да се донесе конечниот суд, можеби најсоодветно е на саканата личност да ѝ дадеме време да почне да ги решава емоционалните шеми, да допре до себеси и да преиспита дали има капацитет да ги надмине сопствените проблеми или ќе продолжи да ги обвинува другите за сè што ѝ се случува во животот. Но едно е важно, никој од никого нема право да бара да се менува заради другиот!

Она што е клучно е секој да биде во хармонија со себе и да се прифати онаков каков што е, а доколку почувствува потреба дека треба да се менува тоа да го направи заради себе, а не заради исполнување на нечии очекувања што другиот ги наметнува. Затоа рекле „немојте да се менувате за да им се допаднете на другите, туку бидете она што сте за вистинските луѓе искрено да ве сакаат”!

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)